Шах
Коментар: За собранието на ШФМ и загрозувањето на медиумската слобода

Додека Македонија е во длабока болка и национална жалост, Шаховската федерација на Македонија одлучи да го одржи своето Вонредно изборно собрание. Истото било свикано пред случувањето на трагедијата и раководствотот на федерацијата одлучило дека е потребно да се одржи, наспроти препораките од Владата за воздржување од организација на настани.
На овој настан бев единствен присутен новинар, за разлика од она што е редовна пракса на собранијата на другите федерации. За пример ќе ги посочам неодамнешните две организирани собранија на Фудбалската федерација на Македонија, едното Вонредно изборно и второто Редовно собрание, кои се одржаа максимално транспарентно и каде што на новинарите им беа обезбедени услови за работа, па дури имаше и определено лице за доделување акредитации.
На разни настани во организација на ШФМ сум присутсвувал уште од почетокот на мојата работна карира, кога претседател беше Димитар Бузлевски, а генерален секретар Лазо Јанчев. Тука чувствувам за потребно да додадам дека во изминатиов период од пет години не сум сретнал или добил ниту една покана за прес конференција од страна на ШФМ, ниту некакво нивно соопштение. Ова е дотолку побитно што самите во нивниот Статут напишале дека нивната работа е транспарентна и таа на дело ќе се практикува преку прес конференции и испраќање соопштенија.
Член сум на Здружението на новинарите (ЗНМ) од 1995 година и за моите 30 години работа во оваа професија не паметам дека на некое Собрание сум бил прозиван за „неовластено снимање“. За жал, такво нешто искусив сега, при лична прозивка од претседателот на федерацијата (во оставка), Саша Богдановиќ.
За подобро информирање на јавноста, мора да споменам дека на ова собрание беше донесена одлука за снимање на истото, со напомена дека тој тонски запис ќе биде за потребите на изготвување записник. На барање од дел од клубовите беше додадено дека тоа снимање ќе остане за интерна употреба и нема да има правна важност. Дури во дискусијата беше нафрлено „ако сакате снимајте и вие“.
Саша Богдановиќ повикувајќи се на таа одлука побара „да влезе во записник дека постои неовластено снимање“. Иако досегашниот претседател на ШФМ има и во минатото давано изјави и го знае мојот професионален ангажман, се одлучи на ваков чекор кој натаму прерасна во вербална полемика дали нивната претходна одлука се однесува на мене и дали настанот е приватна забава или на него се дебатира за теми од јавен интерес. Сметам дека тоа укажува на тотално непознавање на новинарската работа и начелата за известување, односно ставање на некаков интерен заклучок за подготовка на записник над интересот на јавноста и пристапот до информации.
Собранието на Шаховската федерација нема одлука за исклучување на новинарите или за свикување на седница затворена за јавност. На истото според нивниот Статут смеат да присуствуваат гости и шаховски работници, кои имаат право да дискутираат, но не и да гласаат. На ова собрание се избираше раководство на ШФМ и се усвојуваше финансиски извештај (кој по редот на нештата е јавно достапна информација преку Централен регистар), а дополнително тој финансиски извештај беше со негативно салдо од неколку милиони денари. Поради сите овие нешта, се обидував да забележам што е можно повеќе детали за со цел за коректно информирање на јавноста, поради што бев шокиран од обвинувањето за наводно неовластено снимање. Во работната пракса новинарите секаде се добредојдени да известуваат и пренесат вести за она што се случило, а покрај примерот со ФФМ, тука ќе го додадам и неодамнешното изборно собрание на Ракометната федерација, кое исто така предизвика голем интерес кај медиумите.
Усвојување финансиски извештај за 2024 година на Шаховската федерација на Македонија. pic.twitter.com/oUtegkoN8C
— mediumska_sloboda (@mediumska_slobo) March 21, 2025
За жал, дискусијата продолжи со повторно цитирање на Богдановиќ дека нивниот Статут регулира кој има право да биде присутен на собранието, за што повторно морав да реплицирам дека тоа е во делот на делегатите кои учествуваат во работа на седницата со свои дискусии и гласање, а јас сум новинар и не се обидувам да бидам ниту делегат, ниту да дискутирам. Едноставно бев присутен во еден агол од салата и експериментирав со видео снимки преку мобилниот телефон. „Циркусот“ заврши со барање од Богдановиќ да бидам легитимиран, а генералниот секретар Марјан Митков по завршувањето на седницата ја фотографираше мојата членска карта од ЗНМ. Во екот на полемиката беа изнесени и зборови кои ги сметам дека се употребени за заплашување, а се однесуваа за употребата на тие видео снимки доколку се објават.
На една од првите направени снимки дебатираше еден гостин кој во својство на судија го потсети раководството на ШФМ за долгови и неисплатени обврски кон судиската фела, за кои наведе дека траат подолг период. Друг дискутант, надоврзувајќи се на изнесените информации за исплаќање на трошоци со правење позајмици праша зошто не се исплатени на тој начин и македонските судии.
Има уште примери за потенцијални теми кои сметав дека го заслужуваат интересот на јавноста, што беше спротивно од мислењето на работното претседателство.
Во разговор со моите колеги дознав дека многумина имале слични искуства кога се нашле на места каде што очигледно владеела желба средбата да помине без соодветно информирање на јавноста. Не знам дали и во случајов е така и што е тоа што некој не би сакал да биде регистрирано, но на ова собрание слушнав за негативен финансиски резултат од работењето и оправдување на истиот со недоволно добиени средства од Министерството за спорт. Дополнително, тој финансиски извештај со негативен финансиски резултат не бил пропратен со извештај од Надзорен одбор, како и дека поради оставка на еден член Надзорниот одбор не бил свикан и не бил избран друг.
Саша Богдановиќ како претседател во оставка се предложи себе си во работното претседателство кое раковдеше со седницата и одби да го напушти истото отако беше констатирана неговата оставка и беше побарано да се повлече. Тој поднесе само усмен извештај за работењето во минатата година, при што се прикажа како жртва на политичките промени и дека не сака да биде пречка за натамошното работење на федерацијата. За негов наследник беше избран еден од неговите најблиски соработници и досегашен член на Управниот одбор. За иронијата да биде поголема, Саша Богдановиќ беше избран за претседател на новиот Надзорен одбор.
Можам само да шпекулирам дали сите овие нешта биле мотивот да бидам обвинет за „неовластено снимање“ и кому не му одговара медиумската слобода и информирањето на јавноста. Сметам дека правилното информирање на јавноста е повеќе од потребно во ситуации кога државата преживува еден болен момент, од каде многу поуки треба да бидат извлечени. Новинарите не се виновници за нивното присуство да биде проблематизирано, напротив таквите реакции и намалување на медиумските слободи се индикации за многу посериозни случувања кои се обидуваат да бидат сокриени од очите на јавноста.
Живееме во дигитална ера каде што се овозможени нешта кои не беа ниту замисливи кога јас започнував да ја работам оваа професија. Денес постојат платформи за стрим и дигитален пренос, социјални мрежи за поголема свесност и транспарентност, но тоа е за оние кои тоа го посакуваат и немаат што да кријат.
Се надевам дека овој коментар ќе стигне до сите спортски работници и почитувањето на новинарската работа ќе биде на соодветно ниво. Шаховската федерација мора да поработи на тоа поле бидејќи неоправдано ги лишува љубителите на шахот од можност за вистинско и непосредно информирање преку измислување на „неовластено снимање“, ниту пак во нивниот Статут има дефинирани акции околу овластување и слични постапки, поради што сторените дела покажуваат непрофесионалност и недостаток на желба за соработка.
Богдановиќ како претседател на ШФМ ќе остане „во историјата“, но овие негови постапки, вклучително и грешките кои ги правеше на самото собрание кога предлагаше точки на дневен ред за кои му беше посочено дека се дел од ингеренциите на Управниот одбор, ќе останат за пример.
Александар Табаковски
-
Англија8 часа
Многу емоции и солзи меѓу навивачите на Ливерпул: „You’ll Never Walk Alone“ во чест на Жота (Видео)
-
Свет16 часа
Мајсторија од слободен удар и ново шоу на Меси за историја во МЛС лигата (ВИДЕО)
-
Шпанија10 часа
Јамал со луд стајлинг го дочека 18. роденден, Гави и Балде уживаа во забавата (Видео)
-
Англија16 часа
Првиот човек на Спортинг испорача брутална закана до Ѓекереш и Арсенал
-
Италија14 часа
Фенер му го „украде“ засилувањето на Милан, па го „истрола“ калчолигашот на социјалните мрежи (ВИДЕО)
-
АТП7 часа
Алкарас со страшен поен го освои првиот сет против Синер (Видео)
-
Италија8 часа
Наполи и Болоња разменуваат документи, Конте ќе добиe нов стопер вреден над 30 милиони евра
-
АТП6 часа
Нереална сцена: Тапа од шампањ го прекина финалето на Вимблдон, Алкарас не можеше да поверува (Видео)