Поврзете се со нас

Светски првенства

Вујовиќ посочи три типа на играчи кои недостасуваат во Македонија и подбра еден репрезентативец: Не можам да го препознаам!

Објавено

на

Веселин Вујовиќ ги анализираше балканските репрезентации кои настапуваат на Светското првенство и една од темите во подкастот на „Балкан Хендбол“ беше огромниот пад кој го бележи македонската селекција, која денеска стави крај на својот најлош мундијал во историјата.

Со поразот од Белорусија во Каиро, Македонија си заминува од Египет со биланс од пет порази и само една победа, епилог кој можеби и се очекуваше, но сепак оставената слика на теренот отвора огромна дебата за тоа како во иднина ќе се развива најсилната македонската селекција. Оваа тема ја „начна“ и легендарниот Вујо кој понуди неколку своите тези во излагањето, со тоа што нагласи и каков тип на играчи и недостасуваат на Македонија во актуелниот состав.

– Во цело ова сивило на Македонија, ако некој се издвои, тогаш тоа е Кузмановски. Сега сите очи се вперени во него. Тој има и физички предиспозиции да биде лидер. Тука е и малиот Костески кој беше во Загреб, тој има висина и добра лева рака, тука е и Томовски кој игра во Германија, но сепак неопходно е Македонија да најде тип на играчи како Велко Маркоски и Ацо Јоновски, тие беа бедем и ја држеа одбраната. Немаа специјален квалитет, но ја држеа одбраната со срце, имаа срце големо како автобус. Исто така, мораат да пронајдат и пивотмен кој има два метри, кој ќе игра во двата правци. Пешевски и Столе се фантастични напаѓачи, и поради техниката и поради „габаритот“, но тие не можат да се вратат и да покријат во одбрана против силни репрезентации, – анализираше Вујовиќ.

Поранешниот тренер на Вардар е добро запознаен со добар дел од младите македонски ракометари со оглед на работата која ја имаше во нашата земја, па во обраќањето, не пропушти да го опомене Филип Талески.

– Играчите кои требаа да се развијат во клубовите и кои требаше да бидат носители, тоа беа Талески и Кузмановски. Они отидоа во најсилната европска лига, во топ клубови, но не напредуваа. Не само што не напредуваа, Талески назадуваше. Не можам да го препознаам. Кога зборував со Михајло за Вардар, му реков дека добра стратегија е да се вратат македонските играчи и реков дека еден од оние кои треба да се вратат е Талески. Но, тој исчезна од земјината топка, не игра ни одбрана, не шутира, прави технички грешки, прави глупости, па затоа и го разбирам селекторот кој постојано го вади во игра, па го става. Едноставно не знае што да прави со него, – нагласи Вујо.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни