Поврзете се со нас

Шах

Хрватска е втора земја која ги рестартираше шаховските активности над табла!

Објавено

на

Шаховската федерација на Хрватска беше посочена од ЕКУ како втора земја која ги рестартирала шаховските активности по Исланд.

Надлежниот орган во оваа држава чие што соопштение од 27 мај е пренесено на сајтот на федерацијата дозволува одржување на спортски активности без публика од 30 мај, а во затворена сала по 13 јуни.

За волја на вистината, првиот закажан турнир во Хрватска е од 18 до 29 јуни, а претставува државно поединечно првенство во машка конкуренција. Вообичаено, ова првенство се игра по покана, и се класифицира како „затворено“, а на кое најстапуваат најквалитетните играчи.

Ова е сосема согласно со препораките на ЕКУ кои беа објавени по направените протоколи за рестартирање на шаховските активности, а беа пренесени до националните федерации и преку заеднички состанок на платформата „Зум“ (дополнително споделени и на YouTube), како и во е-магазинот на ЕКУ за мај 2020 година.

На првенството на Хрватска своето учество го потврдиле Марин Босиочиќ (кој лани настапуваше за ШК Алкалоид на Европскиот клубски куп), како и уште десет велемајстори: Зденко Кожул, Анте Бркиќ, Хрвоје Стевиќ. Младен Палац, Роберт Желчиќ, Саша Мартиновиќ, Анте Шариќ, Давор Рогиќ, Огњен Јованиќ и Блажимир Ковачевиќ, додека единствен со титула интер-мајстор е Јадранко Пленча.

Турнирот од 11 кола по Бергегов систем се игра во Винковци со награден фонд од 10.000 евра, а на истата локација од 27 јули до 3 август е закажано младинското првенство за играчи до 17 и 19 години. Турнирот за кадети на возраст од 7, 9, 11, 13 и 15 години е презакажан за термин од 23 до 28 август во Трогир. Интересно е што победниците на младинските турнири кои ќе бидат промовирани во шампиони, се стекнуваат со право да играат на Европско првенство следната година (на пример првакот од У-17 ќе игра на ЕП во У-18, а притоа има цела година за подготовка).

Истовремено, оваа земја требаше да биде домаќин на Европско првенство за аматери во септември, но со одлука на федерацијата од 15 мај, овој настан се одложува и федерацијата се задржува само на оние турнири кои според препораките на ЕКУ се играат со помала бројност на играчите.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни