Македонија
Интервју со Борко Ристовски: Металург „школува странци“ на сметка на македонските играчи
Борко Ристовски се враќа во македонската ракометна репрезентација во дуелот со Исланд мотивиран да ја покаже високата класа која ја одбележа неговата клупска кариера.
Со своите претходни настапи Борко Ристовски со полно право го заслужи и прекарот „Министер за одбрана“, таа „функција“ му беше во мирување за време на Светското првенство во Франција, кога тогашниот селектор Лино Червар експериментираше со македонскиот национален тим. За време на ракометниот мундијал, Гонзало Перез де Варгас изјави дека е зачуден што Македонија игра без клучниот играч кој е кадарен да направи пресврт во секој меч, за што Ристовски верува дека претставувало обид за деградација поради поранешни лични несогласувања.
Во ова интервју на Ристовски за „Дерби“ тој даде одговори на повеќе прашања, почнувајќи од настапот за репрезентацијата во претстојните квалификации за ЕП 2018, осврт на случувањата на клубски план пред „Фајнал 4“ дуелот со Вардар, за односите со Кире Лазаров, како и за погрешната клупска политика на македонските клубови кои ангажираат анонимни странци и им даваат предимство во однос на македонските.
ДЕРБИ: Репрезентацијата е најактуелна. Се враќаш по едно отсуство кое не беше по твоја волја и со дијагноза за „емоционална исцрпеност“, а таа оценка беше стекната само за време на настапите во баражот со Чешка за пласман на СП во Франција. Кога ти ќе ги погледнеш тие две средби, каква оценка си даваш сам на себе, мислиш ли дека си оставил простор за да се манипулира со фактите?
– Тие два натпревари со Чешка навистина не донесоа игра на вистинско ниво од моја страна, но на првиот натпревар јас бранев само 10 минути, а потоа бев заменет. Вториот натпревар исто така не беше на нивото на кое сум, ниту на кое треба да бидам. Меѓутоа од друга страна, на сите што го разбираат ракометот им е јасно дека „емоционална исцрпеност“ не постои, тоа е една филозофска мисла извадена од контекстот за некој да си оствари своја цел. Тоа беше лична одлука на поранешниот селектор во обид да ме деградира мене заради некои наши поранешни несогласувања. За тоа дали е некој „емоционално исцрпен“ може он да даде илјада причини, а јас илјада свои и повторно да не се докаже, тоа е за филозофска расправа, но колку и да дебатираме можеме повторно да останеме без конкретен заклучок. Мислам дека неговиот обид за деградација не беше успешен, ракометот не почнува и не завршува со него, а неговиот збор не држи многу. Мојот настап во трите најсилни лиги зборува за мојот квалитет, не постои екипа што ќе ве ангажира ако не го поседувате тоа.
ДЕРБИ: Имаше добри настапи зимоска на клубски план, сега имаш шанса да го демантираш и низ настап за репрезентацијата…
– Јас не постојам за да демантирам некого, а најмалку него. Тој сакајќи да ми наштети, не сакајќи ми направи услуга и ми даде физички одмор што минатите 15 години го немав. Тоа се виде на првите три натпревари со Барселона, така што јас немам што да докажувам никому, едноставно треба да дадам 100% од себе, како што давав на секој натпревар и да им помогнам на колегите од репрезентацијата и на мојата држава во целост, за да направиме уште еден спортски успех.
ДЕРБИ: Но, добрите настапи за репрезентацијата де факто ќе значат демант на тие извртени факти?
– Мислам дека тоа е поради тоа што кај нас нештата се сфаќаат поинаку. Кариерата се гради преку клубовите, а не преку репрезентацијата. Таа е само шлаг на тортата. Еден играч е добар или лош според тоа каква кариера има, а не според настапите во репрезентацијата. Во клубот работите цела година, секојдневно работите и се докажувате, играте натпревари цела сезона, тоа е она што го гради вашиот профил како играч. Репрезентацијата е како шлаг на сето тоа. Квалитетот на еден играч се гледа низ тоа каде настапувал и како настапувал, која му е моменталната пазарна вредност итн. Секој клуб има по два три аналитичари кои ги следат претходните ангажмани на играчите кои ги купуваат и тоа кажува за профилот на играчот, доколку игра во просечни или потпросечни клубови.
ДЕРБИ: Низ сите овие случувања, некако излегува дека Борко Ристовски е една од најконтроверзните спортски личности во Македонија. Јавноста е толку поларизирана по прашање на Борко како за ниту еден друг македонски спортист. Го чувствуваш ли и ти тоа на тој начин, сите оние провокации „фати ли топка, ти се лизна ли“, а од друга страна после секоја добра партија си „Министер за одбрана“?
– Прашањето е интересно и мислам дека тоа е така затоа што сум карактерно таков. Во наводници сум „контроверзен“ бидејќи го кажувам тоа што го мислам, за ракометот и за спортот генерално. Не сум кажал никогаш ништо за од тоа да имам лична корист. Таков сум од малечок, кога почнував своја кариера, имав храброст и став, дека треба да има црвена линија. Никогаш не сум дозволил да се гази по мене и по моето достоинство. Мислам дека сум малку повеќе горделив, а тоа е она што не ми дава да се страгам, да се чувам и пазам, едноставно го кажувам она што го мислам и воопшто не ми е важно како тоа некој ќе го сфати. Мислам дека треба да бидеме директни и дека тоа ќе не направи подобри луѓе. Не можам да преќутам неправда, а тоа ми донело многу проблеми во животот. Таков сум карактерно, некои можеби мислат дека сум преарогантен, дека сакам да се расправам. Затоа ја разбирам таа поларизираност, но не знам како да ја коментирам. Секој има право да си ја каже својата страна, јас моето мислење го кажувам во очи, не играм заткулисни игри, никогаш не сум поставувал услови, особено не за играње во репрезентацијата, особено што сум имал и и имам можност да барам бенефити, но никогаш не сум го направил тоа во овие 15 години. А кога сте чисти пред самите себе и пред другите, тоа ви дава сила и да го зборите она што го мислите.
ДЕРБИ: Сепак, живееме во ера на социјалните мрежи, каде што секој може секому да напише сешто на секоја тема, не зборам тука само за Борко, општо на многу спортисти, политичари, новинари им се испраќаат пораки „дрво си“, „немаш поим“, „не знаеш да коментираш“. Како се прочистуваш ти од сето тоа?
– Да бидам искрен, не се ни загадувам за да чувствувам потреба да се прочистам. Не читам такви коментари, не ме интересира кој што мисли за моите кажани работи или за моите дела. Едноставно го правам она што го чувствувам, отворен сум, секој нека си каже коментар што мисли дека е правилен, но јас не обраќам внимание ниту на пофалби, ниту на критики. Тие се нормален дел од еден живот, и јас ги прифаќам, но не ги читам и не посветувам внимание.
ДЕРБИ: Натпреварот со Исланд во Франција го гледаше од друга перспектива, а сега се враќаш во тимот токму на овој натпревар. Што мислиш за овој квалификациски циклус, ја гледаш ли Македонија на ЕП 2018 во Хрватска?
– Треба да бидеме претпазливи со Исланд, тоа е една квалитетна репрезентација што на светското првенство настапи без Палмарсон и се виде дека се доста опасни. Немаа среќа на некои натпревари, можеа да завршат подобро, но со враќањето на Палмарсон се далеку поопасни. Не само заради него, туку тој едноставно ја привлекува одбраната да се фокусира на него и остава повеќе простор за другите.
ДЕРБИ: Но и Борко Ристовски се враќа во Македонија!
– Да, и Македонија ќе биде доста поорганизирана репрезентација од тоа што беше во Франција, особено на тактички план, не за мене лично, туку за играчите во одбраната, каде што се работи доста тактички и се знае секој детал. Во Франција се беше некако хаотично, репрезентативците се бореа, даваа се од себе, но не беа така подготвени како големите репрезентации. Големите тренери имаат подготвени стратегии, а ние експериментиравме. Мислам дека ќе се пласираме на завршницата во Хрватска, имаме квалитет, а дали ќе се пласираме зависи најмногу од самите нас!
ДЕРБИ: Имаме континуитет на големите натпреварувања, години наназад сме на сите европски и светски првенства, за разлика од порано кога се поставуваше прашање дали ќе се најдеме таму. Дали се уште играчите ја имаат онаа „глад“ што ги красеше тогаш, или пак можеби тоа е оставено за помладите играчи?
– Мене ми е драго што Македонија има се повеќе играчи што играат низ Европа и што играат низ големи и квалитетни клубови. Имаме двајца играчи во Барселона, Манасков и Талески во Рајн Некар, Ацо Јоновски, Филип Миркуловски итн. Според мене е многу важно да се игра за квалитетни екипи, бидејќи тоа носи и квалитет за репрезентацијата. Не е исто ако играте во клуб што се бори за врвот и во клуб што се бори за опстанок. Тоа се два различни света! Се надевам дека Македонија ќе има уште играчи во врвните клубови, а тоа ќе донесе искуство во репрезентацијата. Младите што побрзо да заиграат во странство бидејќи тоа е вистинската вредност. Колку подалеку ќе стигнат во европскиот ракомет, толку повеќе ќе напредува и репрезентацијата!
ДЕРБИ: Имаш ли некоја желба поврзана со репрезентацијата, да речеме да ви се паднат Червар и Хрватска во некој од натпреварите на ЕП 2018?
– Моја единствена желба е да се пласираме на завршницата во Хрватска. Не сакам да коментирам за луѓе кои немаат влијание во ракометниот свет, а уште помалку во мојот свет.
ДЕРБИ: Можеш ли да направиш некоја паралела, сега и пред десетина години, кога имаше друга управувачка гарнитура и ракометот се соочуваше со други проблеми, па дури и ти беше меѓу оние кои во одредени моменти размислуваа дали поради одредени конфликти да се откажат од националниот дрес, за разлика од сега кога се е стабилно и кога се зборува за пропаст на спортот доколку се повлече актуелниот претседател?
– Ние како спортска нација, не можеме да го заборавиме успехот во минатото. Пред да стигнеме до успешна федерација, претходно имало и добри и лоши работи. Сите што сме биде дел од поранешната федерација, сите на некој начин имаат одреден удел за денешниот успех. Денешната гарнитура со Живко Мукаетов како претседател, кој е успешен во бизнисот и работи добро со својата компанија, сега ја постави ракометната федерација на здрави нозе, пред се финансиски. На почетокот можеби немаше доволно искуство и дека сега неговата работа ќе биде од година во година поуспешна. Сепак, треба да учиме од минатото, ракометната федерација во минатото имаше свое грешки, сите ние правиме грешки, тоа не е ништо срамно, туку треба да учиме од тоа. Се надевам дека и ова раководство во својот втор мандат има повеќе искуство и знае повеќе за тоа како функционира репрезентацијата и ракометниот свет, па ќе биде уште поуспешно.
ДЕРБИ: Одиме со прашања на клубско ниво, доаѓа „Фајнал 4“, среќата сакаше Вардар и Барселона да се сретнат во полуфинале. Со други зборови, ќе има Македонци во финалето, но кои ќе бидат тоа?
– Вардар е опасна и сериозна екипа, мислам дека ќе биде доста тешко. На „Фајнал 4“ секогаш е тешко со кого и да играш. Годинава Вардар покажа квалитет што го немаше минатите години, чекор што порано недостигаше. Ќе биде интересен натпревар, пред се бидејќи има Македонци во Барселона и играат против македонскиот шампион. Ние во никој случај нема да ги потцениме, но иако е Вардар моја бивша екипа, јас сепак ќе се трудам Барселона да победи и да играме во финалето.
ДЕРБИ: Лазаров веќе има трофеј од Лигата на шампионите, де факто ова е најголемата шанса и други македонски играчи да стигнат до овој трофеј?
– Дај Боже некој Македонец да ја освои Лигата на шампионите, тоа е сепак и успех за државата. За мала држава како нашата, освојувањето на ваков трофеј од еден играч е најдоброто промоторско нешто што може да се случи за државата и народот. Се надевам дека јас ќе бидам тој што ќе го подигне трофејот за прв пат, но ќе биде тешко.
ДЕРБИ: Твојата генерација на ракометари израсна со четворокружен систем во супер-лигата за државното првенство на Македонија, а сега нашите две најдобри екипи играат во СЕХА лигата. Сепак, во нив има малку играчи од Македонија, а нашите играчи во државното првенство немаат толку чести шанси да играат со Вардар и Металург. Гледаш ли начин како да се овозможи најдобрите македонски играчи да стекнуваат пресудно искуство низ игра со силни противници?
– Нас генерално ни фали база за македонски играчи. Ако го погледнете Металург, кој се претставува дека ги собира најдобрите македонски играчи, ќе видите дека тие не добиваат минутажа. Последниве три години тие имаат епизодна улога, било да гледаме за Филип Кузмановски, или за десниот бек Велковски. Тоа се тие талентирани играчи на кои македонскиот ракомет треба да се потпира во иднина. Наспроти тоа, таму играат странски играчи за кои претходно немав слушнато во ракометниот свет, Обрадовиќ, Илиќ, Гуглета. Го познавам само Младеновиќ кој има настапувано во Франција, има некаква биографија, но другите анонимуси им ги земаат местата на нашите деца. Јас разбирам дека Вардар цели на Лигата на шампионите, но од тамошните странци има што да се научи, од Штербик, од Дибиров, од Чупиќ, од Душебаев. Металург не се бори за ништо, не може да ја освои СЕХА лигата, Лигата на шампиони уште помалку, па ни македонското првенство. И наместо македонските играчи да имаат шанса да играат во 90% од натпреварите, се случува обратно, тотални анонимуси кои доаѓаат за ситни пари да играат им го земаат местото на нашите деца. Тоа е суштината на проблемот, мора да се постават услови, да се ограничат тоа да биде можно само за играчи кои играле за „А“ репрезентацијата на нивната земја, па да има нашите играчи да научат нешто од некого. Вака, на кого му правиме услуга? Зашто да не игра Нелоски цели 60 минути, или Кузмановски? Металург и со Обрадовиќ и без него нема да ја освои СЕХА лигата, или македонското првенство. Резултатот е ист, тие немаат шанса да направат нешто, а минутите им се даваат на странци кои се „школуваат“ на сметка на нашите играчи. Немам ништо лично против тие странци, но каде сме ние во таа приказна? Треба да мислиме на самите себе и да сме себични, прво да гледаме за нас!
ДЕРБИ: Во едно твое поранешно интервју прочитав дека всушност си влегол во ракометот поради селекцијата од страна на наставникот по физичко, кој те поставил за голман во ракомет. Дваесетина години подоцна, дали некогаш го посети наставникот, можеби да се напиете кафе заедно, евентуално да му заблагодариш за насоката што ти ја дал?
– Тоа е она кога во основно училиште наставникот ве одредува каде ќе бидете, а јас бидејќи бев „буцко“ ме пратија онаму каде што нема многу трчање, да бидам голман во ракомет! Така почна, а се надевам дека ќе заврши со освојување на Лигата на шампионите, хахаха. Наставникот се викаше Кируз, во основното училиште „Климент Охридски“, се немам сретнато со него од тогаш, но пред некое време случајно го сретнав неговиот син.
ДЕРБИ: Морам да те прашам, порано делувавте многу поблиски со Кире Лазаров, бевте цимери во репрезентацијата, се навикнавме да имате заеднички слики на социјалните мрежи, а сега во отсуство на тоа чаршијата веднаш почна да плете приказни дека нешто се случило меѓу вас? Сега имаш друг цимер, а колку што разбрав нема да одиш ниту на кампот што го организира Лазаров?
– Се појави некоја шпекулација во јавноста дека јас и Кире сме се скарале, мислам дека тоа е голема глупост и го демантирам тоа најостро. Имало по некоја слика заедно на „Фејсбук“ и тоа е сосема нормално. Секој си има свој живот, си имаме свои обврски, Кире си има семејство, јас имам девојка итн. Ние играме за ист клуб, но некако доаѓа одреден период од животот кога секој си оди по својот пат, си ги бира пријателите. Јас и Кире секогаш ќе бидеме пријатели, но верувајте, сликите не се индикатор. Инаку, претходно добив покана од голманскиот камп во Хрватска, на која што морав да одговорам во најбрз рок, а тоа се поклопи со моето заминување на одмор во Хрватска и тие две нешта ги споив во едно. Потоа, едноставно нема да можам да стигнам на кампот на Кире.
ДЕРБИ: Кузмановски го спомнуваше како твој избор за еден од најталентираните македонски ракометари во иднина?
– Филип Кузмановски до одреден степен се развиваше добро, тој и Филип Талески беа најголемите таленти, беа носители, беа на мета на големите клубови. Талески направи одличен потег со тоа што замина, мислам дека можеби не оваа сезона, но веќе идната ќе се види неговиот напредок во Бундес лигата. Моите пријатели од Рајн Некар со кои што разговарам ми кажуваат дека добро прифатен, дека го сметаат за голем талент и дека има голема иднина во клубот. Го чекаат да се приспособи, да го научи јазикот, начинот на живот, стилот на игра во Бундес лигата и дека од година во година ќе биде се подобар. Кузмановски не го направи тоа, одлуката да остане во Металург е негова, секој си одлучува за својата кариера, и се надевам дека ќе игра повторно на старото ниво, па ќе добие нова можност да замине во странство. Сега се случи јас прв да дојдам на собирот, Кире не дојде на утринскиот тренинг, па јас ја земав собата на првиот кат и ете, чаршијата нека продолжи да плете приказни, хахаха.
ДЕРБИ: Каде се гледаш по крајот на кариерата, имаш ли желба да останеш во ракометот?
– Искрено не ме привлекува тренерската работа, ниту како прв тренер, ниту како тренер на голмани, па дури ни стручен коментатор. Размилсувам да останам поврзан со спортот, евентуално да отворам менаџерска агенција и да ги застапувам спортистите пред клубовите.
ДЕРБИ: Додека разговаравме за ова интервју, се случи да не информираат дека кафето ни е платено од две девојки кои сакале да останат анонимни. Ти се случило ли вакво нешто во Барселона?
– Не, навистина не! Таму и немам многу време за излегување, имаме многу тренинзи. А претходно, во Македонија, да – имало такви случаи!
-
Шпанија19 часа
Гути: Нешто не функционира во овој Реал Мадрид
-
Шпанија21 час
Џентлменски потег: Реал Мадрид со голема почит го испрати Иниеста во пензија
-
Македонија23 часа
ФК Вардар доби унгарски сопственик
-
Германија18 часа
Баерн подготвува „понуда која не се одбива“ за Мусиала
-
Италија22 часа
Капело критикува важен играч на Милан: Создава само негативна енергија
-
Англија23 часа
Дефанзивец на Манчестер Јунајтед потврди дека оди на принудна пауза
-
Свет6 часа
Клоп со прва изјава за својот нов фудбалски проект: Не можам да бидам повозбуден
-
Репрезентација23 часа
Димитриевски во интервјуто за „Марка“: Цела Македонија сонува за една работа