Второто издание на „СОНУВАМЕ.МЕНУВАМЕ.“ заврши со БЕНГ!

sonuvame

Со задоволството на сите учесници и на сите посетители, петте инклузивни концерти во рамки на „Сонуваме.Менуваме.“ со омилениот детски состав „5+ фамилија“ завршија и оставија зад себе сеќавања на добрата атмосфера, музиката, магијата, но и создадоа природна и ненаметлива подлога за инклузија на децата со посебни потреби.

Целта на оваа општествено одговорна активност беше на најмладите да им покаже како изгледа инклузијата, прифаќањето и разбирање. А таа цел беше реализирана преку пораката дека пријателството е најлесната работа на светот доколку пристапиш без предрасуди, со широко отворено срце и ги прифатиш разликите.
Додека Петко, главниот лик во претставата ја бараше петтата страна на светот (пријателството), децата уживаа во богатите музички, магични, театарски точки и учеа како може да се биде пријател со секого. Концертите за поголем ефект, завршуваа со песната „Земја“ која минатата година беше инспирирана од овој настан и со одлична музичка подлога помага за промоција на пораката за инклузија.

Во секој од петте концерти, продукцијата ОхО, сценариски вклучи точки со кои се претставија и асоцијациите на деца со посебни потреби: Трисомија 21, посебната паралелка при ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ за деца со оштетен слух, говор и глас, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас „Кочо Рацин“ од Битола, Dancers United и Дневниот центар за деца и младинци со церебрална парализа од Скопје.

Дополнително, во театарскиот дел од претставата учество зедоа Илина, Дарко и Цако од “Трисомија 21“, Ивана од посебната паралелка за деца со оштетен слух, говор и глас при ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“, Филип и Јована од „Види ме“, како и цртан филм од цртежите на Асоцијација за права на деца и младинци со посебни потреби „Ластовица“ и со што уште повеќе го збогатија концертот.

Како благодарност, Банката за сите деца од асоцијациите ќе испрати пред Новата година мал подарок за сеќавање од „Сонуваме.Менуваме“ 2 а согласно најавата, на премиерата на „СонувамеМенуваме“, Банката ги објави и добитниците на грантовите за оваа година. Комисијата оваа година имаше значително потежок избор и поради бројноста на апликациите, но и поради нивната благородна цел. Им честитаме на сите кои подготвија предлог проект а посебно на добитниците кои се надеваме ќе бидат поттик за уште поголем број на апликации следната година.

Фотографиите од нашата ведра публика се достапни на Facebook страницата на Банката а за сите кои немаа прилика да ги проследат концертите, видео запис ќе биде прикажан на МРТВ на 31.12, во рамки на предновогодишната програма.

Facebook Коментари