Поврзете се со нас

Атлетика

„Треил трката за вино и љубов“ премиерно во неготински Горни Дисан

Објавено

на

Под мотото „Стартувај, уживај, радувај се! Во тебе е клучот“, викендов се одржа првата „Треил трка за вино и љубов“, која е инспирирана по примерот на винските трки во Франција, Италија и прва од ваков тип во Неготино, а на која се појавија 65 натпреварувачи.

Со задоволство може да известиме дека ЦЕЛта е постигната. Учесниците ги истрчаа своите 7 километри и уживаа во дегустацијата на вината и храната од неготинскиот крај заедно со дегустаторите. Сите заедно на крај заминаа со полни очи убавина, полни гради свеж воздух и позитивни впечатоци. Впрочем случајно или не и трасата по која се трчаше имаше облик на срце!

Организаторот на настанот „ДЕКОНУС“, во соработка со општина Неготино и планинарското здружение „Фри Хајкерс“, собирајќи ги своите впечатоци ветија дека оваа прва трка нема да биде и последна, уште повеќе што таа се издвојува по многу нешта од обичните треил трки.

Имено, оваа трка беше повеќе забава и дружење, а помалку трчање и натпревар. Идејата не беше само да се стигне до целта туку да се ужива во трчањето, но и задолжително да се застане на местата за дегустирање каде секој учесник мораше да дегустира дел од понудата, за потоа на целта да продолжи со дегустирање на производите од на поддржувачите на трката.

За прв пат на трката можеа да се пријават и да земат учество цели семејства што ја прави и по малку фамилијарна трка со можност за семејна дружба, но и за здобивање на здрави навики од мали нозе.

– Треил трката за вино и љубов за прв пат е организирана од неколку храбри жени кои влегоа на тотално машки терен бидејќи до сега организацијата за било каков вид на трки им беше препуштена само на мажи. Сепак „ветер во грб“ добивме од општината Неготино и планинарскиот клуб „Фри Хајкерс,“ без кои финишот немаше да биде ист и на кои им изразуваме едно „големо благодарам“. Посебна благодарност изразуваме до градоначалникот д-р Горан Стојанов, кој им посака и добредојде на учесниците, добра трка, но и следната треил трка за вино и љубов да биде побројна и да прерасне во традиционална трка,- изјави Сунчица Арсовска, главниот инициајтор и организатор на трката, како и управител на „ДЕКОНУС“.

Желбата е да има уште поголеми собири во иднина, учесниците да се дружат и уживаат, а настанот да стане традиционален и да го прошири и обемот и кругот на дејствување.

Претседатлот на Фри Хајкерс, Ахмет Муратов кој несебично ги отвори вратите на планинарскиот дом „Дедо Ило Јанчев“ рече дека ваквите иницијативи се благодет за Горни Дисан, кој е крај што нуди многу можности за Неготино и околината.

Ова не би било трка ако нема победници, забава и фотографии, па така се доделија симболични награди и дипломи на најбрзите. За забава се погрижи „DJ Mighty“ – Мите Наумовски, додека преубавите фотографиии ги направија Мишо Савичевиќ, Благоја Цоканов и Шермин Рахим.

Беа доделени благодарници на Општина Неготино, Планинарското друштво „Фри Хајкерс“ и пријателите на настанот: семејните винарии „Максимилијан и Марков“ – с. Долни Дисан, винаријата „Венец“ – с. Долни Дисан, „Пчеларникот Шишкови“ – с. Долни Дисан, „Екстра Ване“ – Неготино, „МИК“ Св. Николе – Неготино, „Кожуфчанка“ – Кавадарци, „КИМ“ – Неготино, „Росал“ – Неготино, „Кингдом“ –Неготино, „Риле Декор“ – с. Пепелиште –Неготино, „Квин Марија“ -Демир Капија, „Еко вита“ – Неготино и „Колид фудс“ – Колешино.

„ДЕКОНУС“ им заблагодарува на сите уживатели на природата кои беа дел од оваа наша дружба.

Стартувај, уживај, радувај се! Во тебе е клучот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни