Вардар како на тренинг: Избраниците на Раул без проблеми го средија Динамо во Скопје

oncev

Вардар влезе како апсолутен фаворит на денешниот дуел со Динамо Панчево во СЕХА лигата, а таквиот епитет го оправда без поголеми проблеми во натпревар кој повеќе личеше на обичен тренинг отколку како бил каков испит за тимот на Раул Гонзалес.

Вардарци со половина гас се справија со најслаборангираниот тим во регионалното натпреварување, а разликата во квалитет најдобро ја прикажаа во последните 15 минути од средбата кога предноста од три гола ја зголемија на плус 10.

Резултатот на полувремето беше 20:17 во ситуација кога Вардар воопшто не го даваше својот максимум, но поангажираната игра во последната четвртина од мечот на крајот му донесе сигурна победа на европскиот шампион од 42:32.

Ротациите на тренерот Гонзалес им овозможија на повеќе играчи да се запишат во листата на стрелците, која на крајот ја предводеа Марсениќ со осум, Чупиќ со шест и Кањелас со пет голови.

Facebook Коментари