Поврзете се со нас

Македонија

Вардар се збогува со легендарниот Ванчо Трпевски

Објавено

на

Во 87-та година од својот живот почина легендарниот фудбалер Ванчо Трпевски, кој целата своја кариера од 50 години ја помина во ФК Вардар, каде што работеше како тренер во сите категории. Вистинското име му е Јован Трпев, но сите го знаат како Ванчо Трпевски.

Во клубот започнува во 1949-та само две години откако се формираше клубот како еден од првите членови на пионерската екипа. Преку пионери и младинци стигнува и во првиот тим на Вардар. На 25 години ја прекинува играчката кариера и преминува како професор на факултетот за физичка култура, од каде Вардар го поканува хонорарно да работи во младите категории.

Беше тренер на Вардар во сезоната 1993/94 кога нашиот тим ја освои втората шампионска титула на Македонија, беше помошник во стручниот штаб, селектор на пионерската, јуниорската и сениорската репрезентација на Македонија во рамките на СФРЈ, а по независноста и селектор на јуниорската репрезентација на Македонија, потоа и на младинската до 21 година.

– Минав педесет години во клубот кој што никогаш не помислив да го напуштам. Вардар е мојот живот, мојата љубов, мојата младост. Сум имал многу прилики и понуди од други клубови од Југославија и од странство, меѓутоа никогаш не можев да си одам од Вардар и да ја напуштам мојата љубов. Вардар стана неофицијален европски првак на Европа, кога во Ница ја победи големата Барселона. Ете толку беше силен Вардар и во европски рамки. Сум создавал многу таленти со тоа што сум играл многу натпревари и сум учествувал на многу турнири. Тогаш младите играчи беа достојна замена за првотимците. Работев како асистент на многу познати фудбалери како Младениќ, потоа асистент тренер во Вардар бев на Бобек, Вишњевац, Геруш, Вилиќ. И после 50 години работа отидов во пензија, горд што бев дел од Вардар во кој што растев и јас, а паралелно и клубот,- кажа Трпевски при посетата на својот Вардар во 2017-тата година.

Извор и фото: ФК Вардар

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни