Поврзете се со нас

Мото ГП

Анатомија на трансферот: Како Маркез го доби седиштето во Дукати?

Објавено

на

Photo DUCATI - Enia Bastianini vs Marc Markez - Mugello 2024
Photo credit: Ducati Media

Марк Маркез најголемите успеси во кариерата ги постигна како возач на Хонда, а јапонската фабрика му го чуваше местото и покрај неколкуте сезони во кои неговата кариера беше повлијаена од повреди кои бараа неколку хируршки операции и долго закрепнување.

Сепак, од оваа година тој е дел од Гресини Дукати, а неговото брзо приспособување на машината очигледно ги заинтригира водечките луѓе на фабрикатаод Борго Панигале.

Пред трката во Муџело, угледната „Газета дело спорт“ објави дека местото на Енеа Бастијанини во фабричкиот тим на Дукати ќе го добие лидерот во генералниот пласман, Хорхе Мартин, додека Маркез ќе го земе неговото место во сателитскиот тим Прамак Дукати. Кога започнаа прес конференциите за време на гран при викендот во Муџело, Маркез пред новинарите порача дека не е заинтересиран за седиштото во сателитски тим (и ланска машинерија) и дека ќе прифати само мотор со фабричка поддршка, на исто ниво како во фабричкиот тим, но во екипата Гресини Дукати.

Кога тркачкиот викенд заврши, Дукати во попладневните часови по трката во Италија го информирал Мартин дека Марк Маркез ќе го добие местото во фабричкиот тим. Разочарувањето на Мартин е повеќе од разбирливо, откако минатите две сезони беше во сенка на Ениа Бастијанини.

Наводно, на Маркез му било понудено да остане во сателитски тим на Дукати со фабрички мотор, освен доколку не ја освои шампионската титула, односно да биде подобар од Хорхе Мартин. Сепак, шесткратниот светски првак тоа го одбил.

– Едноставно е, за да ја освојам титулата на патеката, мора да имаме еднакви услови, а јас ги немам. Тоа не е оправдание и јас докажувам со резултатите дека можам да бидам конкурентен, Дополнително, сезоната завршува во ноември, а јас со моите спонзори морам да постигнам договор до септември за да влезам во нивните буџети за следните сезони, Затоа, таквата понуда не беше одржлива,- изјавил Маркез за шпанското радио „Кадена Сер“.

Следниот ден, иако сите мотоциклисти останаа во Муџело за понеделнички да одработат тестирање, Хорхе Мартин ја напуштил гаражата правдајќи се со лошите временски услови. Папараците го уловија дека влегол во „моторхоумот“ на Априлија, од каде по неколку часа издадоа соопштение дека го ангажирале Шпанецот како свој возач.

Априлија имаше неколкугодишен развој на моторот со Андреа Довициозо и Алеш Еспаргаро, а потоа го ангажираше и Маверик Вињалес кои им донесоа победи во одредени трки. По најавата за пензионирање на Еспаргаро, Априлија се обидела да најде врвен возач.

– Нашата стратегија беше да не брзаме, бидејќи не сакавме да го подариме седиштето, туку да сочекаме кога ќе се укаже шанса. Тоа се случи и ние бевме брзи да преземеме акција, наместо да преговараме. Со Мартин, веднаш се договоривме, но за тоа мора да му заблагодарам на Алеш и еве сме каде што сме. Тајмингот беше пресуден. Мојот шеф ми даде одобрување кога го информирав и ме охрабри да го ангажираме. Дечките од правниот тим работеа цела ноќ за да го напишат договорот. Не сакам да верувам дека до ова сме стигнале поради емоциите, туку поради растот на Априлија минативе неколку години. Ние сме единствените кои постигнале победа покрај Дукати,- изјави првиот човек на Априлија, Масимо Ривола, посочувајќи на кризата што владее во Хонда и Јамаха, додека Сузуки и Кавасаки се повлекоа од трките.

Еспаргаро се префрли во Априлија во 2017 година, а Вињалес беше ангажиран во 2021 година, кога почна „распадот“ во Јамаха. Андреа Јаноне беше нивен тест возач, но доби забрана за настап поради позитивен допинг тест, иако медиумските шпекулации укажуваа дека наводно станувало збор за користење канабис.

– Во 2020 година, не можевме да најдеме возач. Овој пат, листата на менаџери кои ме посетија и бараа ангажман за нивните возачи е предолга. Ситуацијата беше многу поинаква. Сега очекувам и Вињалес да се изјасни дека останува со нас, што јас лично го посакувам. Ако тоа се случи, нема да има место за друг возач,- дополни Ривола.

Од друга страна, идните тимски партнери, Франческо Бањаја и Марк Маркез, веќе имаат историја зад себе со неколку контакти во кои што и двајцата имаат претпрени загуби. Конкуренцијата меѓу нив ќе биде нешто што се очекува да ги полни страниците во медиумите од 2025 година.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни