„Вооружен и опасен“: Иџе најави враќање во трките со нов автомобил!

igor stefanovski idze

Најуспешниот македонски тркачки возач, Игор Стефановски – Иџе, по укинувањето на тркачката серија ЕТСС во која што се натпреваруваше минатите две сезони, се соочи со неизвесна иднина поради големите промени на светски ниво и транзицијата на досегашното светско првенство WTCC во WTCR.

Денеска во Скопје, Стефановски објави дека тргнува во нов поход, овој пат преку TCR европската серија, со нов автомобил, „Хјундаи и30“.

– Сето ова се случи во последен момент, буквално во последните седум дена, благодарение на луѓето околу мене и оние кои ме поддржуваат во континуитет веќе неколку сезони. Сакам јавно да им се заблагодарам на сите, но иако успеавме да го решиме првиот дел од проблемот, сега борбата продолжува со тоа што треба да најдеме буџет за настапи до крајот на сезоната,- изјави Стефановски за „Дерби“.

Според најавите, Иџе нема да има шанса да го тестира возилото пред првата трка на Пол Рикард во Франција на 5 и 6 мај, бидејќи неколку дена претходно ќе го подигне од седиштето на Хјундаи Моторспорт во Германија. За разлика од ЕТСС, во оваа серија се очекува да има триесетина возачи и конкуренцијата да биде мошне силна. Иако победите се императив, во првите неколку трки веројатно тимот АКК Стефановски ќе настојува подобро да го научи возилото, па во вториот дел од сезоната да атакува и во борба за повисоки места.

Facebook Коментари