Поврзете се со нас

Репрезентација

Бајиќ прозиваше: Жал ми е што еднаш не можеме заедно да се собереме

Објавено

на

Македонската кошаркарска репрезентација ја очекува двомеч со Грузија во квалификациите за Светското првенство кое е на програмата во 2023 година.

За овие битки во Тбилиси и Скопје, нашиот селектор Драган Бајиќ се соочува со многу проблеми, поради повреди ги нема Бобан Стајиќ и Стојан Ѓуроски, откажа Дамјан Стојановски, на првата средба во Грузија ќе ги нема Андреј Магдевски и Ненад Димитријевиќ, а прашање е и дали ќе биде во комбинација и Адем Мекиќ кој се појави на прозивката во СЦ „Борис Трајковски“.

-Навистина не сакам да ги набројувам сите потешкотии кои ги имаме. Од првиот ден откако дојдов тука имам желба за работа, но едноставно имаме страшни проблеми од циклус во циклус кога е ростерот во прашање. Немаме среќа барем еднаш да се собереме сите заедно и да видиме сите каква ни е моќта. Секако, јас како тренер нема да барам алиби за резултатите, што и да биде јас ја преземам одговорноста за се, но жал ми е за момците затоа што еднаш не можеме да сме сите заедно и да градиме еден хомоген тим.

-Добивме уште два нови откази, Стајиќ и Ѓуроски нема да играат, Дамјан Стојановски нема да игра, Андреј Магдевски нема да го имаме… навистина многу изостаноци и потешкотии имаме. Ќе се обидеме да извадиме подобар ростер и во Грузија да дадеме што е можно поголем отпор. Сигурно е дека против нас ќе имаме голем фаворит, но ако ни се даде шанса, верувам ќе знаеме да ја искористиме. Останавме со еден плејмејкер, тоа е Кристијан Николов. Имаме и млади играчи со кои полека ги пополнуваме позициите. Ако бевме комплетни може да се кажеше дека ќе даваме отпор голем или слично, сега ќе излеземе на терен без бело знаме и ќе видиме што ќе биде, -вели селекторот Бајиќ кој не е задоволен како се развиваа македонските играчи.

-Од ситуацијата што ја следам, не сум задоволен како играчите се развиваат во своите клубови. Не се мешам во ничија политика, познато е дека тука доста клубови се потпираат на странци, имаат четири во ростерот и еден домашен играч. Јас не работам долго време со нив, да имам да кажеме малку подолг период, да ги имам сите заедно и да работиме, секако дека многу работи би биле полесни. Но ете, гледате, патуваме во Грузија без еден сериозен тренинг и тешко е за мене како тренер да го извлечам најдоброто од сите. Верувам дека на сите млади кошаркари им значи повикот во Македонија, дека им значат овие тренинзи, а уште ако бидат во ростер тоа сигурно ќе биде уште поголема мотивација, -истакна Бајиќ кој на крајот порача дека влезет во овие квалификации е успех за националниот тим.

-Со влезот во квалификациите за СП направивме голем успех. Задоволен сум од она што го видов. Во ова време треба да им дадеме шанса на повеќе млади играчи и да ги дочекаме спремни квалификациите на Европското првенство, на кое ќе треба да целиме да учествуваме, -заклучи предводникот на „црвено-жолтите“.

Средбите против Грузија се закажани за 24 и 27 февруари.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни