Поврзете се со нас

Шах

Ванчо Георгиевски: Умешен во одбрана, безмилосен во контранапад!

Објавено

на

blank

Биографијата на Ванчо Георгиевски е неминовно поврзана со голем број настани кои се дел од срцевината односно најзначајната историја на македонскиот шах. Освен како играч, неговите активности како организатор на турнири и носител на раководни функции во клубови доведуваат до тоа да биде рамноправен „шаховски професионалец“ со останатите, кои по „трнливиот пат“ тргнале само како играчи.

Иако со шахот е од мали нозе, главниот белег како играч го остава во седумдесеттите години од минатиот век, односно кога имал 25 до 30 години. Потоа станува дел од проектот со формирањето на ШК Алкалоид, колективнот кој е најзаслужен за унапредување на македонскиот шах. Најпрво како играч, а потоа капитен и генерален секретар.

Интервјуто со Георгиевски е дел од низата разговори со македонските шаховски шампиони, што „ДЕРБИ“ ја започна по повод 75 години од првото државно првенство во 1946 година. Подготвувајќи се за овој разговор со него, имав можност да се слушнам неколку пати, а во еден од нив да дознаам и дека се бори со актуелниот „светски непријател број 1“, фамозниот грип Ковид-19. Но, како што и самиот вели во интервјуто, за време на шаховската кариера бил познат како играч што тешко губи, па така и овој пат, умешно се справи со невидливиот противник.

ДЕРБИ: Како дојде до запознавањето со шахот и играњето на првите официјални партии?
– Со шахот се запознав откако мојот постар братучед, Никола Здравев, ми ги објасни основните правила за време на еден школски распуст кога сум имал околу 9-10 години. Мојата мајка Цвета беше по потекло од Штип, па јас кај моите роднини одев за време на зимскиот и летниот распуст. Подоцна, мојот братучед дојде да студира архитектура во Скопје, па така и јас фатив континуитет во шахот покрај него. Кога ќе бевме во Штип, одевме и во клубот Напредок за да ги гледаме оние што играа, додека во Скопје игравме заедно. Кога станува збор за првите официјални партии, тоа се случи малку подоцна, на таканаречените натпревари меѓу основните училишта. Јас бев ученик во основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Скопје и се докажав како еден од најуспешните поединци кога имав 11 години. Така се случи да бидам забележан од воспитувачот за спорт, Жарко Димчевски, па по негова препорака се зачленив во шаховската секција на тогашниот „пионерски дом“.

ДЕРБИ: Дали тие успешни први чекори беа крунисани и со некои конкретни постигнувања?
– И во „пионерскиот дом“ се играше шах, но мислам дека официјалните натпревари се одржуваа во Градскиот шаховски дом, кој пред земјотресот се наоѓаше во непосредна близина на денешата улица „Максим Горки“, која води кон плоштадот Македонија. Таму почнав да играм и официјални пионерски натпреварувања и да освојувам награди, еднаш за второ, еднаш за трето место, а најчесто тоа беше шаховска литература. Кога се запишав во средно економско училиште, на враќање кон дома шаховскиот клуб ми стана редовна станица. Мајка ми дури почна и да се грижи, некоја жена која очигледно не била упатена, и рекла дека шахот е исто што и комар. Така избезумена, едно утро додека бев на училиште, тргнала да види каде тоа свраќам јас после часови, но го нашла само домаќинот на клубот, стариот љубезен чичко Никола. Во муабетот дури нашле и дека сме подалечни роднини по некоја штипска линија, а тој не само што ја разуверил дека шахот нема врска со коцкањето, туку и објаснил и дека тоа е игра на тогашните интелектуалци, плус и обрнал внимание и за полезноста кај младите од бавење со шах, за развојот на меморијата, аналитиката, итн. За жал на многумина, по земјотресот во 1963 година кога јас имав 16 години, тој Градски шаховски дом беше уништен.

ДЕРБИ: Како се одвиваше натамошниот напредок, вклучувањето во шаховскиот живот како младинец, а потоа и како сениор?
– За прв пат играв на младинското првенство на Македонија во 1965 година и бев трет, додека Ѓорѓи Прошев беше победник. Таа година, иако уште младинец, преминав во новоформираниот шаховски клуб Кочо Рацин, кој егзистираше при Домот на градежните работници. Иницијативата беше на тамошниот директор, Душко Силјановски, а јас заедно со тогашниот пингпонгарот Киро Симоновски бевме меѓу првите основачи на клубот. Киро Симоновски стана претседател, а јас иако имав само 18 години, бев назначен како потпретседател на клубот, со активно учество како играч. На почетокот, во клубот имаше само млади играчи, тогаш покрај мене беше и Перо Евросимовски, а подоцна ни се приклучија и поискусните Киро Данов и Јован Софревски. Набргу станавме екипни прваци на Македонија, мислам дека тоа беше во 1967 година, а јас тие години ги паметам по напредувањето од второкатегорник, преку првокатегорник, до мајсторски кандидат во 1969 година. Сепак, клубот не издржа долго, згасна некаде по 1970 година, откако беше откажана поддршката, а Скопје повторно остана без просторија за шах. Но, мојата обземеност не згасна, продолжив да се инволвирам во шаховскиот животпа најпрво се придружив во клубот Студент како играч, а подоцна станав и секретар на клубот.

ДЕРБИ: Прв пат сте учествувале на поединечното сениорското првенство во 1967 година, како се снајдовте во таа транзиција од младинските во сениорските води?
– Мојот напредок не одеше толку брзо, бидејќи јас во тоа време започнав да студирам, а потоа бев и на отслужување на воениот рок. Првото учество го паметам по скромниот учинок, додека во 1968 година во Струга бев на делба на 19 место од 44 играчи. На следните три првенства имав континуитет на созревање и напредок, па така во Скопје во 1969 година освоив 9 место меѓу 16 учесници, во 1970 година бев седмопласиран од 16 учесници, за на јубилејното 25 републичко првенство на Македонија да освојам делба на трето место меѓу 16 учесници. Во тој период вредно е да спомнам дека учествував и на меѓународни турнири, па така во 1971 година во Ла Специја во Италија го освоив третото место, а со тоа ја исполнив нормата за национален мајстор во Италија. Во 1972 година, поради шаховската олимпијада во Скопје не се одржа републичко првенство, па најсилен турнир беше Отвореното првенство на Скопје, каде што го поделив првото место со Душко Давчевски. Потоа додека бев војник играв во Србија, на тамошните лигашки натпревари за да се обидам да ја зачувам формата, но кога се вратив, играв на првенството во 1973 година, кое беше организирано со 74 играчи и 11 кола по швајцарски систим и се најдов на делба на 15 место.

blank

ДЕРБИ: Сето ова укажува дека со стекнувањето на поголемо искуство меѓу сениорите сте напредувале во шаховската кариера, но дали тоа значи дека напредувавте и со изучувањето на шахот?
– Од секогаш најслаба алка ми бече теоријата на отварања, на кои искрено многу малку работев. Со бели фигури секогаш започнував да се отворам со повлекување на даминиот пешак, додека „каро-кан“ ми беше омилен со црни фигури. За разлика од мене, други шахисти многу користеа разни шаховски книги и енциклопедии за шаховските отварања, средишници и завршници. Важев како силен одбрамбен играч, некој што умешно се брани, а главното оружје ми беа силната концентација и добрата шаховска логика. Би рекол дека бев добар во средишница, но најсилен во завршници. Бев ефективен и безмилосен кога ќе добиев и најмала шанса за контранапад. Во целина, ретко губев, а исто така ретко победував. Мојот избор варијанти за отварањето и со бели и со црни фигури беше оскуден, па така, противниците можеа да прогнозираат какво отворање би можел да изберам кога ќе требаше да се надмудрувам со нив. Затоа, со играчите кои беа добро потковани со теорија секогаш се трудев да „измрдам“ од зацртани теориски варијанти, па мојата шанса ја барав во средишницата и завршницата, во тие фази од играта се чувствував многу покомотно, многу посигурно. За моја среќа, тие мои шеми ми носеа многу позитивни резултати.

ДЕРБИ: Еден од нив е и титулата во Македонија, која ја освоивте во 1974 година?
– Првото место на 27. републичко првенство го сметам за мој најголем и најзначаен успех во шаховската кариера. На првенството настапија 16 шахисти, а се играше во Отешево по Бергеров систем (секој со секого), односно се одиграа 15 кола. Како што доликуваше на една врвна спортска манифестација, истата беше отворена со пригоден дел, на кој присуствуваше Благој Попов, тогашен републички „премиер“, што е нешто кое треба да се знае – бидејќи шаховската фела беше ценета и почитувана, за разлика од денеска. На отворањето извлековме стартни броеви, а мене ми падна „единицата“, што на крајот се покажа како добар предвесник за она што се случуваше. Во првата четвртина на првенството, односно првите четири кола, за мене беа резултатски профитабилни бидејќи постигнав три победи (против Левче Мартинов, Љубомир Илиќ и Крум Крстев) и едно реми додека со бранителот на републичката титула, Ристо Кизов. Паметам дека целиот поен против Илиќ го освоив во една бурна партија со многу превиди, додека против мајсторот Крум Крстев упорно се бранев, па тој за да добие острина на нападот врз мојата рокада жртвувше квалитет, а јас добив шанса за контра игра, по која ја добив партијата. И во следните 4 кола освоив 3,5 поени, при што ремизирав со главниот фаворит на првенството, Јован Софревски, додека ги совладав Котларовски, Јанков и Џајковски. Особено вредна победа ми беше таа со силниот прилепски мајсторски кандидат Митре Џајковски, кој жртвуваше пешак за иницијатива и загрозување на мојот крал. Во средишницата јас со вонреден меневар на моите фигури му зададов тактички удар, после кој успеав да го сменам текот на партијата во добиена завршница за мене. До тогаш не размислував за мојот конечен пласман, но по победата над силниот Џајковски, кој беше третопласиран претходната година, почнав да се надевам на шампионската титула. Но, тогаш во деветото коло играв многу пасивно и слабо, па заслужено го претрпев единствениот пораз на првенството.

ДЕРБИ: Како го доживувате тој момент од денешен аспект, по многу изминати години, што се случи во таа партија? Како се мотивиравте да продолжите?
– Денес гледам на тоа како на извесно опуштање. Можеби ме понесе сонот за титулата, па „будењето“ од тој сон ми ја врати концентрацијата. Ми стана јасно дека не смеам да си дозволам друга грешка до крајот. Победив во двете наредни партии со Стевчо Георгиевски и Ивановски, по што му се придржив на Софревски на челната позиција. Во последните четири кола единственото реми ми беше со Лазо Јанчев кој беше второпласиран претходната година, додека цели поени освоив против Душко Давчевски, кочанскиот шахист Мицов и против ветеранот Мојсовски. Во својот извештај за весникот Вечер, Душко Давчевски напиша „В. Георгиевски не беше најдобро теоретски подготвен, но во конкретни ситруации на таблата наогаше силни решенија и на најдобар начин го искажа својот голем талент. Друг важен квалитет во неговата игра е борбеноста и вербата во својот потенцијал. Единствениот пораз од Хаџи-Манев, делуваше стимулативно на него, да собере нови сили и наредните битки ефикасно да ги добива, што не беше случај со неговите конкуренти“. Првото место го освоив со 12,5 поени, а зад мене беа Софревски (11,5), Јанчев (11), Кизов (10,5), додека на делба на петтото место беа Хаџи-Манев и Џајковски (8,5).

blank

ДЕРБИ: Како републички првак игравте ли на сојузниот шампионат во Југославија?
– По освојувањето на првенството на Македонија, при крајот на истата година учествував на таканареченото „полуфинале“кое се играше во Врњачка Бања, а каде што играа 16 преставници на тогашните републики и покраини на екс Југославија: Јаношевиќ, Кириќ, Мештровиќ, Ивановиќ, Раичевиќ, Јоксиќ, Миниќ, Деже, Рајковиќ, Букал, Мариќ, Мартиновиќ, Барле, Караклаиќ, Вуловиќ и јас. Ова полуфинале важеше за доста јако бидејки на него играа квалитетни играчи со големо шаховско искуство и високи мегународни титули. Со оглед дека релативно немав дотогаш играно на некој ваков силен турнир во рамките на Југославија, задоволен сум со освоените 6 поени, посебно што успеав да ги победам интернационалните мајстори Букал и Мариќ, а ремизирав со Кириќ, Караклаиќ, Мештровиќ, Лакиќ, Мартиновиќ и Влаховиќ. Добрата форма „ме држеше“ уште извесно време и следеше победа на еден турнир во брзопотезен шах, а потоа и две симултанки кои ги играв со најмладите, во насока на популаризација на шаховската игра. Така, против младите шахисти во Штип играв во јануари 1975 година (на 20 табли, 14 победи). Дечињата кои освоија реми беа Љубе Андонов, Благој Гичев, Владо Гичев, Ацо Парчаклиев, Георги Кукутанов и Зоран Крстев. Едно од тие дечиња, Благој Гичев, подоцна стана пионерски првак на поранешна Југославија. Истата година во ноември, имав и симултанка со дечињата во „пионерскиот дом“ во Скопје, повторно на 20 табли, но овој пат само 3 дечиња заслужија реми, Сашко Аминов, Слободан Михајловски и Славе Манојловски.

ДЕРБИ: Со континуитетот на високите пласмани на републичките првенства и на меѓународните турнири, може да се заклучи дека сте оставиле силен траг во македонскиот шах во декадата 1970-1980?
– Ако во првиот случај до титулата стигнав неочекувано, посакував успехот да го повторам и се подготвував за следните настапи. Во 1975 година бев на делба на третото место, зад Софревски и Ничевски, а следната година бев седми. Но, за тоа дека и во таа 1976 година бев се уште во врвот на македонскиот шах укажува и случајот од „Турнирот на солидарноста“, каде што бев еден од четирите македонски шахисти кои се квалификуваа за него. Во Скопје играа Карпов (како актуелен светски првак), легендата на американскиот шах Решевски, Вагањан, Улман, Тиман и дузина прославени југословенски велемајстори (Ивков, Матановиќ, Велимировиќ, Курајица). Се играше во Домот на младите, денешен МКЦ, салата беше преполна со гледачи, а медиумите даваа исцрпни извештаи за секое коло. Како македонски играчи со право на настап бевме јас, Софревски, Ничевски и Јанчев. Тој турнир беше сметан како најсилен на светско ниво за таа година. Јас освоив само 3,5 поени, и со оглед на противниците со кои играв, бев задоволен. Но, она што ќе остане врежано во не само во мојата меморија, туку претставува и мал дел од шаховската историја на нашата земја, е мојата победа над фаворизираниот руски велемајстор Рафаел Вагањан. Во „словенска одбрана“ каде што јас бев со црни фигури, Вагањан во 13 потег се одлучи за привремена жртва на скокач за пешак, за да создаде силен напад на централната линија. Јас во подготовките за партијата решив да ја сменам шемата на потезите, па кога настана оваа ситуација, по долго размислување најдов тактички удар со мојот ловец, со што неговиот навидум силен напад – одеднаш спласна. Додека ја играв партијата воопшто не станав од масата, концетрирајќи се внимателно да ја искористам таа материјална предност, што на крајот и ми успеа. Победив!

blank

ДЕРБИ: Тоа беше сензација слична на онаа кога Илиевски ремизираше со Фишер? Забележувам дека и денеска гласот ви трепери кога раскажувате за оваа случка…
– „Турнирите на солидарноста“ дојдоа во чест на одбележување на помошта што светот ја даде за возобновување на Скопје по катастрофалниот земјотрес. На првото издание во 1967 година, дојде и Боби Фишер, а јас бев демонстратор на партијата што тој ја ремизираше со нашиот Борче Илиевски. Се сеќавам како да било вчера, тоа беше светска сензација. Во 1976 година, кога го победив Вагањан, тогаш проценет како еден од најсилните 15 шахисти во светот, рацете ми се тресеа кога ги потпишувавме формуларите. Вагањан ми подаде рака за да ми ја честита победата, а јас се уште не бев свесен за големината на резултатот, и тогаш, одеднаш вообичаената шаховска тишина во салата наеднаш ја наруши громогласниот аплауз од сите присутни гледачи во салата. Бев изненаден, тој аплауз длабоко ме трогна. Сите светски агенции ја пренесоа ова вест. Во слободниот ден на турнирот, пред нашата партија, Карпов гостуваше во Неготино каде одигра симултанка,и на прашањето што мисли за нашиот претстоен дуел со оглед на сензационалната победа над Вагањан, тој им одговорил „Знам дека тој игра „каро-кан“ со црни и дека станал републички првак со тоа отворање, но јас со „каро-кан“ станав светски првак“. Карпов исто така земајќи ја за пример мојата победа над Вагањан рече тој нема да игра на турнири каде што ќе играат и мајсторски кандидати, стравувајќи дека и нему би можело да му се случи истото. Освен оваа победа, на турнирот ремизирав со Ивков и Матановиќ, како и со Софревски,Ничевски и Јанчев. Мојата партија со Софревски траеше дури 122 потези и беше играна во продолженија, во тек на четири дена! Дури и церемонијата за затварањето на турнирот доцнеше заради нас, иако сите гости беа веке пристигнати.

ДЕРБИ: Имајќи предвид дека постигнувавте успеси, зачудува тоа дека во текот на кариерата не успеавте да освоите повисока титула од мајсторски кандидат?
– Искрено, во тоа време тоа не ми беше важно, но од денешен аспект, сум свесен за тоа дека сум можел, но ме „спречиле“ некои други нешта. Имав ситуација, кога бев повикан на турнир во Грција, во Калитеа, мислам дека беше 1977 година, а со тамошниот резултат станав грчки мајстор, како што во 1971 година станав италијански мајстор во Ла Специја. Организаторите на турнирот ме информираа дека резултатот е валиден и за интернационален мајстор, а јас тоа го пренесов во Шаховскиот сојуз на Македонија. Но, кога тоа беше препратено во Шаховскиот сојуз на Југославија, не ми беше верифицирана титулата. Усмено бев информиран од тогашниот генерален секретар на ШСМ, Пашко Фрањиќ, дека наводно комисијата за признавање на титулите предводена од Драгутин Џаја наводно имала сознанија дека турнирот не ги исполнувал условите за освојување на норми. Никогаш не добив писмено образложение на кое би можел да се жалам. Ова не беше единствен случај од тоа време, Борче Илиевски имаше слично искуство како моето, а на Димитар Илиевски титулата му беше признаена со задоцнување од 17 години! Тоа беше реалноста во тогашниот систем, но никогаш не дознав дали зад тоа „матење“ стоеја лоби-групи од Скопје или од Белград…

ДЕРБИ: Дали целата вина за таквиот расплет ја наоѓате во шаховски сојуз?
– Не, не, да расчистиме веднаш. За се во својата кариера сум самиот заслужен, а воедно и самиот сум виновен за она што можеби може да се нарече неуспех. Но, постоеле моменти во кои наместо да бидам охрабрен да напредувам, за што имало пракса во други случаи, сум бил обесхрабрен. Немавме силни клубови и немавме континуитет на силни турнири, за да може македонскиот шах да напредува. Шаховските турнири се многу напорни, во мое време државните првенства се играа по Бергеров систем, па траеја петнаесет кола, односно се протегаа во временски период подолг од две седмици. На шахистите им беше потребна поголема кондиција за да издржат такви турнири. Јас мојот работен век го комбинирав со шахот и тоа беше многу напорно за моето семејство, поради што секогаш јавно сум се заблагодарувал на сопругата Драгица, како и на ќерките Сања и Сандра за разбирањето што го имале за мојата страст. Затоа, откако престанав активно да играм, вложив големи напори и како шаховски работник за да се создадат услови. Со формирањето на ШК Алкалоид тоа беше обезбедено и денеска Македонија може да се пофали со силни шахисти како Недев, Јаќимовиќ, Станојоски и Богдановски, кои беа поддржани онака како што треба да се поддржат млади и просперитетни играчи.

blank

ДЕРБИ: Дел од вашата биографија се врзува со основањето и успесите на ШК Алкалоид, клуб што и денеска доминира на македонската сцена, а во 2016 година ја освои и таканаречената шаховска Лига на шампиони…
– Да се биде дел од основачите на ШК Алкалоид навистина импонира и е чест да се биде дел од таков колектив. Во Тјентиште 1976 година, јас како капитен на фабричкиот тим на Алкалоид кој победи на таканаречените „фармацевтски игри“ на ниво на поранешна СФРЈ, го подигнав победничкиот пехар. Од тој момент, започна иницијативата за формирање клуб, а иницијатори беа Трајче Мукаетов, во тоа време беше директор на електронскиот центар на компанијата и тогашниот генерален директор Ангел Симов. Покрај нив сесрдна помош во формирањето на клубот дадоа д-р Гоце Димитров, д-р Венцислав Илин, д-р Коста Икономовски, Кирил Доневски, Симеон Јошевски, Перо Георгиев, Ѓоко Павлевски, Фоте Кипровски, Стојан Стојановски и уште многу други. Како играчи бевме јас и Стевче Георгиевски, и низа други помлади шахисти, а нешто подоцна ни се приклучија и оние пославните. За мене Јован Софревски беше убедливо најистакнатиот шахист на сите времиња во Македонија и ми беше чест што подоцна и тој ни се приклучи. Јас сите четириесет години од работниот стаж ги поминав во оваа компанија, а тимот почнавме да го градиме низ настапи во македонската лига, каде што прв пат победивме во 1981 година. Продолживме со настап во Втората сојузна лига на СФРЈ и да водиме грижа за млади, талентирани и надежни момчиња и девојчиња, со цел да ги унапредат своите шаховски знаења. Веќе до осамостојувањето имавме силен тим што почна да доминира во Македонија, а во него беа Влатко Богдановски, Драган Јаќимовиќ, Трајко Недев, Александар Чоловиќ, Тони Кироски, Јани Богоевски, Орце Данчевски и други. Воедно имавме и респектабилна женска екипа со Лидија Софревска, Габриела Коскоска, Росана Заринска, Лиле Стојановска, Драгана Ристевска и Анете Павловиќ. На заедничка иницијатива со директорот Трајче Мукаетов ги организиравме исклучително силните меѓународни турнири во Стар Дојран, на коишто и многумина наши шахисти постигнаа големи успеси и освоија меѓународни титули. Нивните успеси и денеска ми ја „греат“ душава. Со играњето шах оставив печат во македонскиот шах во текот на една декада, но со ШК Алкалоид сите заедно направивме историја.

blank

ДЕРБИ: Дали можете да издвоите некого како идол или шахист кому сте му се восхитувале? Кои квалитети сте гледале да ги научите или развиете угледувајќи се на него?
– За шахистите од мојата генерација, Боби Фишер е веројатно најинтересна личност во историјата на шаховската игра. Целиот беше предаден на шахот, уште од рана младост поаѓа по патот на шаховските професионалци, што му носи многубројни успеси, слава и извесна заработка, што беше можеби и прв таков случај во овој спорт. Но за жал, осаменоста станува придружничка на неговиот живот, беше сметан за еден од најголемите ексцентрични шахисти. Го нервираа медиумите, нивните написи, западна и во проблеми со американската администрација која сакаше да го испрати во Виетнам, а тој се декларираше како верник и пацифист, кој не сака да биде мобилизиран. Но, токму од легенда како него, можеше многу да се научи, не само за шахот, туку и за целиот однос кон шахот, вклучувајќи ги и преговорите со организаторите, кои сакаат заработка на грбот на шахистите. Тој се бореше за респектирање на висината на хонорарите и наградите, за условите за игра, па дури и за шаховските сетови и изгледот на фигурите. Факт беше дека во Македонија се случуваа нелогичности кои создаваа лоша слика за нашиот шах. Доволно е да се видат некои примери од минатото, како загубивме таленти како што беше Благоја Сотировски-Џагуре, а исто така не беше направено ништо од Шаховскиот сојуз за едукација на нови млади шахисти. Во таа смисла, јас од Фишер можеби не ги преземав квалитетите како шахист, но сум ги следел принципите во одредени тензични ситуации, кога верувам дека сум делувал во насока на зачувување на дигнитетот на македонскиот шах и шахистите.

ДЕРБИ: Тоа популарно би се нарекло „шаховски правобранител“? Дали можете да дадете некои примери за реакции во минатото и дали сметате дека и денеска во македонскиот шах е потребен омбудсман?
– Секој што претставува извесна власт, можно е да згреши и да повреди нечиви права, во случајот на шахистите. Во еден наврат (Првенство на Скопје во 1972 година) поднесов претставка против судијата Стефан Цветковски бидејќи за време на партиите, разговараше со играчи и јавно им се закануваше со контумација! Потоа како предводник на ШК Алкалоид во 1993 година, кога ми беше врачена чаша како пехар за освоениот Куп на Македонија, истата ја вратив. Подеднакво бескомпромисен бев и кога имаше манифестации по повод извесни јубилеи во македонскиот шах, па се делеа благодарници и плакети само на извесни шаховски работници, кои не се срамуваа да бидат дел од комисијата што ги доделила, а да си доделат самите на себе. Подоцна кога ми понудија и на мене „благодарница“, не отидов да ја подигнам, за мене таквото признание беше веќе девалвирано. До ден денешен, во шаховскиот сојуз има поделени лоби групи кои си ги гледаат сопствените интереси, а во шахот и во играчите не вложуваат, поради што често ги критикувам преку социјалните мрежи! Пред неколку години, додека беше блокирана сметката на федерацијата и немаше никакво првенство, заедно со други шаховски работници потегнавме иницијатива за формирање таканаречен Иницијативен одбор за спас на македонскиот шах. За среќа, ситуацијата минимално се подобри, но се уште нема транспарентност и доволно грижа за правата на шахистите. Еве на пример, во 2020 година се организираше младинско првенство, а немаше сениорско. Тоа е недопустливо!

ДЕРБИ: Освен како играч и шаховски работник, познат сте и како известувач за повеќе медиуми во врска со настаните од нашата шаховска сцена?
– Точно е, бев соработник и шаховски коментатор во повеќе медиуми. Уште во раните седумдесетти години од минатиот век бев ангажиран како коментатор и дописник во разни медиуми, известувајки за сите шаховски настани од поединечни, екипни, па се до домашни и меѓународни турнири каде учествуваа наши поединци и екипи. Сопствени извештаи и коментари имав во Нова Македонија, а соработував и со Вечер, како и со белградски Спорт. Подоцна, и со говорни извештаи од турнирите се јавував во живо за некои електронски медиуми како МРТ, А1, Сител, каде што повеќе пати бев и гостин при разни дебати или за интервју. На тој начин добив можност да се запознаам и да се спријателам со многу познати, не само спортски коментатори, туку и со други реномирани новинарски пера. Особено добро шахот беше третиран во Нова Македонија, па и на моите извештаи беше отстапен голем простор. Во првиот спортски дневен весник од поранешна Југославија, познатиот белградски Спорт, уредник на шаховската рубрика беше познатиот велемајстор Драгољуб Јаношевиќ, со кого изградив многу добра соработка, а секој мој допис за шаховски настан во Македонија беше објавуван во шаховската рубрика.

blank

ДЕРБИ: Токму поради богатата кариера како играч и организатор на турнири сте биле дел од многу интересни ситуации кои денеска се раскажуваат како анегдоти. За крај, би ве замолил да издвоите некои од нив, што ви останеле во убаво сеќавање…
– Спортот во целина, а со тоа и шахот, носат со себе многу случки, па така еднаш бев многу изненаден кога играв на Отвореното првенство на Југославија во почетокот на седумдесеттите години, а наспроти мене се најде легендарниот пејач Мики Јевремовиќ кој беше голем вљубеник во шаховската игра и имаше титула мајсторски кандидат. Ми требаше време да се соземам, тој беше ултра популарен во тоа време. Кога, пак, организирав еден од турнирите на ШК Алкалоид во Стар Дојран, пречекував гости од странство, а од Бугарија беше испратен Веселин Топалов, тогаш на свои 15 години, а подоцна велемајстор и светски шампион. Неговото играње беше клучно за да имаме гости од извесен број странски земји. Бидејќи од бугарската федерација не ми најавија како ќе патува и како ќе пристигне, ниту каде да го чекам, во предвечерјето на турнирот одев низ хотелот и гласно се прашував „Каде да го најдам Топалов“? Одеднаш пред мене скокна момче и ми се претстави дека тој е Веселин и дека самиот си дошол со такси, за разлика од сите други на кои требаше да им обезбедам превоз од Скопје. Кога го сретнав повторно во 2015 година на ЕКК во Скопје, се сеќаваше на сите детали од тој турнир и ја пофали организацијата, бидејќи таму го освои својот прв „бал“ за интернационален мајстор. Најголема смеа од сите анегдоти што сум ги раскажувал предизвикува онаа од времето кога се играа „Турнирите на солидарноста“. Боби Фишер им беше кошмар на организаторите со неговите барања за време на престојот, при што не се стеснуваше да бара измени и подобрувања на условите во сместувањето, поставувањето на столиците каде што се играше, светлото, исхраната, па дури и тоа да има слободен ден во сабота бидејќи така наложувала неговата религиозна припадност. Еден од луѓето во организацијата, сакајќи да го расположи славниот гостин, се договорил со една многу згодна и атрактивна девојка да го посети во неговата соба. Треба да се знае дека Фишер беше повлечен, ретко излегуваше, освен кога одеше на партија. Бидејќи девојката се задржала подолго време, за случката дознале повеќе луѓе, па доцна во ноќта кога излегла од неговата соба, во барот на хотелот се собрал „одбор за дочек“. Сите се интересирале како девојката поминала со „незгодниот“ Фишер, а нејзиниот одговор ги изненадил: „Се беше супер, цело време ме учеше како да играм шах“.

Александар Табаковски
Фото: архива на В. Георгиевски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни