Вуков ги започна подготовките, титулата е легитимна цел!

vukov moto amerit prikolica

Големата надеж на македонскиот автомобилизам, Ристо Вуков, објави дека ја започнал мисијата за освојување на титулата во 2018 година, во трките од српското првенство каде што настапува во најконкурентната класа „Југо Хибрид“.

Популарниот „Рико“ две сезони собираше искуство во трките што се возат низ Србија, учејќи ги патеките и прилагодувајќи го стилот на возење по раните успеси во картингот. За претстојната сезона тој ќе се насочи кон освојување на титулата, а во таа насока за „Дерби“ ги открива фактите на кои се темели неговиот прогрес.

ДЕРБИ: На својата официјална страница објави дека возилото ќе биде освежено, дали тоа беше потребно имајќи предвид дека по излетувањето во Краљево веќе беше направен комплетен ремонт?

– Во тек се неколку фази од подготовките, при што акцент се става на комплетно репарирање на возилото, со комплетно нови делови, како и изедначување на перформансите на моторот за резервниот автомобил. Сакаме да го провериме целото возило, до последниот штраф и да го дочекаме стартот на сезоната во најдобро можно светло. Очекувам скок во перформансите и тоа солиден! Резервното возило минатата сезона не беше подготвено, па тоа излетување на квалификациите ме чинеше настап во двете трки кои следеа во Краљево, а со тоа автоматски загубив и неколку позиции во генералниот пласман. Од искуствата треба да учиме и оваа година мора да се биде 100% ако сакаме да ја освоиме титулата.

ДЕРБИ: Дали има некакви промени кои би влијаеле на распоредот на силите, со оглед на тоа што Виктор Давидовски по освојувањето на титулата реши да оди во „TCR“ серијата, па со тоа ќе имаше еден конкурент помалку?

– Согласно најавите за промени во правилата, оваа година нема да биде дозволено секој сам да набавува гориво и да експериментира со хемија. Напротив, најавено е дека ќе има цистерна со гориво од „НИС Петрол“, горивото ќе се испорачува на самата патека и ќе има можност да се испитува она што е користено од одреден возач, веднаш на самата патека. Најавени се ригорозни казни, меѓу кои и забрана за учество во спортот во времетраење од две години! Тоа е уште еден фактор поради кој очекувам борбата да биде поизедначена, да излезат на виделина возачките квалитети. На Виктор веќе му посакав среќа, но очекувам повторно да ни се вкрстат патиштата во подоцнежниот дел од мојата кариера.

ДЕРБИ: Паралелно со овие подготовки учествуваше на тестирањето во TCR“ академијата, а најави и дополнителни тестови, како и трка во Италија?

Во моментов веќе потврдив дека ќе учествувам на трката „24 часа Адриа“ во рамки на Ибица Куп. Тоа ќе се случува кон крајот на ноември и де факто ќе претставува начин како да останам во форма, бидејќи трките од српското првенство завршија некаде на средата од септември. Во овој настап јас ќе имам шанса да извозам преку 100 круга во тркачки услови, плус тренинзи и квалификации. Стартот на сезоната во Србија се очекува во мај, а до тогаш јас морам да работам на физичката кондиција, како и на тркачките вештини, а тоа е можно само во автомобил и на патека. Затоа ќе ја користам секоја можност за возење и унапредување на формата, па веќе од првата трка да се стартува во најсилно можно издание!

Facebook Коментари