Поврзете се со нас

Македонија

Викенд за заборав, Давидовски останува оптимист!

Објавено

на

Виктор Давидовски имаше кошмарен викенд на Нирбургринг во кој беа преплетени дефекти, откажани квалификации и удари од ривалите во текот на трката, но испрати оптимистичка порака пред продолжението на сезоната.

Сабота е вообичаено ден за квалификации и прва трка во гран при викендот на ТЦР Европа, но поради густата магла сето тоа беше повлијаено и изместено. Откако беа откажани квалификациите, стјуардите одлучија да формираат стартна листа според најдобрите времиња во слободните тренинзи. Тука малерите продолжија, па најдобрите времиња на Давидовски не беа земени предвид иако беа логирани во компјутерот на неговото возило, бидејќи поради дефект на транспондерот не биле емитирани до централниот систем за контрола на времето. Првата трка што требаше да се вози во саботата беше откажана, но формално правно во терминот за  втората трка се возеше  „Трка 1“, а стјуардите ја откажаа „Трка 2“. Во неа, Давидовски беше поставен да стартува од 19. место.

Иако успеа да се избори за добар старт и да се пробие до 10. место, македонскиот возач беше удрен од Исидро Калјехас и едвај ја заврши трката со оштетено возило на 14. место, со што освои 3 бода и се искачи на делба на шестото место во генералниот пласман со 152 поени. Во трката победи тимскиот колега на Давидовски, Том Коронел, а Франко Џиролами беше трет, со што тимот „Comtoyou Racing“ продолжува да биде лидер со 566 бода, пред „Volcano Motorsport“ со 440.

– Не можам да бидам задоволен од 14. место, но тоа се трките. Иако стигнав до 10. место, бев удрен од Калјехас и тоа се рефлектираше на перформансите на возилото. Вложив големи напори во тренинзите, за да имам добар сет-ап за трката, но дефектот на транспондерот значеше да стартувам од 19. место, иако имав време за пласман меѓу првите шест. Во тркачка смисла, не може да биде полошо од ова. Се надевам дека лошата среќа го зема својот данок тука на Нирбургринг, па на следниот гран при викенд во Монца (24/25 септември) ќе биде наш ред да се радуваме. Им честитам на моите колеги Коронел и Џиролами за победата и пласманот на подиумот, мала утеха ми е тоа што екипно сме први на табелата,- напиша Давидовски на социјалните мрежи.

Џиролами е лидер во генералниот пласман на возачите, а Том Коронел кој победи на единствената трка на Нирбургринг, сега е трет, зад Џош Фајлс. Аргентинецот е прв со 305 бода, Фајлс има 227, а Коронел 214. Исидро Калјехас и Клим Гаврилов, обајцата од „Volcano“ ја заокружуваат првата петорка со 208, односно 195 бода.

До крајот на сезоната има уште два гран при викенди, во Монца и Барселона.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни