Тивок бојкот на првенството, дури ни актуелниот шампион не ја брани титулата!

trofei za ep 2018

По пауза од осум години, претстојниов викенд ќе се организира Државното првенство на Македонија во шах, кое се игра по селективен систем и поради тоа е наречено „затворено првенство“, но на него нема да играат дури шест од водечките 10 македонски играчи според ФИДЕ рејтингот.

Од јавно достапната ранг листа на ФИДЕ (за месец април 2019 година), недостигаат ВМ Никола Митков, ВМ Трајко Недев, ВМ Владимир Георгиев, ВМ Александар Чоловиќ, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ и ИМ Дејан Стојановски. Најмногу недостасуваат врвните играчи, односно ќе играат двајца од осум велемајстори кои имаат македонско државјанство.

Согласно пропозициите, Шаховската федерација организира Отворено првенство на Македонија, од кое најдобро пласираните играчи стекнуваат право на настап на Затвореното првенство. Додека во случајот со Отвореното првенство има многу учесници и се игра по „швајцарски“ систем односно со впарување на играчите, на Затвореното првенство треба да играат само 10 најдобри, притоа секој со секого, или „Бергеров“ систем.

sahovsko elo april 2019

Минатата година Отвореното првенство беше органзиирано во декември, па беше навестено дека по долга пауза (од 2011 година) конечно ќе се организира и Затворено првенство, кое беше избегнувано со објаснување дека се нема средства. Откако во 2017 година беа направени промени во Управниот одбор, особено со именувањето на градоначалникот на Аеродром, Златко Марин како потпретседател, се дојде и до очекуваниот момент за одржување на најквалитетниот дел од државниот сениорски шампионат.

Сепак, објавената листа на учесници укажува дека играчите „не се заинтересирани“ да учествуваат на него, поради што „Дерби“ побара изјави од неколкумна, меѓу кои и од последниот официјален шампион во 2011 година, велемајсторот Трајко Недев.

– Јас веќе подолго време не настапувам на македонските турнири, а тоа го објаснувам со тешката состојба во која е доведен професионланиот шах во Македонија. Сето тоа е поради блокираната сметка на федерацијата, но она што испраќа лоша порака до нас шахистите е дека не се прави ништо за таа да биде деблокирана. Јас не сакам да играм и да се залажувам со награди, избирам да не играм и да им ги препуштам наградите на другите кои се во полоша ситуација од мене. Дополнително, самата организација на Затвореното првенство ја сметам за лоша, бидејќи три пати беше објавуван термин, а потоа преместуван. Секој сериозен професионалец има планови за годината, кога и каде ќе настапува, само кај нас тоа се случува стихијно, а притоа им се дава предимство на меѓународни турнири за странски играчи. Сосема на крај, но не и најмалку значајно, наградниот фонд за шахистите кои ќе играат на Затвореното првенство е понизок од оној што беше доделен на Отвореното првенство, а тоа е само по себе парадокс и може да служи за потсмев. Не би сакал во оваа пригода да зборувам и за другите долгови на федерацијата кон македонските играчи, што поради немање средства или наводно немање записник за она што било договорено, бидејќи се присетуваат на нас само кога треба да се игра за репрезентацијата, а забораваат дека ние сме професионални спортисти и од тоа живееме и ги издржуваме нашите семејства,- рече Недев за „Дерби“.

nedev kutirov alkaloid open 2018

Интернационалниот мајстор Дејан Стојановски, кој е осми на рејтинг листата во Македонија, има и други аргументи.

– Во нашето соседство, во Србија и Хрватски, ваквите турнири се организираат на одредена локација и таму сместувањето и исхраната се платени од страна на федерациите за секој учесник. Во нашиот случај, со расписот е предвидено дека турнирот се игра во Скопје и поради таа причина, за играчите од Скопје нема да има обезбеден хотел. Според мене, тоа е погрешно, бидејќи секој оној што го познава професионалниот шах, знае дека во домашна атмосфера нема услови за подготовка и настап на сериозен турнир. Лакрдијата со терминот на одржување е дополнителен проблем, бидејќи имаме преземено обврски кон нашите клубови и ученици, така што федерацијата треба прва да ги почитува тие начела за професионализам. Таа постои за шахистите, а не обратно,- изјави Стојановски за „Дерби“.

Се очекува дека во вакви услови, каде што првопријавениот шахист има рејтинг од 2.588 поени, а последниот 2.035 поени, ќе има големо разводнување на квалитетот на турнирот. Според достапните податоци, последниот турнир во 2011 година игран како Затворено првенство на Македонија имал просечен рејтинг од 2.402 поени, а според сегашните пријави тој изнесува 2.319 поени. Тогаш играле три велемајстори, четири интер-мајстори, двајца ФИДЕ мајстори и еден млад шахист без титула. Сега се пријавени двајца велемајстори, по тројца ИМ и ФМ, како и два играчи без титула.

2011 sahovsko

sahovsko elo zatvoreno prvenstvo 2019

Најпозитивна работа во целиот турнир е што најмладите шахисти кои се иднината на македонскиот шах (Филип Панчевски, Никола Николовски, Тони Лазов, Емил Ристески) ќе имаат можност да одиграат „контролни“ партии со повозрасните играчи како велемајсторите Кирил Георгиев и Ѕвонко Станојоски, или пак со ИМ Орце Данчевски и ФМ Љубиша Андоновски, кои важат за врвни едукатори во шаховската наобразба на новите играчи.

Се чини дека резултатска неизвесност нема да има, со оглед на тоа дека ВМ Кирил Георгиев (2.588) по распадот на бугарската федерација повторно настапува под македонско знаме, но спортски е сите да се надеваат на успех, иако значителна е разликата меѓу него и вториот играч (ИМ Филип Панчевски 2.500) и третиот играч по рејтинг (ВМ Ѕвонко Станојоски – 2.447).

Повеќе од јасно е дека во ваквата ситуација постои поларизација на релација „федерација – играчи“, па во интерес на зачувување на нивото на шахот во Македонија, ќе мора ваквите несогласувања да се адресираат навремено. Кон крајот на годината на Македонија и претстои настап на Европко екипно првенство, за што се уште нема објавено ниту поширок список, ниту план за подготовки какви што имало и во минатото – а во ситуација кога најдобрите играчи ги бојкотираат турнирите, се испраќа лоша порака во јавноста, особено до најмладите. Не треба да се заборави дека на неодамна одржаното државно првенство на Македонија во шах за млади (април 2019 година), настапија 80 јуниори и дека со нив работат можеби десетина тренери.

Ударот врз шаховските професионалци сега е удар по иднината на овој спорт. Интересите на играчите се бранат во секој спорт, а во некои федерации постојат и Здруженија на играчи (па и на тренери, и на судии) кои на тој начин се штитат од наметнувањето нови услови од страна на федерациите. Во спротивно, нема логика да се едуцираат нови генерации, ако на сегашните им се негира правото да имаат еднакви услови за настап и загарантирано ниво, со чесна професионална организација во која нема место за зборот „одлагање“.

 

Facebook Коментари