Жан Тод ја отвори „Куќата на славните“ и евоцираше спомени за Шумахер, но Хамилтон не се одзва на поканата!

fia hall of fame 2017

Претседателот на ФИА, Жан Тод, откри малку познати моменти од неговата соработка со Михаел Шумахер која ќе остане запаметена по освојувањето на пет шампионски титули во низа од 2000 до 2004 година.

Тод евоцираше спомени дека по освојувањето на првата титула во 2000 година Шумахер барал приватен тест на патеката во Фјорано за да ги провери своите способности, што го ослови како една од двете епизоди кои се издвојуваат во текот на нивната десетгодишна соработка.

– Ферари стана шампион со Михаел по 21-годишна пауза. Го поведов накај подиумот и му реков „Нашиот живот во трките никогаш повеќе нема да биде ист“. Тој ден во Сузука беше најсилниот момент во мојата кариера. Друга работа која ќе објасни каков е Михаел: по освојувањето на титулата во 2000 година, тој ме праша срамежливо, бидејќи во основа е мошне срамежлив дечко иако изгледа арогантен, дали ќе му дозволам да тестира во Фјорано за да види дали е се уште способен да вози. Постојано се сомневаше, дали е добар возач или не. Го одработи тестот и не беше многу лош… – изјавил Тод при отворањето на „Куќата на славните“ за луѓето од светот на авто спортот.

Михаел Шумахер беше почестен со впишување во „Куќата на славните“, но не беше присутен на церемонијата бидејќи се уште се обидува да се рехабилитира од тешките повреди кои ги здоби на скијање во декември 2013 година.

– Ни недостига Михаел. Тој е таму, се уште се бори. Среќен сум што ја имаме Сабине Кем која го води нивниот семеен бизнис. Сакав да дојде неговиот син Мик, но тој е Шпанија каде што ќе тестира. Борбата продолжува, Михаел е некој што е мошне посебен за авто спортот. Тој е посебен за мене, мој пријател,- додаде Тод.

Поранешната гласноговорничка на Шумахер која денеска е негов менаџер, Сабине Кем, во оваа пригода се обрати за да соопшти дека Михаел се чувствува почестен.

– Јас сум само сиромашна замена оваа вечер. Сите ние знаеме дека Михаел требаше да биде тука. Сигурна сум дека тој ќе сакаше да дојде. Отсекогаш имал највисока почит за секого во оваа просторија. Тој се чувствува почестен. Знам и колку добар пријател е со Жан. Сигурна сум дека ќе биде горд за него што го направи сето ова. Мислам дека она што го направи успешен беше љубовта и заедничката страст со другите присутни, љубовта и страста за спортот,- изјави Кем.

На отворањето на куќата на славните присуствуваа девет светски прваци од вкупно 33 во историјата на спортот: Џеки Стјуарт (1969, 1971, 1973), Марио Андрети (1978), Ален Прост (1985, 1986, 1989, 1993), Најџел Менсел (1992), Дејмон Хил (1996), Жак Вилнев (1997), Фернандо Алонсо (2005, 2006), Себастијан Фетел (2010, 2011, 2012, 2013) и Нико Розберг (2016).

Facebook Коментари