„Вечното дерби“ со хуманитарен карактер: Да му се помогне на легендарниот Стеван Гешовски!

MZT-Partizan1

Новата управа на актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром објави дека претстојното „вечно дерби“ против Работнички ќе биде има хуманитарен каракетер, со цел да му се помогне на поранешниот играч, Стеван Гешовски.

Откако вчера беше актуелна веста дека навивачката група „Фамилија“ најави враќање во салата Јане Сандански на мечот со Морнар од АБА лигата, лебдеше прашањето зошто тоа не е од натпреварот со Работнички, но со денешното соопштение „штрковите“ ја разјаснија мистеријата.

– Сите средства собрани од продажбата на билети за македонското кошаркарско „Ел Класико“ ќе бидат наменети за помош на Гешовски, а за време на натпреварот, на повеќе места во салата, ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна донација со што вкупниот износ за помош на некогашниот прославен кошаркар би бил уште поголем,- се наведува во соопштението.

Натпреварот ќе се одигра в среда (6 декември) во салата „Јане Сандански“ со почеток во 17.45 часот, а хуманитарниот карактер на мечот е поддржан и од тимот од Градски парк, бидејќи Гешовски е поранешен капитен на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, како и некогашен технички директор на репрезентацијата на Македонија.

За неговата здравствена ситуација по преживеаниот исхемичен мозочен удар медиумите пишуваа во повеќе наврати, бидејќи поранешниот кошаркар се соочува со отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите. Со оваа акција преку „вечното дерби“, двата тима ќе се обидат да соберат средства за лекување преку терапијата со матични клетки во Москва. Лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите и на неговиот говор и дека би бил ослободен од константните болки. Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра, средства кои тој сам не може да ги обезбеди.

Клубот преку денешното соопштение повика сите спортски вљубеници да дојдат во „Јане Сандански“, со што би ја покажале својата хуманост, а воедно ќе го гледаат интересниот дуел за двата бода од домашното првенство. Цената на влезниците е 100 денари и веќе можат да се купат од билетарницата во салата, како и преку интернет.

Facebook Коментари