Поврзете се со нас

Македонија

Сејдини: Потврдивме дека има резултати кога се работи искрено и мотивирано

Објавено

на

Фото: ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија и наредните четири години ќе биде водена од досегашниот претседател Муамед Сејдини, откако тој како единствен кандидат денеска доби поддршка од делегатите на редовното Изборно собрание.

Сејдини ќе ја раководи федерацијата до 2025 година, а покрај добиената поддршка од УЕФА и ФИФА, самиот најави уште поголема ангажираност и инвестиции во фудбалската инфраструктура во земјата.

– Денеска е големиот христијански празник – Прочка. Јас сум муслиман, но и во нашата вера, откако ќе прости, човекот ќе има кроткост, трпение, смирение и човекољубие. Простете ако грешев.

– Честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија е голема. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развој на македонскиот фудбал.

Претходната 2020 година на фудбалски план ќе ја паметиме по нашиот најголем успех и пласманот на нашето прво Европско првенство. Потврдивме дека кога се работи искрено и мотивирано резултатите не изостануваат.

– Во тој правец ќе продолжиме и во следниот период. На најдобрата репрезентација им ги овозможуваме најдобрите услови за работа, а поголем мотив за нив од настап на Европското првенство мислам дека не постои. Им посакувам многу успех во Букурешт и Амстердам и дај Боже одново да се радуваме на големи резултати.

– Поддршка, техничка, финансиска и логистичка, како и досега ќе добијат и сите други национални селекции. Тоа е нашата репрезентативна база и ќе продолжиме да ги надградуваме младинските селекции и Академијата на ФФМ.

– Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ја помага својата база. А, општинските фудбалски сојузи се нераскинлив дел од нашето семејство. Ве повикувам да разговарате, да се борите, да работите заеднички.

– Ги повикувам и охрабрувам клубовите од Македонската лига. Вклучете се активно во организацијата на натпреварувањата. Како и досега, секогаш ќе ја имате мојата и поддршката на федерацијата за формирање на ваше здружение за организација на натпреварите. За тој чекор, ниту некогаш сум бил противник, ниту ќе бидам. Тоа е натпреварување на клубовите и доколку сметате дека треба да го организирате преку свое здружение ја имате мојата целосна поддршка. ФФМ ќе помогне во таа насока на начин на кој заеднички ќе одлучиме.

– Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои нѐ красат. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена, – истакна стариот-нов претседател на ФФМ.

Фото: ФФМ

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни