Вујовиќ ја презема вината, но потоа „го избриша подот“ со судиите!

26803417_881581038691553_1280585371_n

Од Загреб за „Дерби“,
Александар Табаковски

Селекторот на Словенија, Веселин Вујовиќ, со брутален медиумски напад врз судиската двојка од Романија побара образложение за поразот што неговите избраници го претрпеа од Македонија.

Поранешниот најдобар ракометар на светот пред акредитираните новинари во прес центарот излезе со провокативна изјава каква што само тој умее да срочи.

– Јас ја преземам вината за овој пораз, немам што да им забележам на моите играчи. Но, морам да кажам, после 45 години во ракометот, јас сфатив дека не ги знам правилата на оваа игра. Не знаев што тоа судеа судиите од Романија, во најголем дел за играта на Македонија, а исто така и во неколку наврати за играта на Словенија. Луѓето од ЕХФ треба добро да размислат дали ова судење ќе го оценат позитивно,- рече Вујовиќ на прес конференцијата по натпреварот. – Се радувам за луѓето во Македонија на кои знам дека оваа победа ќе им биде многу значајна, а исто така и на ракометарите кои се надевам дека ќе продолжат вака и ќе ги гледаме до крајот.

Предводникот на словенечкиот национален тим ја заврши прес конференцијата со ироничен тон.

– Во иднина планирам да се занимавам со рударство. Тоа е лесна работа, во споредба со ова,- рече Вујо на крајот.

Претходно, по директниот пренос, Веселин Вујовиќ во слична интонација со „дрвја и камења“ ги посочи судиите како фактор во поразот.

 

Facebook Коментари