Поврзете се со нас

Македонија

Валтер ја откри тактичката замисла која вродила со плод: Намерно го напаѓавме Стоилов

Објавено

на

Еурофарм Пелистер одново ја доби првата битка со Вардар на стартот на сезоната како што беше и минатата година, грабнувајќи ја титулата во Суперкупот кој се одигра во Охрид.

Битолчани имаа негатива од два гола во самата завршница од мечот и се изборија за израмнување и пресврт како и на дуелите со Татран и Нексе, што направи оваа победа да биде уште послатка за тренерот Ларс Валтер, кој откри и дел од својата тактика во првото полувреме.

– Зборувавме многу за овој меч во најавата. Ако ги гледате првите осум играчи со кои располага Вардар, тоа се искусни ракометари, имаат освоено многу и тоа знае да биде предност во вакви натпревари. Нашите немаат освоено ништо, па целта ни беше да играме брзо и да се обидеме да ги измориме. Трчавме повеќе од што трчаме обично, тие ја загубија главата кога имаа шанса и ние искористивме за да победиме. Знаевме дека ќе биде тешко и дека ќе има меч без многу голови. Мислам дека сите гледаа квалитетен ракомет.

– Веќе имавме многу мечеви каде губевме и на крајот победувавме. Така беше и сега и тоа ја прави победата уште послатка. Се вративме со Татран, исто и со Нексе и сега повторно победивме со пресврт. Тоа е добро за нас во иднина, – порача Валтер, кој им се заблагодари на двете навивачки групи за атмосферата во салата.

– Мора да искажам благодарност до фановите. Стварно сум многу благодарен, ова е специјално, посебно за нас што доаѓаме од страна и кои никогаш не сме виделе вакво нешто. Ова ќе се памети и ќе остане во нашите срца засекогаш, – додаде Валтер, кој на поставеното прашање од „Дерби“ за тактиката на неговиот тим да организира акции со таргет во средината на одбраната на Вардар, откри дека тие намерно го напаѓале капитенот Стоилов во првото полувреме.

– Во првото полувреме го напаѓавме Стоилов многу и тоа беше со намера. Тој игра многу и сакавме да го измориме со нападите во средината. Во првото полувреме тоа функционираше многу добро, додека во второто се играше физичка игра и протокот се сведе на индивидуални потези, – заврши тренерот на Еурофарм.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни