Шах
Титулата си дојде спонтано, исто како и ремито со Фишер
Борче Илиевски е дел од младата пост-воена генерација на македонски шахисти кои ја прифатиле древната игра од повозрасните интелектуалци и продолжиле да ја унапредуваат, со што се нашол меѓу основоположниците на современиот македонски шах.
Роден е во 1935 година, а младоста ја поминува во Битола, каде што подоцна оформил семејство. Низ неговата приказна за „црно-белиот свет“ може да се дознае многу за тоа како се развивал шахот во Македонија, а почетокот се случил за време на еден летен распуст, кога наместо дремка по ручекот, избрал да учи шах со својот наставник.
Сепак, многу години подоцна, иако станал свесен за својата сила и капацитет како играч, решил да се посвети на службата и на семејството. За играчка кариера ниту мечтаел, ниту бил охрабрен од оние кои раководеле со шаховскиот сојуз, а најголемите успеси уследиле кога го пронашол балансот да ужива во играта без професионални обврски.
ДЕРБИ: Кога го закажувавме ова интервју, ги биравме деновите кога нема спорт за гледање, бидејќи се уште ревносно ги следите сите натпреварувања, особено на македонските репрезентации. Важите за голем вљубеник во спортот, а најмногу постигнавте со шахот! Како се случи тоа?
– Како и сите деца и јас во мојата младост трчав по топки, веднаш по ослободувањето во 1946 година. Шахот го запознав случајно, бидејќи играта беше многу популарна во тие години и луѓето се трудеа да напредуваат, да ја изучуваат. Еден летен распуст го минував организирано со други деца во битолското село Цапари, каде што бевме сместени во тамошниот манастир. На тоа летување го гледав пионерскиот раководител Александар Поповски како ги мести фигурите на таблата и студира некои позиции. Тој ми ја покажа играта и јас се заинтересирав, па кога другите деца одеа на попладневна пауза по ручекот, јас седев со него и играв. Кога се вратив во Битола, почнав да го посетувам шаховскиот клуб „Стево Патако“, а веднаш по мене се заинтересираа и моите браќа. Така најпрвин започна како наше семејно ривалство, но откако се зачленивме во клубот и почнавме да играме, тоа прерасна во нешто многу поголемо, кое остави печат и во градот, а најмладиот Димче замина во Скопје за да стане најдобар во Македонија.
ДЕРБИ: Кој настап го сметате за прв официјален турнир?
– Иако првите потези ги повлеков уште во 1946 година, дури кога наполнив 16 години, во 1951 година, настапив на градското првенство на Битола. Освоив трето место зад тогаш познатите битолски шахисти, Зози Иракли и Јонче Сотировски. Така добив и право да играм на младинското првенство на Македонија, кое се одржа на Попова Шапка, а таму освоив трето место. Веќе следната година за прв пат станав првак на Битола и не го давав првото место цели шест години, до 1957 година, кога помалиот брат Димитар Илиевски ја освои титулата. Постариот брат Цане иако беше фудбалер, исто така играше шах, па една година се случи кога бев првак на Битола да победам во сите партии, а да изгубам само од него.
ДЕРБИ: Кога се случија настапите на сениорското државно првенство?
– За прв пат отидов на државното сениорско првенство во 1953 година, кога се играше во Охрид. Борбата за титулата беше меѓу Благоја Сотировски и Евгениј Мартиновски, а тогаш се појави и Софревски кој го освои третото место. Во 1954 година не учествував, но веќе следната година се вратив. Тогаш Павле Бидев беше републички првак, а јас успеав со него да ремизирам, а на крајот да се изборам и за четвртото место. Благодарение на ваквиот исчекор, ме поканија да играм за екипата ШК Студент. За мене беше голема чест да играм покрај Бидев, Софревски и Сотировски, сите до еден беа класа играчи. Ја оправдав довербата со тоа што на шестата табла освоив 5,5 поени, имав четири победи и три реми партии, а поединечно тоа беше најдобар резултат во тимот на една табла. Бидев кој играше на првата табла имаше пет поени.
ДЕРБИ: Како балансиравте меѓу ваквите резултати кои охрабруваат и обврските кои се појавуваат пред еден 20-годишник како студии и отслужувањето на воениот рок? Со кои ривали најдобро се снаоѓавте, а кои беа најнезгодни?
– Тоа беа години во кои секому му се случуваат многу работи во животот. Јас освен на градските првенства во Битола не играв на сите републички првенства поради разни обврски, но знам дека во 1956 година бев дел од екипата што играше на тимското првенство во СФРЈ во Рогашка Слатина. Во тие години, напредокот на Софревски беше евидентен и тој во 1957 стана вториот шаховски мајстор во Македонија, после Павле Бидев. Мислам дека Софревски беше над нас беше едно копје. Еднаш во неврзан муабет ми рече „играш кристално чист шах“. Мора да признаам дека ми годеше таков комплимент од него. Кога завршив со студиите заминав во војска и мислам дека на индивидуално републичко првенство повторно играв дури во 1959 година. Тогаш се играше во Дојран, а јас го освоив третото место. Во младоста го победував Софревски, уште во 1951 на младинското, па во Охрид на државното екипно во 1953 година, но подоцна кога се издигна се изедначивме во меѓусебниот скор, а освен тоа имавме и дваесетина реми. За жал, јас не водев најдобра евиденција, можно е подоцна во кариерата да премина во водство, а за меѓусебните дуели со други играчи не се секирав многу. Најлесно ми одеше со прилепчанецот Митре Џајковски, ако не се лажам стигнав до 11-1, додека противник што најмалку ми одговараше беше струмичанецот Васил Панов, кој негуваше мошне офанзивна игра.
ДЕРБИ: Дали е фер да се каже дека можеби имавте послабо развојно темпо, но сепак успеавте да стигнете до врвот во македонскиот шах?
– Па да, само што спомнав дека на државното првенство во 1959 година за прв пат освоив медал како третопласиран, зад Софревски и Панов. Благодарение на тој резултат учествував на турнирот во Опатија, кој што се нарекуваше полуфинален, бидејќи беше квалификациски за државното првенство на Југославија. Бев задоволен од пласманот во средината, имав океј резултат и знаев дека не сум се посрамотил. Југославија во тие години беше шаховска велесила, единствена која се носеше со велемајсторите од Русија, па пласман во завршницата на едно такво државно првенство значеше многу. Најблиску до пласман за настап на финалниот турнир односно државното првенство на Југославија бев во 1961 година, кога го освоив четвртото место на квалификацискиот (полуфинален) турнир во Дравоград. За половина поен ми избега титулата „мајстор“, а со тој резултат бев определен како прва резерва за југословенското првенство кое требаше да се игра во Македонија. Се случи еден од финалистите да откаже, но организаторите сепак решија да го повикаат словенечкиот велемајстор Васја Пирц, кој веќе беше пензиониран. И во следната 1962 година на републичкото првенство во Отешево повторно видов скандал и напуштање на осум играчи поради некои самоволни одлуки на организаторите, но такви работи се случуваа во тие времиња.
ДЕРБИ: Сепак, опстојавте меѓу најсилните во Македонија, што беше крунисано со титулата во 1964 година. Какви спомени имате од тој турнир?
– Имав извонредно добар почеток и направив 8 поени од 8 партии. Државното првенство на Македонија секогаш траело долго, во тие години се играше со 16 играчи, односно 15 кола по Бергеров систем. Во тие први неколку победи беа и оние кои беа против играчи што важеа за фаворити, како Јован Софревски, Миле Марковски и други. Во 9 коло играв со Ристо Ничевски и според мое наоѓање, бев пред нова победа, но тогаш направив груб превид, му оставив на противникот предност од еден „топ“. Не сакав веднаш да се предадам, ја држев ситуацијата уште некое време под контрола бидејќи бев во подобра позиција, но на крајот материјалната предност на противникот дојде до израз. Бев очаен, мислев дека противниците ќе ме стигнат. Психолошки најмногу ми помогна поддршката од брат ми Димитар, кој направи анализа кој со кого треба да игра до крајот и ме убеди дека имам шанса за триумф. Во преостанатите седум кола имав три реми, меѓу другите и со Митре Џајковски, против кого вообичаено лесно победував. За пола бод се избори и тогаш младиот Ристо Кизов. Но, другите партии ги победив, стигнав до 12,5 бода од 15 партии. Само Софревски имал триумф со таков резултат, заедно го имавме рекордот на тоа време. Паметам, во еден од новинските написи имаше наслов „кралот е мртов, да живее кралот“. Како шампион на Македонија стекнав право директно да играм на сениорскиот шампионат на Југославија, што се играше во Нови Сад, во 1965 година. Ми остана во сеќавањето дека повторно за половина поен ми избега титулата „мајстор“, слично како во Дравоград четири години претходно.
ДЕРБИ: Се чини дека тој период го претставува зенитот на Вашата играчка кариера, кој беше крунисан и со ремито против Фишер?
– Тој момент дојде во 1967 година, кога започна со организација „Турнирот на солидарноста“. Беше одлучено дека пет македонски играчи ќе играат, меѓу кои бев и јас врз основа на пласманот на републичкото првенство кое во 1967 година се играше во Прилеп, а јас го освоив второто место зад Софревски. Согласно жрепката, мене ми падна да играм со Фишер во првото коло. Нормално дека тоа направи да се чувствувам непријатно, но си реков „што е, тука е, и да загубам, не е срамота да се загуби од таков шахист“. Во наше време, тој беше како шаховски светец, сите знаеја за неговата посветеност. Во партијата влегов со мисла да не се посрамотам, да не направам грешка и успеав во тоа. Одигравме 33 потези и тој ми предложи реми, подавајќи ми рака. За мене, тоа беше како сон. До крајот на турнирот, другите македонски играчи (Јован Софревски, Ристо Ничевски, Васил Панов, Киро Данов) ги загубија нивните дуели со него, па мојот резултат остана за историјата. Фишер го сметаа незгоден за комуникација, но до крајот на турнирот кога и да се сретневме во салата за игра, тој беше учтив, насмеан и редовно се поздравуваше со мене.
ДЕРБИ: Многумина ја завршуваат својата играчка кариера мошне рано, вие игравте и како пензионер, но на екипните првенства во самостојна Македонија. Сепак, иако игравте до 2008 година, не успеавте да стигнете до ФИДЕ мајстор?
– Признавам дека тоа е болна тема, бидејќи тоа ми значеше додека играв. Но, за разлика од другите шаховски сојузи од она време, македонскиот не покажуваше интерес да им помогне на шахистите да стигнат до ФИДЕ титула. Низа играчи се соочија со тоа порано или подоцна, па некои дури и освоија шаховски титули во други земји, но не успеаја во Македонија. Јас неколку пати бев на чекор до мајсторската титула во време кога бев најактивен како играч, а во 1981 година се случи да победам на турнир во Битола и да ја натфрлам нормата за цел поен. Но, од Шаховскиот сојуз не го валидираа резултатот со образложение дека турнирот немал јачина, иако на него играа тогашните велемајстори Кнежевиќ и Шаховиќ. Следната 1982 година во Бела Црква стигнав до рејтинг од 2.350 поени, а за ФИДЕ мајстор се бараа 2.300, но од нашиот сојуз не испратија барање до сојузната комисија. Ако се знае дека на мојот брат Димитар му ја уважија титулата Интернационален мајстор дури во по осамостојувањето на Македонија, со задоцнување од две децении, можеби можев и јас, но тогаш веќе не ми беше битно.
ДЕРБИ: Искрено, ме зачудува и денеска кога го правиме ова интервју во 2021 година, немате никаква архива на партии, на фотографии од турнири, а имате таква силна врска со оваа игра?
– Јас мојот избор го направив многу одамна, кога решив да се вработам и да создадам семејство. Шахот секогаш ми бил хоби, го играв со љубов, но уживав во спонтаноста. Најголемите успеси како титулата во 1964 година и ремито со Фишер си дојдоа спонтано. Никогаш немав архива, ниту пак сум презел таква иницијатива. Можеби и поради мојата неажурност, но никогаш не се борев за титули. Не живеев од шахот, бев банкарски службеник. Ми беше пријатно без професионални обврски, со задоволство играв, но сепак ми остана само како љубов.
ДЕРБИ: Но, сепак, кога игравте секогаш бевте при врвот. Дали тој релаксиран пристап е единствената тајна за играчките успеси? Со други зборови, кој е вистинскиот концепт за успех во шаховската игра, за освојување на титула?
– Од денешен аспект, кога ќе погледнам наназад и кога ќе се присетам на некои случки, би рекол дека прв фактор за успех во играта е да се има добро здравје. Има една изрека од Тартаковер кој со иронија вели дека никогаш не победил против здрав противник, бидејќи најчесто сите кои губат наоѓаат оправданија во здравствената состојба. Јас се согласувам дека мора да си со добро здравје, па дури и во добра физичка кондиција, бидејќи шаховските партии траат долго и потребна е максимална концентрација и издржливост. Знаењето и тренингот одат заедно со здравјето, само талент не е доволен. На крајот, успешен шахист е оној кој има цврста личност. Невозможно е да не те болат поразите, но само оние цврстите повторно се издигнуваат, додека другите тагуваат за грешките, се обвинуваат себе си и се дефокусираат.
ДЕРБИ: Какви се шансите историјата да се повтори и битолските шахисти повторно да доминираат на македонската сцена?
– Мене ми е драго дека во годините кога јас и Димитар игравме за клубот „Стево Патако“ успеавме да освоиме и екипна титула, а потоа да одиме и во Пула на сојузниот екипен шампионат. Таа 1964 година е „златна“ за битолскиот шах бидејќи го освоивме и Купот, а додека беше Димче во Битола го повторивме успехот во 1966 и 1968 година. За жал, денеска на нашите првенства играат странски играчи. За успех во шахот е потребна систематска работа, од најмлада возраст и убаво би било тој да се изучува сериозно низ школските институции. Денешниот шах е многу повисоко ниво од оној што се играше во времето пред појавата на компјутерите, поради што и едукацијата на шахистите е поинаква. Го паметам Влатко Богдановски дека како дете доаѓаше во клубот за да игра шах, но тој беше решен да се посвети на играта и замина во Скопје, стана велемајстор и повеќекратен шампион на Македонија. Се надевам дека во иднина ќе има и нови успешни шахисти од Битола. Првенствено е најважно да ја сакаат оваа игра, потоа и да ја изучуваат и да успеат во неа.
-
Шпанијапред 19 часа
Фудбалската среќа му се насмевна на Реал, „кралевите“ победија со удари од 11 метри (Видео)
-
АТПпред 21 час
Ѓоковиќ: До крајот на кариерата ме интересираат само две работи во тенисот!
-
Светпред 20 часа
Олимпија Милано ја сподели спектакуларната тројка на Димитријевиќ на дебито против Фенербахче (Видео)
-
Англијапред 22 часа
Прв кандидат за гол на сезоната во Премиер лигата: Дуран испали „проектил“, Мартинез се фаќаше за глава (Видео)
-
Англијапред 21 час
Тен Хаг се пожали по победата на Јунајтед: Добиваме нефер третман од Премиер лигата
-
Италијапред 20 часа
Заканата од тифозите вроди со плод: Милан ја уништи Венеција за 29 минути (Видео)
-
Светпред 23 часа
Некои работи не се менуваат: Откачениот Диего Коста физички нападна тинејџер од противничкиот тим (Видео)
-
Шпанијапред 21 час
Ханси Флик со искрен совет со Јамал: Ако сака да биде голем шампион…..