Стојановски по новиот договор: МЗТ е мојот клуб, останувам за да го поправиме впечатокот од минатата сезона

Damjan-1

Македонскиот репрезентативец, Дамјан Стојановски денеска и официјално стави потпис на новиот двегодишен договор со составот на МЗТ Скопје.

Тој веќе подолго време е дел од „штрковите“ и се одлучи да им остане верен иако имаше од странство.

-МЗТ Скопје Аеродром е мојот клуб, веќе не ни паметам дека имам играно во друга средина и навистина не беше тешко да се одлучам да останам во него уште две сезони. Имав понуди од странство, но иако беа примамливи, сепак, не беа до таа мера поатрактивни и побогати за да ме натераат да си заминам во Аеродром. Сѐ уште ми е тешко што во минатиот шампионат не одигравме на потребното ниво и не ги остваривме очекувањата на навивачите како во АБА така и во македонското првенство. Токму таа желба да дадам сѐ од себе да се подобри впечатокот и да се покаже дека тоа што се случи во изминативе месеци не беше реална слика на МЗТ Скопје Аеродром беше клучна што останувам и понатаму во сино-белиот табор, -рече Дамјан кој верува дека тимот ќе има подобри резултати во наредната кампања.

-Без пожртвуваност нема ништо и сигурен сум дека во новото првенство ќе влеземе со тим кој ќе може да го врати клубот она каде што припаѓа, а тоа е во самиот врв на македонската кошарка, но и во елитата во јадранската конкуренција. Ќе биде тешко и напорно, но јас сум подготвен за предизвикот, а верувам истото ќе го мислат и сите останати кои ќе се најдат во ростерот на Кочов. Мора да ја градиме добрата атмосфера уште од самиот почеток, бидејќи без тоа нема да може да дојдеме до посакуваната цел, -порача Дамјан преку официјалана веб страна на металците.

Facebook Коментари