Поврзете се со нас

Шах

Коментар: Државно училишно првенство во шах – Фарса или шаховски турнир?

Објавено

на

Во петок, на 22 ноември, во Демир Хисар беше организирана манифестација со наслов Државно првенство во шах за основни и средни училишта, во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, но единствено за кое вреди да се зборува од неа е максималното залагање и борбеност на учениците кои демонстрираа натпреварувачки карактер и желба за победа, и на кои треба да им се честита за прикажаното во дадените околности.

На турнирот имаше ученици од градот домаќин, некои поблиски општини како Охрид, Битола и Прилеп, како и ретки претставници од Кочани, Свети Николе и Скопје. Со тоа, дел од мисијата на турнирот, да ја пропагира „древната“ игра на различни територии од државата, е делумно исполнета. Истовремено, турнирот беше организиран според ретко видени правила, за кои може да се постави прашањето дали се вистински избор за спроведување на вакво натпреварување?

Во овој коментар наведувам дел од нелогичностите кои го следеа овој турнир, а кои го спречуваат истиот да биде респектабилна манифестација.

sahovsko prvenstvo na FUSM

1. Во расписот за овој турнир не се наведени правилата на игра, како што е ред во секој друг, каде што се истакнуваат бројот на колата и времето кое се доделува за игра на секој од играчите. Иако турнирот беше поделен во 4 натпреварувања (основни училишта – машки и женски, како и средни училишта – машки и женски), на него имаше 55 учесници, односно „во груби црти“: три категории со околу 10 учесници и една со 30 учесници (основни училишта – машки). На целиот турнир имаше само две деца од Скопје, кои претходниот викенд учествуваат на Младинското првенство на Град Скопје во организација на градскиот шаховски сојуз, каде што инаку имаше 81 учесник.

2. Иако се наведува дека овој турнир е во соработка со Шаховската федерација на Македонија, од началството на федерацијата добивме негативен одговор за тоа дека се вклучени во организацијата на овој турнир.

– Управниот одбор нема дискутирано на оваа тема и во календарот на ШФМ немаме таква манифестација,- одговори на прашањето на „Дерби“ членот на УО, Зоран Стојчевски.

3. Согласно расписот за турнирот, во иста категорија играат деца од 1 до 9 одделение, што не нуди рамноправни шанси за секој учесник, како во првенствата органзиирани според правилата на ФИДЕ, каде што учесниците се поделени во старосни категории, со чекор од две години меѓу нив. За да илустрирам подобро, замислете на ист турнир во карате или во некоја друга борачка вештина, да се натпреваруваат деца од 6 и од 14 години во иста конкуренција! Дали некој родител би дозволил негово дете да се натпреварува според таков правилник?

4. Темпото на игра со кое се спроведе турнирот беше 10 минути за секој играч, со бонификација од пет секунди за секој одигран потег. „Дерби“ го консултираше ИМ Тони Кироски, кој воедно е интернационален шаховски судија и лани судеше на Европскиот клупски куп во Солун, а оваа година на Европско првенство за млади во Братислава.

– Според членот A.1 од правилата на ФИДЕ, партија забрзан шах е онаа во која сите потези мора да бидат одиграни во фиксно време поголемо од 10 минути, но помало од 60 минути по играч; или каде додаденото време плус 60 пати на било кој додаток на време е поголем од 10 минути, но помал од 60 минути по играч,- ни одговори Кироски.

Ова отвора и други прашања како на пример самото име на турнирот „Државно училишно првенство во шах“, бидејќи официјалните шаховски натпревари се организираат во сите различни временски дисциплини. Така, Скопје во декември 2018 година беше домаќин на Европското првенство во брз (блиц) и забрзан шах (рапид), а во март 2019 година беше домаќин на Европското првенство во стандарден шах. За да биде овој турнир посериозно сфатен и да ужива респект меѓу младите играчи, организаторите би требало да се погрижат да се почитуваат основните шаховски правила, а воедно и да ги консултираат шаховските работници во Македонија кои работат на едуцирањето на младите шахисти, дали ваквото забрзано темпо на игра е добро за нив или не!

5. Европската шаховска унија организира Европско школско првенство, во кое настапуваат играчите поединечно и играат стандарден шах со темпо од 90 минути плус 30 секунди за секој потег. Настрана од ова, Интернационалната федерација за школски спорт во која што членува и македонската федерација, организира Светско школско првенство во шах, кое што оваа година се играше во Ерменија. Ова натпреварување беше во екипна конкуренција, со темпо на игра според правилата за стандареден шах. Федерацијата за училишен спорт на Македонија не само што не го организира својот турнир според интернационалните урнеци, не се грижи ниту да испрати учесник на овие меѓународни првенства од Македонија. Со тоа јасно е подвлечена линија дека овој турнир се организира колку за портфолиото на самата федерфација, а не во корист на младите спортисти кои имаат потреба од квалитетни турнири за натамошно доизградување.

shkolsko demir hisar 2019

За пропустите и ниското ниво на организација може да се зборува уште многу, па така на пример, иако во расписот се бараше членска карта од Сојузот за училишен спорт, на самиот турнир ниту постоеше легитимирање, a дел од учесниците во салата „Јордан Пиперката“ седеа облечени во зимски јакни бидејќи им беше студено. Дел од родителите кои беа присутни на трибините евоцираа спомени од пред неколку години, кога ваков турнир се играл во Велес во угостителски објект кој не можел ниту да ги прими сите заинтересирани.

Согласно претходно напишаното, го завршувам овој коментар со желба одговорните лица од Федерацијата за училишен спорт да имаат доблест и да ги согледаат негативните аспекти од вака организираната манифестација и да повлечат потези со кои во иднина ќе направат од истата да биде респектирана и ценета, а најголемо задоволство би требало да биде ако со тоа им помогнат во нивната шаховска едукација и натамошни успеси.

Александар Табаковски

sahovsko prvenstvo na FUSM na FB

sahovsko prvenstvo na FUSM na FB 22

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни