Триумфален спој: Цветковски повторно МВП, нова победа на Егер!

jane

Македонскиот ракометен интернационалец Јане Цветковски, кој од оваа есен ја чува мрежата на Егер во Унгарија, повторно ги освои највисоките почести брилјирајќи во натпреварот на домашен терен против Будакалаш, освоен во драматична завршница со 22:21 (15:12).

Во објавата на тимскиот сајт на Егер, Цветковски е посочен заедно со соиграчот Роландас Бернатонис, кој е дел од репрезентацијата на Литванија, како најзаслужни за успехот, односно ги имале главните ролји во драматичниот меч кој благодарение на македонскиот голман започнал со четири одбрани во првите 12 минути, па домашните повеле со 5:0 и 10:4. Големиот притисок од гостите дошол во второто полувреме, но за разлика од Бернатонис кому му се припишани и неколку промашувања, Цветковски во вториот дел прокнижува 10 одбрани, од кои една од пенал, а една во последните 12 секунди со што спречил изедначување. За македонскиот голман ова е втора МВП награда во дресот на Егер за само четири настапи, а истовремено е меѓу најтесните кандидати за најкорисен играч во колото!

Цветковски на овој начин се етаблираше како прв голман на Егер, бранејќи по 60 минути на критичните натпревари, со што го оправда својот потег да го одбие продолжувањето на договорот со Бундес-лигашот Вецлар, каде што беше трет голман. Во следните неколку меча се до средината на декември, Егер се среќава со екипи кои гравитираат во првата половина на табелата и низ директни дуели ќе се обиде да се избори за позиција што може да ги однесе до ЕХФ Купот.

Facebook Коментари