Поврзете се со нас

Европски првенства

Лазаров: Горд сум на играчите, но разочаран од една работа

Објавено

на

За „Дерби“ од Унгарија,
Ристе Влахов

Македонските ракометари направија неколку грешки во клучните моменти од мечот со Словенија, што се покажа како пресудно за прв пораз на стартот на Европското првенство (27:25).

И покрај поразот, позитивните импресии од прикажаното на теренот се одржаа и во микс зоната и на пресот, каде се огласи и селекторот Кирил Лазаров пред македонските новинари, на кои им порача дека е горд на играчите, но и разочаран поради тоа што смета дека денеска сме ја наттрчале Словенија која важеше за голем фаворит.

– Јас можам да кажам дека сум горд на моите момци, тоа што одиграа одлично против тим кој поседува ракометари кои играат во најдобрите клубови во Европа, тоа се играчи кои се носители во своите тимови. Треба да сме горди, нас ни се случи тоа што ни се случи, имавме проблеми пред натпреварот, но и покрај тоа дадовме максимум. Разочаран сум, заслуживме барем бод, можеби и два. Спроведовме на терен доста работи коишто ги договоривме, но мислам дека паднавме на искуство. Ги наттрчавме, ги изморивме, но паднавме на искуство. На крајот, дојде до израз искуството на Скубе, Доленец, Благотиншек и останатите.

– Мислам дека не верувавме во победата во завршните моменти, пробав да ги убедам во тоа и разочаран сум само поради таа работа. Инаку сум полн со позитивни вибрации, сметам дека сме на прав пат и треба да продолжиеме вака. Да одиграме уште два меча и да чекаме некоја грешка на фаворитите. Најпрво, да ја победиме Црна Гора, натпревар кој ќе биде многу тежок. Секој меч е важен на голем турнир, ќе бидеме се подобри и подобри и сигурен сум во тоа. Дај боже да отидеме во втора рунда, тоа ќе значи уште четири меча, а за овие млади играчи тоа ќе биде огромен плус. На прав пат сме и штета што направивме грешки од недоволна доверба. Играчите дадоа се од себе.

– Сега се чувствуваме добро од тоа што го прикажавме, но утре ќе ни биде полошо бидејќи пропуштивме шанси. Бевме блиску, некои одлуки не беа во наша корист. Но, ние сме Македонија, не сме Франција и Данска. Целта е заеднички да го изградиме овој тим. Најважна е Македонија, Македонија е на сите навивачи, да продолжиме со големи настани и верувам дека ќе биде добро. Ќе го зголемиме ростерот во иднина, а сега со срце и глава да ги одиграме наредните два меча, – изјави селекторот Лазаров.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни