Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Ѓурчиновски и Јашари со по една победа во меѓусебните дуели го изиграа најнеизвесниот снукер турнир

Објавено

на

Отсуството од пропуштениот трет турнир од „Алфа Плам Национално првенство во снукер“ се почувствува во несигурната игра на актуелниот првак Берат Јашари, кој овој викенд се врати на државниот собир.

Можеби на најтежок начин досега, Јашари успеа трет пат сезонава (осми пат по ред) да го освои турнирот што се бодува за освојување на шампионската титула во организација на македонската снукер асоцијација и да замине со нов пехар од снукер арената на „Гран клуб“.

Тримесечната пауза од натпреварувања која настана неочекувано по Европското првенство во јуни оваа година го зема својот „данок“ кога во дербито на квалификациската група шампионот беше поразен со 2:0 од најпријатното изненадување на турнирот, јуниорскиот шампион во снукер и во билјард, 13-годишниот Андреј Ѓурчиновски. Токму младиот Андреј на последното Европско првенство во јули во Словенија, во категорија до 17 години, во три дициплини го освои 9-тото место во билјард, што е највисок пласман на било кој Македонец на континентален собир во некој билјарден спорт. Со победата над Јашари, Андреј Ѓурчиновски како првопласиран влезе дирекно во најдобрите осум, додека Берат мораше да игра бараж за четвртфинале.

Во тој бараж Јашари успеа да го елиминира актуелниот лидер во билјард првенството, битолчанецот Христо Василевски, кому ова му беше дебитантски настап во Националното снукер првенство, но исто како и Андреј Ѓурчиновски беше едно од најпријатните изненадувања. Во првиот негов меч од групната фаза, Василевски буквално по само неколку разменети дефанзивни удари против младиот Чипишков, успеа да направи half centuryод 52 поени, со што само најави каков квалитетен играч ќе биде и во снукерот. Бидејќи ждрепката го доведе во вториот меч да се судри со поранешниот македонски шампион во снукер, Павле Данилов, во кој ветеранот по еден феноменален меч со брејк од 49 поени победи освојувајќи прво место во групата, Василевски мораше во бараж со Јашари и за жал еден од нив мораше да отпадне.

Невобичаениот пат низ баражот до 1/4 финалето, на Јашари му го донесе редовниот сопарник од претходните финалињата, Петар Панов. Постепено враќајќи ја својата форма, Јашари смогна сила во одлучувачкиот фрејм и по многуте пресврти на стартот од турнирот, успеа да се квалификува во полуфиналето. Тука веќе успеа да ја покаже својата класа и неочекувано со 3:0 да го победи стабилниот Матоски, кој до тогаш имаше изгубено само еден фрејм. На овој начин, иако беше фаворит, поради неубедливиот старт, Јашари се етаблираше како прв финалист.

Од друга страна, Андреј Ѓурчиновски во 1/4-финалето го победи репрезентативецот Александар Ставриќ, кој по тешката победа во бараж против Колоски, немаше сила да направи нешто повеќе против младиот шампион. Куриозитет на овој турнир беше вториот полуфинален дуел, каде главните протагонисти беа татко и син, голема реткост во многу спортови: Андреј против неговиот татко и тренер, Горан Ѓурчиновски. Постариот обезбеди ваков висок пласман со изненадувачката победа над фаворизираниот Данилов во 1/4финалето. Сепак, младиот ученикот во полуфиналето беше пресилен за учителот, па со убедливи 3:0 излезе на нов мегдан со Јашари, овој пат во последниот дуел на турнирот.

Финалето во кое играа јуниорскиот и сениорски шампион на Македонија, можеби беше едно од најквалитетните и најнеизвесни досега во историјата на македонскиот снукер. Првите два фрејма беа во знак на јуниорот и кога се изгледаше дека Андреј ќе го повтори резултатот од предходниот дуел против Берат, шампионот се разбуди и влезе во неговата препознатлива игра, која многупати во овие предходни две години беше недостижна за било кој противник. Високите брејкови во третиот и четвртиот фрем, го извадија противникот од ритам, па Берат влезе во одлучувачкиот петти фрејм со психолошка предност, по што стигна и до победата, нанесувајќи му го првиот пораз на младиот шампион.

Останува впечатокот дека овој беше веројатно најквалитетниот и најизедначен турнир досега. Беа видени повеќе брејкови со над 30 и 40 поени, па дури и неколку +50, при што Јашари имаше два, од 51 и 54 поени. Фантастична игра и жестока конкуренција во која по некој фрејм и меч добија и јуниорите Ќазими, Чипишков и браќата Величковски. Јашари со оваа победа доаѓа многу блиску до новата шампионска титула, трета година по ред, но со најмногу неизвесност и се поголем број конкуреннти за идните натпреварувања.

Следува Балканската лига и Јуниорското снукер првенство, како последното 5. коло од Националното првенство, како и турнирот во дисциплината „6 црвени“, што македонската федерација во снукер ќе ги организира до крај на оваа натпреварувачка 2023 година.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни