Вуков над пет часа зад воланот во трката „24 часа Адриа“

start 24 casa adria

Ристо Вуков беше единствениот учесник од Македонија на трката „24 часа Адриа“ што викендов се возеше на новата патека во Италија, каде што е лоцирана и официјалната Академија на светската TCR серија, при што го освои петтото место како член на тимот „Beep Beep Racing“, откако стартуваше од 12 место.

Во трката учествуваа 15 екипи (една пријавена екипа не успеа да стартува), при што возачите имаа претходно само по три круга како претходен тренинг со возилото Ибица Купра, кое во верзија со DSG менувач има околу 210 коњски сили.

– Трката во најголем дел беше возена на дожд, или да бидам попрецизен, преку 90% од дистанцата се возеше на влажна патека. Патеката беше лизгава, а во недостиг на правци тоа делуваше заморно, буквално не можеш да го испуштиш воланот од раце. Јас учествував со три делници, првата од 150 минути, потоа 45 минути кога имавме потреба за неочекувано влегување во бокс, и на крајот 120 минути. Во еден момент дојдовме до втората позиција, но поради проблеми со електрониката и неочекуваниот пит стоп стратегијата ни се наруши, па на крајот се изборивме за петто место. Искуството беше прекрасно, целиот настан беше преубаво организиран, така што нема простор за незадоволство,- изјави Вуков по трката, најавувајќи уште новитети за неговата интернационална кариера.

 

Facebook Коментари