Стоилов го најави и најлошото: Ние сме европски шампиони, а добиваме смешен однос!

stole

Тимур Дибиров ги повика фановите на Вардар да го поддржат тимот во исклучително тешката ситуација и за момент да се заборави на финансиските проблеми кои го тресат клубот по официјалните заминувања на Криштопанс и Атман, а по објавата на руското крило, сосема очекувано ова попладне го добивме и гледиштето на капитенот Стојанче Стоилов кој се појави на прес-конференцијата во пресрет на дуелот со Мотор.

Играчот кој е лидер на Вардар со години наназад не крие дека ситуацијата во клубот е навистина специфична и несигурна, а дури и самиот тој не знае во која насока ќе се одвиваат работите и не отфрли Вардар да ги игра последните натпревари во овој ростер.

– Не очекува исклучително тежок натпревар, сите знаете дека се наоѓаме во лоша ситуација. Си замина многу важен играч за нас. Да бидеме реални, Вардар не е ист тим со него и без него. Да излеземе на терен и да видиме какви ни се главите. Ситуациајта со проблемите не е нова за нас, веќе долго време се влече и ќе видиме како ќе заврши. Ние се надеваме на полна сала и поддршка од нашите фанови, само така ќе одиграме добар меч, – порача Стоилов, јасно говорејќи за заминувањето на летонскиот „џин“ Криштопанс.

– Искрено, не знаеме што носи иднината, ова може да биде еден од последните натпревари за Вардар, никој не знае да каже што ќе се случи. На нас играчите кои сме тука е да истрчаме на теренот и да го дадеме најдоброто против Мотор. Никој не треба да ги обвинува играчите кои си заминаа, ние сме европски шампион, а односот кон нас играчите е смешен, – додаде Стоилов кој за крај нагласи дека тој не планира да си замине и покрај безизлезната ситуација во овој момент.

– Јас ќе останам сигурно, но треба да се седне на маса и да зборува отворено. Многу работи висат во овој момент, дури и титулата во домашното првенство, – заврши капитенот.

Facebook Коментари