Поврзете се со нас

Млади спортисти

Официјално објавена химната на ЕМОФ Скопје 2025: „Together We Shine“ носи порака за единство, младинска енергија и олимписки дух

Објавено

на

Со огромна гордост и емоција ја претставуваме официјалната химна на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, насловена „Together We Shine“, со што симболично започнува финалното одбројување до настанот што ќе ја испише новата страница на спортската историја на нашата татковина. Химната не е само песна – таа претставува енергија, визија и повик до цела Европа.

„Together We Shine“ е музичка прослава на заедништвото, младешката сила и олимписките вредности – сè она што го претставува ЕМОФ. Песната ја изведуваат четири големи музички ѕвезди од македонската сцена: Лара Иванова, Јанг Дади, Александар Тарабунов и Сара Мејс. Музиката и текстот се дело на реномираниот продуцент Роберт Билбилов (Justbproduction), додека за моќната визуелна приказна и монтажата на видеото е заслужен режисерот Стефан Стиди.

Спотот за химната е снимен на повеќе локации во Скопје и Куманово, градови-домаќини на фестивалот, во продукција што го слави единството и креативноста на македонската млада сцена. Со современа визуелна естетика, динамични кадри и присуство на млади спортисти, видеото го отсликува спортскиот жар и колективната мотивација што ја носи ЕМОФ. Во него се појавува и официјалната маскота Shiny, која симболизира ведрина, младешка инспирација и единство – вредности кои ќе бидат во сржта на секој момент од фестивалот.

Од првиот такт до последниот стих, „Together We Shine“ е создадена да инспирира и возбуди. Со стихови како: „EYOF we play, EYOF we shine, EYOF is here, your dream is mine“, химната повикува на обединување преку спортот, на надминување на себе и на славење на секој успех – личен или колективен.

Оваа химна е повеќе од културен симбол – таа е срцето што чука во ритамот на младинската надеж. Таа е повик до секој спортист и секој млад човек што мечтае. Да се обединиме, да блеснеме, да покажеме дека Македонија е подготвена не само да биде домаќин, туку да го инспирира Стариот континент. Нека оваа песна не биде само дел од фестивалот – нека биде неговата душа.

ЕМОФ Скопје 2025 ќе се одржи од 20 до 26 јули, во Скопје, Куманово и Осиек, и ќе обедини над 4000 млади спортисти од 49 европски делегации плус тимот на бегалците. Тие ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, носејќи порака на пријателство, почит, извонредност и европско единство.

Химната „Together We Shine“ е достапна на официјалниот YouTube канал на Македонскиот олимписки комитет. Споделете ја, слушнете ја, почувствувајте ја. Затоа што овој јули, не сме само домаќини – ние сме срцето на EYOF. Со оваа песна започнува одбројувањето до спортскиот празник кој ќе ја стави Македонија на мапата на најзначајните спортски настани за млади во Европа.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни