Шах
Васил Панов: Магијата на шахот е во невербалните знаци при играта човек против човек
Повеќекратниот македонски републички првак во шах, Васил Панов, на македонската шаховска сцена се појавил кон крајот на педесеттите години од минатиот век и оставил неизбришлива трага како со своите настапи, но така и со своето општествено делување во корист на шаховската култура, пред се како генерален секретар на Шаховската олимпијада одржана во Скопје, во 1972 година.
Како и многумина негови современици, бил самоук, но и денеска кога се присетува на своето детство, го идентификува шахот како „прва љубов“. Васил Панов уште од раната младост го засакал шахот и следел сè што можел да најде во дневните весници од тоа време. Потоа почнал да бара соодветна литература и да го посетува локалниот шаховски клуб во Струмица.
Благодарение на оваа древна игра се вивнал помеѓу македонската спортска елита, а иако имал мошне кратка играчка кариера, освоил четири титули во македонските шампионати. Дополнително, имал и респектабилни интернационални настапи, најмногу во Италија, каде што го освоил турнирот во Ла Специја. Можеби од денешен аспект се чини дека неговите интернационални настапи биле мошне ретки, но не смее да се заборави дека поранешна Југославија имала сопствени силни турнири и шампионати, па оправдано важела за шаховска велесила.
За многумина бил еден од најнезгодните противници со кој се соочиле бидејќи играл мошне борбено. Со делбата на првото место во 1958 година станал „мајсторски кандидат“, а единствен пат кога бил сам на врвот без да има други играчи со ист број на поени било во 1965 година.
Неговиот шаховски опус трае околу 18 години, односно од освојувањето на титулата младински шампион во 1954 година, па сè до потполно повлекување од шахот во 1972 година. Оваа прекрасна шаховска романса била прерано прекината поради семејните и работните обврски во дипломатијата, кои не оставале време за шах. Како дипломат на СФРЈ бил Генерален конзул на Југославија во Торонто (Канада) и во Перт (Австралија). Од 1989 до пензионирањето во 2000 година, бил генерален секретар на нашата највисока научна институција, МАНУ.
Како се случи да почнете да го изучувате шахот и од каде се појави тој интерес?
– Многу го сакав, и уште го сакам, спортот, не само шахoт, туку сите спортови. Како мал најмногу играв кошарка и пинг-понг, но се заљубив во шахот кога имав околу 8-10 години. Не се сеќавам најточно, но следејќи ги шаховските извештаи во весниците почнав да барам шаховска литература и од неа учев. Немав шаховски сет дома и партиите ги играв во глава. Може да се каже дека учев од најголемите шахисти преку литература и по безброј пати ги повторував партиите кои најмногу ги сакав и правев нови комбинации. Редовно одев и во шаховскиот клуб во Струмица да гледам како играат шах и таму ми даваа шаховска литература и прва можност да играм на турнири.
На која возраст започнавте да играте на турнири?
– Почнав да играм на турнири со 14 години и со првите парични награди купував шаховски билтени и книги и учев од таму. Со 16 години станав младински првак на Македонија. Кога завршив гимназија се преселив во Скопје поради факултетот и имав повеќе можности да се посветам на шахот, а беше и многу полесно да се патува од Скопје на меѓународни турнири. Бидејќи бев петто, воедно и најмало, дете во семејството, речиси никогаш немав ништо ново, туку наследено од постарите браќа. Во тоа време, некаде по 1950 година, државата ги помагаше и финансираше шаховските турнири, а шахистите добиваа поддршка за трошоците за патување, а наградите за освоени први, втори и понкогаш и трети места на турнири беа вредни и за мене – големи! Речиси на секој турнир освојував најмалку второ место, па така си ги купив првото одело и првиот пар чевли. Подоцна, околу 1966 година, дури и првиот автомобил, Фолксваген „буба“, го купив со парите што ги штедев од турнирите вклучувајќи ги оние во Ла Специја, Италија, каде победив два пати, но и од други турнири на кои учествував во Италија. Тие награди беа многу високи за тогашните услови во Југославија, а ги добивавме во италијански лири.
Дали се сеќавате на Вашите први противници од тие турнири?
– Денес кога го правиме ова интервју, се навршуваат речиси 50 години од организирањето на Шаховската олимпијада во Скопје, во 1972 година, кога јас всушност престанав активно да играм шах. Пројдоа многу години, не се сеќавам најдобро на тоа со кого и како сум играл. Сведок сум дека имавме многу квалитетни шахисти во Македонија, како Павле Бидев и Благоја Сотировски. Јован Софревски беше постар од мене и нормално поискусен, но не го сметав за незгоден противник. Најголем респект имав, и до ден денешен имам, кон Павле Бидев. Но, престанав да се среќавам со нив, престанав да се движам во тие кругови, а и дипломатската должност ме одведе далеку од Македонија.
Како се подготвувавте за партиите, колку време инвестиравте во подготовките за настап на републичките првенства или пак на меѓународните турнири?
– Додека активно играв шах се подготвував со денови, недели, понекогаш и со месеци, со тоа што ги проучував сите партии на идниот противник. Сакав да разберам како идниот противник размислува. Но, во тоа време немав пристап до дигиталните ресурси. Во тоа време беа достапни само печатени шаховски билтени и збирки на шаховски партии од СССР (денешна Русија). Кога патував надвор од Југославија, како млад шахист, наместо сувернири купував шаховска литература. Денес младите шахисти имаат сè на интернет, можат да учат полесно, но тоа не значи дека не треба по секоја одиграна партија да го визуализираат и анализираат секој потег што се одиграл. Тоа е единствен начин да се стане добар шахист. Не сум против виртуелно играње на шахот, со партнер некаде далеку во светот, или со дигитален противник во форма на апликација, тоа е само уште еден извонреден начин да ги сфатите сопствените слабости и да вежбате. Сепак, за мене магијата на шахот е во тоа и да го слушате дишењето на противникот, да го следите секоји најмал невербален знак и од тоа да се обидете да го предвидите следниот потег на противникот. Затоa ме радува кога читам и слушам дека шахот (човек на човек), доживува некој вид ренесанса во последните години кај младите.
Кои шаховски отворања беа дел од Вашиот репертоар кога бевте веќе изграден играч?
– Бев познат како еден од најдобрите „Каро-кан“ играчи во тоа време, но исто така ги сакав и „Сицилијанска одбрана“, „Панов-Ботвиников напад“, а солидно ја владеев и „Гринфелдовата одбрана“. Воедно „Шпанското отворање“ и „Англиското отворање“ ми беа омилени. Имав свој специфичен систем на игра, постојано читав и следев шаховска литература, па секогаш внесував нови и креативни идеи во играта, а кога креативноста и сето теориско знаење ќе се спојат тогаш се станува добар шахист.
Одличните резултати и титулите во Македонија Ви овозможија да играте и на меѓународни турнири, но и против славни светски играчи. Какви спомени имате од тие дуели?
– Да ви одговорам најискрено, одлично се сеќавам само на еден противник, со кого се сретнав неколку пати – Боби Фишер. Секогаш ќе го паметам мечот со него, кога толку се изнервира на „Турнирот на солидарноста“ во Скопје 1967 година, кога побара да се отстрани публиката од сала и да се сменат шаховските сетови. Во тоа време Боби Фишер беше како „бог“ во шаховскиот свет, немав трема, ги проучив неговите партии, мечеви, а и јас имав репутација како еден од најдобрите „каро-кан“ играчи во тоа време. Ја загубив партијата по тешка борба, сепак Фишер беше Фишер. Играв повторно со него кога дојде за Шаховската олимпијада во Скопје, во 1972 година. Мислам дека со години се подготвував за таа повторна средба, но сепак ремизиравме. Нормално, не бев член на југословенската репрезентација, бев еден од главните организатори на Олимпијадата, но Фишер изрази желба да одиграме пријателска партија. Се сеќавам на тоа дека салата беше преполна со гледачи.
Дали на овој начин би го издвоиле Фишер како најтежок противник во кариерата, или можеби би навеле некои други?
– Секако дека би го навел Фишер на првото место од таа листа, а потоа би следувале велемајсторите Ефим Гелер, Светозар Глигориќ и Марк Евгениевич Тајманов. Не, не би рекол дека имав проблеми со нивниот стил на игра, туку сите тие беа врвни велемајстори и нормално дека беше многу тешко да се игра со нив.
Ве паметат и по првите настапи на телевизија како шаховски коментатор, пред Ристо Ничевски. Дали се сеќавате на тие искуства, како се случи или зошто престанавте?
– Тогаш немаше шаховски коментатор во спортската редакција на ТВ Скопје. Општо земено, телевизијата во Македонија тогаш беше во зародиш како дел од мрежата на ЈРТ, па ми понудија да коментирам шах во спортската програма, што со задоволство го прифатив. Веќе имав мало искуство како шаховски известувач за весникот „Вечер“. Се сеќавам на тоа, условите за работа во ТВ Скопје не беа како денес, немаше клима уреди, студиото беше мало и на крајот на секое снимање на коментар бев потполно мокар од топлината на рефлекторите. Престанав да коментирам на ТВ Скопје во 1974 година, кога заминав на дипломатска должност во Канада, а тогаш престанав да пишувам и за „Вечер“.
Како познат шахист и дипломиран правник, Ви беше доверена улогата на генерален секретар на Шаховската олимпијада во Скопје. Како се случи таа организација?
– Беше тешко да се добие организацијата, но таа го стави Скопје на мапата во шаховскиот свет. Полни две гoдини не се прибирав дома, работевме ден и ноќ за да се изгради инфраструктура и да го организираме сè она што беше потребно. Претседател на организацискиот одбор беше Драгољуб Ставрев, кој тогаш беше Претседател на собранието на Град Скопје. Јас како секретар и Јордан Ивановски како директор на манифестацијата бевме задолжени за оперативниот дел од организацијата. Имавме прекрасен тим на луѓе, многумина не беа официјално дел од тој одбор, но беа заљубени во шахот, како што бевме и ние со Јордан. За потребите на настанот добивме средства од државата и од светската шаховска федерација. Тогаш го изградивме хотелот „Континентал“ и шаховските павиљони кои по Олимпијадата беа пренаменети за „Скопски саем“. Изградивме и олимписко село за сместување на учесниците, што подоцна беше трансформирано во хотел во подножјето на Водно. За жал, денеска сето тоа не постои, освен хотелот „Континентал“ и осамената мермерна шаховска табла, лоцирана во Градскиот парк, во Скопје.
Зоште решивте да се повлечете во 1972 година, сте биле релативно млад, со само 34 години?
– Се повлеков поради семејни и работни обврски, а шахот остана само моја прва љубов и убави сеќавања. Моите соништа за шаховка кариера не можеа да се исполнат до крај затоа што морав да прекинам со активно играње, поради животните обврски кои не ми дозволуваа да му се посветам на шахот толку време колку е потребно да ја одржам концентрацијата и посветеноста кон играта, а тоа се есенцијални нешта кои се потребни да се биде квалитетен играч.
Никогаш повеќе не заигравте на турнир?
– Последен пат играв шах јавно, кога за време на дипломатска должност во Австралија освоив второ место на турнир „Yanchep Allegro“, кој се одржа во Перт во 1984 година. Во повеќе наврати играв и во серија симултанки во добротворни цели. Но, иако не играв активно по 1972 година, следев сè што се случува, не само во шахот, туку во спортот воопшто. Со тага и неверица гледав како шахот губи на популарност и како бројот на турнири и активни шахисти се намалуваа, не само во Македонија, туку и во светот. Кога заминав во пензија, при излегување од дома минував низ паркот „Жена Борец“ и од време на време некој од пензионерите кои таму редовно играа шах (во недостаток на соодветен простор), ќе ме препознаеја и ќе ме повикаа да одиграме партија, но јас им одговарав „нема резон, и така ќе ве победам во неколку потези”.
Од прекинот во 1972 година до денес е изминат еден полувек. Како денеска гледате на шаховската игра?
– Светот се смени, шахот загуби на популарноста помеѓу младите и доби статус на игра на интелектуалци, некои велат и на интровертни личности. Тоа е можеби така поради тоа што шахот не го дава тој наплив на адреналинот како на пример кошарката, фудбалот или тенисот. Но, шахот може да ни даде многу повеќе, тој нè учи на самоконтрола, самодисциплина, логичко размислување и на умереност, да не реагираме без размислување, бидејќи секој непромислен потег може да значи загубена партија. Познато е дека шахот помага да се извежба концентрацијата и дека при играње шах ги употребувате и двете хемисфери на мозокот сихронизирано, и десната и левата. Ако играте шах, проблемите со кои се соочувате во секојдневен живот ги решавате многу полесно. Ја вежбате меморијата и ги унапредувате сопствените аналитички вештини со тоа што секогаш кога по стоти пат во меморијата го визуализирате секој потег од одиграната партија, особено на тие партии што сте ги изгубиле или ремизирале, на крајот јасно ќе го видите тој еден погрешен потег, поради кој ја загубивте веќе сигурно добиената партија.
Што мислите за денешната ера која е обележана од големото учество на компјутерите во шаховската игра?
– Ќе ви кажам најискрено, се радував како дете кога Гари Каспаров во 1996 го победи “IBM” (Ај-Би-Ем) супер комјутерот „Deep Blue” со 4:2. Една година подоцна, кога Каспаров загуби со 3½–2½, од „Deep Blue”, не бев изненаден. Вештачката интелигенција напредува и учи, исто како што шахистите учат од визуализација на можни потези во партиите, иако не ги одиграле. Не сум вљубеник во играњето со компјутер, иако сопругата ми инсталираше шаховска апликација. Не ми беше интересно да играм, некако однапред знаев дека со време компјутерот ќе ги научи сите мои слабости и ќе ги предвиди сите мои потези, а јас немам шанса да ги предвидам потезите на компјутерот кој на располагање има неограничени комбинации на дигиталната технологија.
Дали постои некоја книга која може да го понесе епитетот како „омилена“ од оние со кои сте се сретнале при „конзумирањето“ на шаховската литература?
– Тешко е да се посочи една, но ќе ја издвојам „Behind Deep Blue: Building the Computer that Defeated the World Chess Champion“ од авторот Фенг Хсиунг Хсу. Книгата е приказна за за тоаа како се создаваше суперкомпјутерот што го победи Каспаров во 1997 година, со 3½-2½. Една година претходно, Каспаров го победи „Deep Blue“ со 4-2. Кога Каспаров побара реванш, од „IBМ“ одбија мечот повторно да се игра. Делот на книгата што ги опишува сите контраверзии и агонијата на Каспаров по поразот е посебно интересен. Тој супер-компјутер денес сигурно би загубил кога би играл со која било шаховска програма или апликација, бидејќи не го усовршувале и беше „пензиониран“ по мечот со Каспаров и остана само во легендите. Денес, речиси сè е дигитализирано, на интернет има толку анализи и видеа со анимации, па и јас ги спакував моите стари билтени и шаховски книги во кутии да не собираат прав на полиците.
-
Шпанијапред 20 часа
Фудбалската среќа му се насмевна на Реал, „кралевите“ победија со удари од 11 метри (Видео)
-
АТПпред 21 час
Ѓоковиќ: До крајот на кариерата ме интересираат само две работи во тенисот!
-
Светпред 21 час
Олимпија Милано ја сподели спектакуларната тројка на Димитријевиќ на дебито против Фенербахче (Видео)
-
Англијапред 21 час
Тен Хаг се пожали по победата на Јунајтед: Добиваме нефер третман од Премиер лигата
-
Англијапред 22 часа
Прв кандидат за гол на сезоната во Премиер лигата: Дуран испали „проектил“, Мартинез се фаќаше за глава (Видео)
-
Италијапред 20 часа
Заканата од тифозите вроди со плод: Милан ја уништи Венеција за 29 минути (Видео)
-
Светпред 23 часа
Некои работи не се менуваат: Откачениот Диего Коста физички нападна тинејџер од противничкиот тим (Видео)
-
Шпанијапред 22 часа
Ханси Флик со искрен совет со Јамал: Ако сака да биде голем шампион…..