Поврзете се со нас

Шах

ИА Сашко Лакински: Интернет шахот се уште не е официјално регулиран!

Објавено

на

Поради ненадејната појава на светската пандемија со коронавирус, шаховските активности на интернет се во голем подем, но иако постои желба кај играчите за натпреварување и во вакви услови, се уште нема доволно прецизни и издржани прописи за одржување на официјални турнири.

Сите настани кои се организираат периодов всушност не подлежат на класично рејтингување во ФИДЕ, а поради сомнежи дека во текот на турнирот некои играчи можат да користат недозволена помош, организаторите најчесто пропишуваат финале во кое учествуваат само најдобрите, под поинакви правила. „Дерби“ го обезбеди расписот од еден таков турнир организиран во Грција, каде што се бара пристап до камерата на компјутерот од кој што се игра, за да биде играчот цело време под мониторинг, а во завршницата се предвидува финале со блиц-темпо. Притоа, одлуките на судијата се извршни и конечни, без право на жалба.

Поради сето ова, го контактиравме Интернационалниот арбитар Сашко Лакински, за негов коментар на некои прашања кои произлегуваат од актуелната ситуација со интернет шахот.

ДЕРБИ: Дали постојат релевантни тела во ФИДЕ или во нашата шаховска федерација кои го третираат и следат интернет шахот?
– Не сум информиран дека постои такво тело или комисија во македонската шаховска федерација, како што е тоа случај со други комисии на пример за младински шах или за проблемистика. Што се однесува до ФИДЕ, од медиумите дознав дека имало таква идеја, но дали е спроведена во дело не можам да одговорам во овој момент. Во овој момент ова е поле за експериментирање и очекувам наскоро да биде пропишана стриктна регулатива за некои официјални турнири.

ДЕРБИ: Што значи тоа за правилата, како вие како Интернационален арбитар ќе постапувате доколку се најдете во таква ситуација? Постои ли јасна и недвосмислена постапка за делење на правдата и заштита од измама?
– Нема донесено такви правила и најчесто организаторите на таквите турнири се потпираат на софтверот кој го поседуваат шаховските сајтови кои служат како платформи Повторно ќе изјавам со резерва, некогаш тие платформи реагираат само врз основа на пријава, некогаш нивниот софтвер пријавува одредени сомнежи. Можам да ви кажам за праксата во некои првенства во стандарден шах, одредени партии да ги анализираме меѓу двете кола за да увидиме дали има простор за сомнеж кај некои играчи, но во овој случај тоа се приватни компании кои развиваат различни алатки, но за ниту една не можам да тврдам дека е точна, исправна и безгрешна.

ДЕРБИ: Новата реалност бара од организаторите на турнирите да се приспособат на ситуацијата и да преземат повеќе мерки на претпазливост, заради безбедност на играчите и службените лица. Дел од тие мерки беа видени за време на Турнирот на кандидатите во Екатеринбург, дел веќе се експериментираат во соседството, но што очекувате локално, кај нас?
– Судиите не се оние кои треба да одлучуваат во прва инстанца, дали треба да има турнир или не. Тоа е работа на надлежните органи на една држава и федерација. Доколку тие како повисоки инстанци одлучат еден турнир да биде организиран, тој ќе мора да биде според прописите или препораките на Министерството за здравство, а потоа врз основа на регулативата што ќе ја пропише организаторот. Најчесто, расписот за еден турнир го подготвуваат организаторот и главниот судија заедно, со цел да ги адресираат сите нешта. Од досегашните сознанија за Ковид-19 извесно е дека треба да се одржува дистанца како основна мерка, како и да се користат средства за заштита. Доколку еден организатор може да ги исполни таквите услови, шаховските судии ќе се погрижат за регуларноста на другиот дел од настанот. Мислам дека на удар најмногу ќе бидат големите турнири, со голема бројност на играчите, додека најлесно може да се организираат некои турнири од типот на младинските првенства, каде што за да не се создава голема мешаница може да играат само децата од една категорија, а потоа друга, од пионери, се до младинците.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни