Вуков денеска стартува во „24 часа Адриа“

vukov ibica adria24

Поранешниот картинг шампион Ристо Вуков денеска ќе стартува во трката „24 часа Адриа“ што ќе се вози во рамки на „Ибица Куп“ со идентични возила подготвени според TCR хомологација.

Вуков минатиот месец ги направи првите чекори кон интернационалната кариера тестирајќи на оваа патека токму со Ибица и Леон во рамки на „TCR Академијата“, а сега продолжува со стекнувањето искуства пред конечниот избор на серија во која што ќе се натпреварува.

Според претходните сознанија, Вуков на тестот возеше Ибица Купра со DSG менувач и мотор кој на располагање дава 210 коњски сили. Во оваа трка, Вуков ќе го дели возилото со уште пет совозачи за 24-часовната трка, при што лимитите се поставени во однос на автомобилот: на располагање ќе имаат 6 сета за гуми и три сета за сопирачки. Организаторот во правилата предвидел две задолжителни застанувања од минимум 30 минути и уште едно по избор на тимот од 45 минути. Другите влегувања во бокс ќе бидат за гориво, поради што штедењето на енергенсот ќе биде од исклучително значење, односно минување на што е можно повеќе километри со резервоар од 55 литри. Според правилата, секој влез во бокс значи и промена на возачот.

Стартот на трката е денес во 14 часот, при што на квалификациите не се обрнува речиси никакво внимание поради фактот што се вози само еден летечки круг, буквално колку за распоред на автомобилите на стартот.

Facebook Коментари