Светскиот шампион Поп Ацев за „Дерби“: Лошите услови ми ја расипаа самодовербата

evgeni_popacev_ohrid_2015

Евгениј поп Ацев повторно е прв во генералниот пласман во маратонската гран при серија, со што го повтори успехот од 2015 година.

Овој пат до него дојде откако со директниот конкурент за титулата Гилермо Бертола „се пресметаа“ на последната трка што требаше да се плива на дистанца од 30 километри од Капри до Неапол, но поради лошите временски услови организаторите направиле кружна трка со должина од 16 километри.

ДЕРБИ: Евгениј, честитки, успеа повторно да се вратиш на врвот, како ти ја виде последната трка со фотофиниш и една секунда разлика во борбата за светската титула?

– Постојано пливавме во иста група со Бертола, беше многу слично како на маратонот во Охрид. Јас имав два поени предност во генералниот пласман и не смеев да дозволам да ми избега, а цело време со нас беше и Александар Стуџински, кој победи во Охрид. Трката беше скусена поради лошите временски услови, а мене повеќе ми лежат долгите трки, па поради тоа имав помала самодоверба. Сепак на крај успеав да извлечам добар резултат и на покусата патека.

ДЕРБИ: Што велат правилата, го делите првото место?

– Нема „тај брејк“ што е предвиден со правилата. Двајцата имаме по 43 бода и двајцата ќе добиеме пехар и награда за прво место.

ДЕРБИ: Какви се плановите, продолжуваш ли со трките во Светскиот куп на 10 километри или се враќаш во Македонија?

– Прво се враќам во Македонија, а потоа ќе размислам за крајот на сезоната. Следната трка од Светскиот куп е во Кина и се одржува во октомври, но на одлуката најмногу ќе влијаат плановите за идната сезона.

Facebook Коментари