Поврзете се со нас

Европски првенства

Ангеловски на еден месец пред ЕП: По Грузија и Германија, следува најубавото!

Објавено

на

На нешто повеќе од еден месец пред стартот на Европското првенство во фудбал, „Дерби“ разговараше со селекторот Игор Ангеловски за низа актуелности.

Она што се издвојува е дека иако Македонија веќе го направи најголемиот успех, кај предводникот на нашата репрезентација преовладува оптимизмот и надежта дека може да се помине првата групна фаза.

ДЕРБИ: Неодамна слушнавме дека УЕФА дозволи 26 наместо 23 фудбалери, со оглед на пандемијата и можноста за потреба на повеќе играчи. Менува ли тоа нешто за нас?

– Најпрво, посакувам сите да можат да се јават на повикот! Веќе го загубивме Несторовски поради повредата на лигаментите, па мала е утехата дека можеме да го прошириме списокот за уште три имиња. Ова што сега го направи УЕФА е во ред, но во некоја рака е идентично со она што го имавме претходно како право на дополнително повикување, само сега однапред е официјализирано. Би рекол дека нам не ни носи ништо повеќе, ситуацијата е иста. Фудбалерите се тие кои го донесоа овој успех и треба да ја имаат можноста да изиграат на овој турнир.

ДЕРБИ: Во меѓувреме ни се случи и победата над Германија, можете ли да ја споредите со онаа над Грузија, која беше послатка?

– Слатки се и двете, нема послатка! Секоја си носи посебно задоволство, првата ни донесе пласман на ЕП, а втората триумф над еден гигант што досега ни недостигаше во нашето портфолио. И двете се потврда на квалитетот, на она што сме го работеле.

ДЕРБИ: Велат човек учи додека е жив. Вие сте на чело на националниот тим веќе шеста година, може ли да ни откриете што научивте од овој период, во кој имаше секакви ситуации и од кој понесувате многу спомени…

– Во право сте, овие спомени за овие успеси остануваат вечно, јас им заблагодарив на играчите дека ми го овозможија тоа. Но, да одговорам и на прашањето: од самиот себе и од фудбалерите секогаш барам да не се задоволуваме и да веруваме дека можеме уште повеќе. Низ годините ова се покажа дека е вистинската мантра, па затоа тоа треба да биде дополнителен мотив, бидејќи следи најубавото, она што го чекавме 30 години – Европското првенство! Таму да бидеме оние правите што ќе дадат се од себе за да постигнат резултат.

ДЕРБИ: Антонио Конте го советуваше Пандев да не се пензионира после ЕП, каков совет Вие му имате дадено?

– Во секој мој разговор со Горан потенцирам дека тој може да одигра најмалку уште една сезона и ќе ми биде жал ако не продолжи. Тој е великан, најголем во нашата фудбалска историја. Со цело срце навивам за него и додека сум селектор ќе го повикувам да игра за Македонија.

ДЕРБИ: Како го мотивирате фудбалерите кои немаат голема минутажа во своите клубови, а сепак одлично играат за репрезентацијата?

– Нема никаква магија: тие одговараат пред мене за она што го пружаат во репрезентацијата. Таму си одговараат за настапите во клубовите. Мене ми е важно како се однесуваат во репрезентацијата и со кој жар и квалитет играат во националниот дрес. Најчесто однапред се договараме и ја дозираме минутажата, со идеја максимално да ја искористат.

ДЕРБИ: Периодов се случи обидот за формирање на таканаречената „Супер-лига“. Каков е Вашиот став за ова прашање?

– Да, ја следев ситуацијата. Искрено, ме шокираа. Среќен сум што заврши вака како што заврши, мислам дека е за добро на фудбалот. Убавината во фудбалот е тоа што играат два тима од по 11 играчи и секој да има фер шанса да победи, па макар биле и на хартија послаби како што бевме ние во случајот со Германија.

ДЕРБИ: После толку добри нешта и остварени желби, имате ли нешто ново за што сонувате во иднина?

– Искрено, во овој момент само размислувам за нашите натпревари во групата. Сконцентиран сум на тоа како да извлечеме максимум и да ја оствариме целта и да ја поминеме групата!

ДЕРБИ: Го собравте ли албумот со сликички, Ви недостига ли некој од нашите?

– Хахаха, јас оваа репрезентацијата ја собрав некаде во 2015 година, а албумот сега го собираат моите деца. Мислам дека имаат уште 15 сликички за да го исполнат до крај, но Македонија е комплетна!

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни