Поврзете се со нас

Балкан

Тажна вест: Почина југословенската легенда која двапати го одби Реал Мадрид

Објавено

на

Босанските медиуми со голема жалост ова попладне пренесоа уште една лоша фудбалска вест, односно ја известија јавноста за смртта на југословенската легенда, Ивица Осим.

Поранешниот фудбалски стручњак починал денеска на 81-годишна возраст во Грац, Австрија, град во кој живееше подолго време откако реши да ја напушти родната земја.

Осим има статус на фудбалска легенда во Босна и воопшто на овие простори, бидејќи покрај тоа што се истакна како професионален фудбалер, дочека голема слава и како тренер и предводник на Југославија. Ивица настапувал за Железничар цели 11 години како играч и потоа имал интернационална кариера во Франција во Седан, Стразбур и Валенсиен, а исто така настапувал и за холандски Цволе.

Како репрезентативец, Осим брои 16 настапи за најсилната фудбалска селекција на Југославија и има постигнато осум гола, а ќе се памети и како член на тимот кој го освои среброто на Европското првенство во 1968-ма година.

По крајот на играчката кариера, Осим го водеше Железничар како тренер, беше селектор на Југославија од 1986-та до 1992-ра година, а последниот тренерски ангажман го имаше во 2007-ма година како селектор на Јапонија. Осим ќе остане запаметен и како еден од ретките фудбалски работници кои во два наврати одбија понуда од големиот Реал Мадрид.

– Да бидам искрен, се плашев од Реал Мадрид, не знаев што ќе правам таму. Сепак, честа е голема, само тоа што ме побара Реал Мадрид. Само луд човек го прави тоа, а јас го направив двапати. Се прашував во себе што ќе им кажувам на големи имиња како Бутрагењо, Санчес или Јеро, – своевремено изјави сега починатиот Осим.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни