Шах
Светската шампионка Сузан Полгар реагираше за случувањата во македонската шаховска федерација: Ова е страшно!
Откако се појавија незадоволства за водењето на шаховската федерација на Македонија, најпрвин поради доцнење на исплатата на наградите за првенството на Македонија од 2023 година, на што се надоврза и информацијата дека им се должи и на судиите за хонорари речиси за цела година, сега доаѓа нова лавина од реакции поврзана со селектирањето за претстојните шаховски олимпијади во машка и женска конкуренција.
Имено, веќе извесно време врвните македонски шахисти укажуваат на неправилности и недоследности околу изборот на шахистите кои ќе ја претставуваат државата на најголемите натпреварувања.
Во пресрет на Шаховската олимпијада која е закажана во Будимпешта, Унгарија, каде што сместувањето е на товар на организаторите, шаховската јавност е разбранувана од укажувања дека наместо бранење на националните интереси и формирањето на тимови со силни шахисти, без транспарентни критериуми се селектираат играчи кои немаат успеси.
На претходната 44. шаховска олимпијада играна во 2022 година во Ченаи, Индија, Македонија беше рангирана на 61 место според стартниот рејтинг, а заврши на 70 место. На екипното европско првенство во 2023 година кое се играше во Црна Гора, Македонија беше на 32 место по стартен рејтинг, а го освои 34 место на конечната табела во машка конкуренција. Во наброените случаи, женската репрезентација мина подобро отколку стартниот рејтинг, но пласманите повторно не се репрезентативни (27 место од 32 земји на ЕП, 61 место на шаховската олимпијада).
Актуелната државна шампионка, ЖИМ Габриела Коскоска, прва упати прашање до федерацијата насловено „Како да се борат македонските шахисти за влез во репрезентацијата, ако не ги знаат критериумите?“
– Колеги шахисти и шаховски работници, очигледно е дека ШФМ нема респект према актуелна и повеќекратна државна шампионка, долгогодишна репрезентативка и единствена шахистка во нашата држава со титула женски интернационален мајстор. Ако некој ги знае критериумите и начинот на избор на членовите на репрезентација, ве молам да ме просветлите,- напиша Коскоска која појасни дека за ова прашање се обратила до претседателот Саша Богдановиќ и генералниот секретар Марјан Митков.
Неколку дена по нејзиното обраќање на социјалните мрежи дека е игнорирана од федерацијата, Коскоска објави дека добила одговор од генералниот секретар.
– Управниот одбор на ШФМ има избрано селектори во машка и женска конкуренција и верува во нивните квалитети, квалификации и критериуми да ги изберат најдобрите и најспремните репрезентативци кои ќе ја претставуваат нашата земја на меѓународните натпреварувања. Селекторите имаат целосна независност во својот избор кој го имаат направено врз основа на своите квалификации и критериуми и истите ќе ги објават на начин, место и време согласно нивните уверенија,- гласи цитираната реплика на Марјан Митков.
Коскоска веднаш го демантираше Митков посочувајќи му го член 36 од Статутот на федерацијата, според кој „шаховските репрезентации … ќе ги претставуваат шахистите со најдобри резултати и натпреварувачки континуитет. Членовите на шаховските репрезентации … ги предлагаат селекторите, а Управниот одбор одлучува по предлозите“.
Нов бран на реакции уследи по објавата на ВМ Александар Чоловиќ, дека федерацијата ниту формално не ги искомуницирала играчите со повисок рејтинг, туку избрала играчи со пониски рејтинзи.
– Да се претставува земјата е чест, но кога кон најдобрите играчи не се покажува ниту основна почит, тогаш нешто е гнило во тоа како се води федерацијата,- напиша Чоловиќ, кој е претседател на светското здружение на шаховски професионалци, избран во 2019 година.
Постот на ВМ Чоловиќ објавен на платформата Х, поранешен Твитер, предизвика реакции не само во македонската, туку и во меѓународната јавност. Меѓу оние кои реагирале е и светската шаховска првенка Сузан Полгар!
– Ова е страшно! Во многу земји постои истиот проблем,- напишала легендарната шахистка.
Од македонските шахисти, написот на Чоловиќ беше споделен и од ИМ Филип Панчевски, повеќекратен шампион на Македонија. Тој потсетува дека последниве години има еден чуден критериум за избор на репрезентативците.
– Дека е нешто труло во тоа како се води федерацијата говори и фактот дека дури ни овогодишениот шампион на Македонија во женска конкуренција не е поканет да настапи за женската екипа, а неколку години наназад главен критериум за настап е да си млад, без разлика на јачината.
Со оваа дебата беа отворени и други прашања, како тоа дали селекторите се избрани на конкурс и дали имаат валидни мандати.
„Дерби“ ќе продолжи да известува за настаните поврзани со шаховските збиднувања, а воедно ги отвора своите страници за претседателот Саша Богдановиќ, и го повикува да ги одговори прашањата што ги поставува шаховската заедница, за да демистифицира по кои критериуми е формирана репрезентацијата на Македонија.
Александар Табаковски
-
АТПпред 22 часа
Тениски срам: Пред неколку години беше во топ 20, сега загуби меч за 37 минути во сомнителни услови (Видео)
-
Лига на шампионипред 7 часа
Суперкомпјутерот на „ОПТА“ ги одреди фаворитите за триумф во Лигата на шампионите
-
Мото ГПпред 19 часа
Роси никогаш нема да му прости на Маркез: Никој во историјата не бил валкан како него!
-
Светпред 20 часа
Родри: Ќе биде неправедно за Чави и Иниеста, но јас веќе се чувствувам како победник на „Златната топка“
-
Шпанијапред 9 часа
Карвахал понуди едноставно решение за својата иднина, на потег е Перез
-
Англијапред 18 часа
Капело стравува за летното засилување на Јунајтед: Тој се уште мисли дека е во Италија……
-
АТПпред 18 часа
Ѓоковиќ детално објасни зошто олимпиското злато е повредно од сите освоени 24 грен слем титули
-
Шпанијапред 9 часа
Јамал решил да си купи егзотично животно, но се јавил проблем: Мојата мајка не ми дозволува