Поврзете се со нас

Билијард и Снукер

Сипковски победник на мастерсот, Мемеди до шампионската титула

Објавено

на

Изминатиот викенд во клубовите „Гран Клуб – Скопје“ и „П&П – Битола“ се одржаа петтите и воедно последни мастерс турнири од дивизиите „А“ и „Б“ од државното првенство во билијард за 2021 година, со што се дојде до конечна разврска во генералниот пласман.

Флорим Мемеди од „БК Голден Балл – Тетово“ е новиот државен првак односно победник во „А дивизијата“. Тој успеа да надомести за слабиот резултат на почетокот од сезоната, кога со освоеното 9-то место на првиот турнир имаше лош старт, но со одлична серија на настапи со три последователни финалиња во кои оствари два триумфа, дојде во позиција да се бори за шампионскиот трофеј. Тоа му појде од рака со пласман во полуфинале на последниот турнир. Неговата конзистентност и одлична игра под притисок беа двете главни причини за освојувањето на титулата државен првак, што воедно претставува и најголем успех на овој млад и перспективен натпреварувач.

Второто место во генералниот пласман му припадна на Дарко Ацески од „БК Осмица – Скопје“, кој на последниот турнир налета на расположени противници кои го спречија во неговиот обид да го загрози Мемеди во борбата за шампионската титула. Најнапред Дејан Сипковски со одлична игра оствари победа над Ацески со резултат 6-2, а потоа и расположениот за надигрување Александар Бошевски со резултат од 6-4 стави крај на надежите за шампионската титула на Ацески.

Третото место му припадна на Премтим Мемеди, кој е помлад брат и спаринг партнер на Флорим Мемеди. Со пласманот во финалето на последниот мастерс тој успеа да го престигне Илче Трајковски во борбата за третото место и со само 30 поени повеќе да го оствари својот најголем успех (2010 :1980).

Петтиот мастерс изобилуваше со одлична игра, а најголем впечаток остави Дејан Сипковски, нашиот најтрофеен играч, кој оваа година заради објективни околности не успеа да настапи на сите турнири. Имено Сипковски го започна турнирот со убедлива победа во првото коло против Самит Абдирамани 6-1, за во второто коло да го совлада Ацески, со што избори пласман во ¼ финалето каде се сретна со Горан Думески кого го совлада со убедливи 6-2. Во полуфиналето Сипковски се сретна со Флорим Мемеди, меч кој претставуваше вистинско уживање за љубителите на билијардот, исполнет со прекрасни удари и тактичко надмудрување, од кој на крајот Сипковски излезе како победник со резултат 6-4. Финалето беше помалку неизвесно, пред се заради силниот налет и одличната игра на Сипковски кој со резултат 7-3 го совлада Премтим Мемеди и уште еднаш покажа зошто е еден од најценетите играчи во земјата и регионот.

Последниот турнир воедно даде разврска за тоа кои играчи ќе испаднат од дивизијата „А“, места кои ќе ги пополнат најдобро рангираните 4 од дивизијата „Б“.

Во дивизијата „Б“ имаше интересна завршница и последниот турнир донесе до неколку промени во генералниот пласман. За неизвесноста на борбата во генералниот пласман говори фактот што разликата помеѓу првиот и петтиот натпреварувач изнесува 320 поени, што е квантитет на поени кој се освојува со едно 7-мо место на еден турнир (7 место – 330 поени).

Димитар Симоски успеа да го освои токму 7-мото место на последниот турнир, што му го донесе и првото место во генералниот пласман, а веднаш зад него во генералниот пласман се најдоа Трајче Дончевски со само 10 поени заостаток и Коста Катов со 200 поени помалку од Дончевски. Дончевски имаше можност да дојде и до првото место во генералниот пласман бидејќи стигна во финалето на последниот мастерс, но во финалето беше поразен од Христо Василевски кој со резултат од 6-4 успеа по прв пат во својата кариера да освои турнир од државното првенство. Уште еден податок кој говори за изедначеноста и неизвесноста во дивизијата „Б“ е тоа што на петте турнири триумфираа 5 различни натпреварувачи.

Со овие турнири се комплетираше сезоната 2021 од државното првенство, година која и покрај сите објективни пречки предизвикани од пандемијата со Ковид – 19 може да се прогласи за успешна, пред се заради големиот број на нови натпреварувачи кои за прв пат земаа учество во натпреварите организирани од БАСМ, што претставува одличен основ за понатамошен развој на спортот и натпреварите на државно ниво.

Крајот на сезоната ќе биде одбележан од турнирот во екипна конкуренција, по што во последниот викенд на декември ќе се игра и Купот на Македонија, отворен турнир на кој учество може да земат сите лиценцирани играчи во Републиката.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни