Поврзете се со нас

Македонија

Вуков: Приспособувањето за Валелунга ќе биде најтешкиот дел

Објавено

на

Со три гран при викенди зад себе, македонскиот пилот Ристо Вуков ја стартува втората половина од сезоната на Порше Карера Куп Италија со настапот на патеката Валелунга крај Рим.
Годинава со новата генерација на возилото сите возачи стартуваа „од нула“, па сепак секој од нив се соочи со различни турбуленции и променливи резултати, но Вуков ги потенцира недостатокот на спортска среќа и стабилни временски услови како фактори на кои тој не може да влијае.
ДЕРБИ: Зад нас е првата половина од сезоната, какви се впечатоците и анализите за постигнатите резултати?
-Ако минатата година искрено посочував дека има области во кои морам јас лично да се подобрам, во истиот дух ќе констатирам дека сум успеал да направам напредок. Лани најмногу ми пречеа неконзистентните резултати во квалификациите, а тимскиот шеф Џанлука ди Лоренци ме советуваше да се подготвувам за секој гран при викенд пред да дојдам за настап. На последната трка во Муџело го имав најдобриот квалификациски пласман, но бев удрен на стартот и морав да се откажам од трката и од шансата да се борам за подиум. Тоа не само што ми ги одзема бодовите од првата трка, туку и во втората морав да стартувам од последно место. Пред тоа, на трката во Мизано додека се борев за шестото место, на патеката пред мене се изврте возач, па за да го избегнам морав да излезам надвор од патеката со што ги оштетив гумите.
-Тешко е да се објаснат такви ситуации, но иако не сум задоволен од расплетот на нештата, сепак останувам оптимист бидејќи постои тренд на подобрување на резултатите. Морам да ја зачувам присебноста и наместо да жалам за лошата среќа, да останам во добра форма и да продолжам да обезбедувам пласмани во втората квалификациска сесија, што го сметам за основа за добри трки во текот на викендот.
ДЕРБИ: Ни претстои четвртиот натпреварувачки викенд од сезоната во Порше Карера Куп Италија, со кои очекувања патувате за Валелунга?
-Секогаш се обидувам да го дадам најдоброто од себе. Ривалите не седат со скрстени раце, постојани ги користат сите можности за да тестираат и да останат во добра форма. Имаат по 2-3 тренинга пред едно гран при, а јас максимум еден. Еве на пример, сега за време на трката од Формула 1, во Монца се возеше Интернационалната серија Порше Суперкуп, а осум возачи од италијанскиот шампионат беа таму. Тоа ќе се покаже кога ќе дојде нашиот викенд за трка во Монца, тие ќе бидат еден чекор пред сите други бидејќи веќе имаат искуство со овој нов автомобил што го имаме од оваа сезона. Од тука, не сакам да бидам престрог ниту кон себе, бидејќи колку и да сум настроен критички, на крајот од денот тоа се фактите. Тоа се силни возачи и работат на себе и на своите резултати, па иако не сакам да барам оправдувања, се трудам да ги гледам нештата реално.
-За трката на Валелунга очекувам сите да имаме проблеми со приспособувањето: тоа е патека со долги и бавни свиоци, бара поинаков ритам на возење каде што треба да се успее да се понесе брзината во свиокот. Мора да се работи со сопирачките, да се калкулира со штелувањето на автомобилот за да има добар воздушен потисок и слично. Нијанси се во прашање, а простор за грешка едноставно нема. Пневматиците ќе бидат клучен фактор доколку имаме трка без дожд, бидејќи перформансите нагло опаѓаат после три круга. Би рекол дека Валелунга е најтешката за приспособување во вториот дел од сезоната, бидејќи Монца и Муџело ни се подобро познати.
ДЕРБИ: Постои ли „математика“ што може да те направи среќен во овој втор дел од сезоната? Што ќе бидат твоите конкретни аспирации?
-Би рекол дека во реалноста не е можно да се калкулира како во математиката. На хартија, некој да ми понудеше пред сезоната два пати да се пласирам во втората квалификациска сесија, со двете раце ќе потпишев! Но, ете, се покажа дека иако тоа ми беше најголема желба, сепак не беше доволно бидејќи недостигаше спортска среќа. Потребно е да се задржи таа конзистентност и да се работи на ситници, на нијанси. Имаме зад нас шест трки со шест различни победници, тоа не е случајно. Секоја грешка се плаќа, мало невнимание и отиде пласманот. Бил прв на претходната трка, овој гран при викенд се бори за десетто место.
-Посакувам тркачки викенд со стабилни временски услови, во кои ќе биде минимизирана веројатноста за грешка. Од друга страна, свесен сум дека ќе се профилираат и кандидати за титулата, па ќе има калкулации кај нив. Се надевам дека тоа ќе оди во моја корист, бидејќи мојот сон е секогаш ист: пласман на подиумот и развеано македонско знаме!
Реклама
Реклама
Реклама

Популарни