Поврзете се со нас

Формула 1

Тажен ден за Формула 1: Почина трикратниот шампион Ники Лауда

Објавено

на

Австрискиот автомобилист Ники Лауда, кој се стекна со светска слава освојувајќи ги титулите светски првак во 1975, 1977 и 1984 година, почина на 70-годишна возраст.

Здравствената состојба на Лауда беше нарушена минатото лето, кога за време на августовската пауза во Формула 1 беше објавено дека го прекинал својот одмор на Ибица поради напади од кашлица, за потоа да биде хоспитализиран во Виена и да му биде направена операција за трансплантација на белодробно крило. Тој беше ангажиран во Ф1-тимот Мерцедес како неизвршен претседавач на управниот одбор, водејќи ги „сребрените стрели“ заедно со Тото Волф, по преземањето на тимот кој претходно беше во сопственост на Рос Браун (Браун ГП).

– Со голема жалост соопштуваме дека нашиот сакан Ники почина во понеделникот покрај своето семејство. Неговите уникатни постигнувања како спортист и претприемач ќе останат незаборавени, како и неговиот непрекинат апетит за акција. Со неговата директност и храброст, тој ќе остане пример за сите нас,- гласи веста што ја лиферуваше Мерцедес.

Кариерата на Лауда е една од најинтересните стории за возачите, кој иако потекнувал од богато семејство, поради противењето ја фундирал својата кариера со банкарски кредити. Се прослави со освојувањето на титулата како возач на Ферари во 1975 година, а во 1976 година имаше инцидент во кој одвај се спаси откако неговиот болид се запали по судир со друг. Неговиот камбек во седиштето по само шест седмици и продолжување на борбата за титулата која на крајот сепак му припадна на Џејмс Хант, беа овековечени и на големото филмско платно од страна на режисерот – оскаровец, Џон Хауард. Втората титула ја освои веќе следната 1977 година, истовремено испишувајќи нова историја како возач кој прв го раскинал договорот со Енцо Ферари.

Неговиот живот продолжил во менаџерски води со основање на авио-компанија за прекуокеански летови, но потоа се врати на трките со Мекларен, каде што ја освои титулата во 1984 година. Во Формула 1 работел како на разни позиции во Ферари, Јагуар и Мерцедес.

Ники Лауда во два наврати го посети Скопје, промовирајќи ги услугите на неговите авио компании, каде што исто така беше и пилот. Последен пат, беше во Скопје на 14 април 2011 година како претставник на „Флај Ники“.

lauda skopje 2011

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни