Поврзете се со нас

Репрезентација

Тодоров: Во Перм не чека убиствен ритам, најлошо е тоа што со Естонија играме на крај

Објавено

на

Во текот на вчерашниот ден стана јасно дека нашата кошаркарска репрезентација наредната година ja очекува навистина еден тежок предизвик во „балонот“ во Перм каде во рок од само неколку дена ќе мора да одиграме дури четири натпревари.

Ние на турнирот во Талин не настапивме поради проблеми со заразени играчи со коронавирусот, па сега ќе имаме дупла програма, еден „мини“ Евробаскет во Арената „Молотов“. Селекторот Александар Тодоров е загрижен поради фактот што од од 18. до 22. февруари ќе треба да одиграме четири натпревари со тоа што оној последниот кој може да биде клучен за пласман на ЕП е против Естонија.

Одлуката да се игра во Русија за мене не е изненадувачка, бидејќи, горе-долу, тоа го очекувавме. Повеќе сум изненаден од решението да се играат четири натпревари. Со само еден ден пауза помеѓу вториот и третиот, кое за нас може да преставува голем проблем. А згора на сè и последниот натпревар во тие пет дена да биде токму оној со Естонија. Но истиот распоред го доби и Унгарија, која исто така не успеа да одигра ниту еден натпревар во последниот прозорец. За нас останува да се подготвиме како да го преживееме овој убиствен ритам, -вели Тодоров кој посочи неколку фактори кои би можеле да се покажат како клучни во тој „пекол“кој со себе го носи турнирот во Русија.

Неколку фактори се важни: Прво, каква ситуација ќе имаме со заболени од корона вирусот и генерално, со повреди во тој февруарски циклус, бидејќи единствен начин да се справиме со овој календар е една широка ротација од 12 играчи, веројатно и да имаме 14-15 играчи на располагање. Со идеја, на клучните кошаркари да им дадеме барем еден екстра, односно слободен ден за одмор.

-Второ, треба да видиме каква среќа ке имаме со летовите до Перм. Минатиот пат имавме сосема добра конекција, но сега сме сведоци на секојдневно откажување на летови. Затоа, треба да почекаме, да видиме дали ќе може да го најдеме најбрзиот пат до Перм.

-И трето, треба да видиме колку денови порано ќе ни биде дозволено да отпатуваме за Перм, со оглед на големата часовна разлика и можноста за прилагодување на истата,– додаде нашиот селектор кој на крајот порача:

Како и да е, има цели два месеци до тие средби. Тоа што сега е приоритет е репрезентативците да може да играат натпревари со своите клубови. Да нема непредвидени прекини, карантини и одложувања. И да се надеваме дека за два месеци ќе има можност за вакцини, како би ги имале сите кошаркари на располагање, барем од аспект на ризикот кој со себе го носи корона вирусот,-заклучи Тодоров.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни