Вуков ја доби првата покана за трка со „TCR“ возила!

vukov so kaciga vo leon

Младиот македонски возач Ристо Вуков – Рико периодов беше актуелен бидејќи по завршувањето на сезоната во српскиот шампионат на кружни патеки ги објави своите планови за тестирање возила со „TCR“ спецификација, бидејќи во таа гранка од авто спортот ја гледа својата иднина.

Тој ги направи првите чекори пред една седмица возејќи на патеката „Адриа“ во областа Венето во Италија, а по враќањето не информираше дека благодарение на прикажаните перформанси веќе ја добил и првата покана за настап.

ДЕРБИ: Како помина првото искуство со „ТCR“ академијата во Италија?

Во Италија бев заедно со мојот колега од српското првенство, Јован Лазаревиќ. Буквално секој миг од посетата на Италија беше можност за увид зад кулисите на авто спортот на едно високо ниво. Академијата поседува десетици возила, патеката е прекрасна, таа е буквално цел комплекс со различни хали, со различни патеки, а имавме можност да добиеме совети од возачи кои се натпреваруваат во италијанската и европската „TCR“ серија, тоа се браќата Џовани и Џакомо Алтое. Имавме на располагање два дена за возење, при што на првиот повеќе гледавме да се запознаеме со патеката, а и инструкторите со нас и нашите стилови на возење. Најнапред возевме Ибица Купра со „DSG“ менувач, возило кое има 210 коњски сили и испробавме различни штелувања. Сметам дека ја заслужив довербата на инструкторите бидејќи успеав на тој тест да ја подобрам поставената норма од нивна страна за пет секунди, односно еден круг наместо за 1:38 да го возам за 1:32,4. Вториот ден на располагање имав Леон со 380 коњски сили и исто така со „DSG“ менувач, мошне моќно возило за оваа патека која нема правци, изгледа наивна, но сепак крие многу тајни. Најпозитивниот момент за мене е тоа што постигнатите времиња за еден круг беа мошне константни околу од 1:24 до 1:24,2 и без осцилации иако се возеше со стандарден сет-ап. Проекцијата на инженерот за поддршка беше дека доколу ги искористиме сите капацитети за унапредување, односно ставиме нови мазни гуми, го вклучиме мапирањето на моторот од 90% на 100%, со дополнителен тренинг и поголемо внимание на штелувањето, би имал конкурентно време во борба за второ место на квалификациите за трката што се вози таму!

ДЕРБИ: Сите овие работи се одлични за самодовербата на еден возач во подем, но што станува со искуство во трка?

– Ме поканија следниот месец на „Ибица куп“, тоа е 24-часовна трка на издржливост, со одлични услови за стекнување искуство. Првите резултати се охрабрувачки, дури и бев позитивно изненаден од себе. Отидов да видам кое е нивото, да видам дали можам да се справам со предизвикот, би рекол повеќе за забава, но се излезе сериозно добро. Имавме многу разговори, ме оценија дека сум како неагресивен кон возилото. Мене ме радува тоа што се чувствувам природно, не е страшно или неразбирливо, напротив со овој академски концепт направено е да се премостат секакви недоразбирања и да се има конструктивно запознавање, како со возењето на возилото, така и со себе си како возач.

ДЕРБИ: Дали е можно да ги смениш плановите за следната година и наместо во српскиот шампионат веднаш да се ангажираш околу настап во „TCR“ серијата?

– Иако сум сега во еуфорија поради добриот старт, останувам на плановите за следната сезона со „југо хибрид“. Тоа е моја незавршена приказна и очекувам конечно да се покаже искуството што го собирам и во тие трки. Меѓутоа, паралелно ќе продолжам со плановите за собирање искуство со „TCR“ возила. Прво ќе размислам за понудата за настап до крајот на оваа година, а потоа треба да одговорам и на понудата за уште два теста идната година со можност за настап на една трка во „TCR“ серијата што се вози за италијанското првенство. Не брзам преку ноќ да влетам во нова епизода и потоа да се чудам што барам таму, туку добро да се запознаам со овие трки и да го сочекам најсоодветниот момент во кој ќе можам да извадам максимум од шансата што ми се дава.

risto vukov na sonce adria 2017

Facebook Коментари