Поврзете се со нас

Шах

Срамота: Најдобриот македонски спортист за 2020 година отстранет од репрезентацијата поради формален проблем

Објавено

на

Владимир Тркаљанов е носител на престижната награда на Агенцијата за млади и спорт како „Спортист на годината за 2020 година“, што ја има добиено во категоријата за лица со инвалидитет.

Во минатото, оваа награда од АМС ја добивале спортски легенди како Бранимир Јовановиќ, Оливера Накова Бикова, Андреј Стојаноски и многу други, кои државните бои на Македонија ги бранеле на разни Светски првенства и Олимпијади, при што постигнале завидни резултати.

Тркаљанов во 2020 година потсети на своите најдобри денови, кога неговото учество на Олимпијадата во шах за лица со оштетен вид му донесе награда од светската федерација ФИДЕ за најубава партија на турнирот, а во Македонија беше прогласен за Спортист на годината во соодветната категорија. Претходно, во 2001 година, Владимир Тркаљанов на Светското првенство во Истанбул го освои 5. место меѓу 300 учесници, по што од страна на АМС беше рангиран како „врвен спортист од светска категорија“.

Обраќајќи се преку медиумите до Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, како и до Претседателот на владата на Македонија, Зоран Заев, Владимир Тркаљанов укажува дека му е нанесена неправда со што треба да ја докажува својата невиност, наместо другата страна да докаже дека е тој виновен.

Во пресрет на „Шаховската олимпијада за луѓе со оштетен вид“, која ќе се одржи во Грција на почетокот на ноември се случува да бидам исклучен од Здружението на лица со инвалидитет во Кочани, градот каде што живеам. Поради тоа, не можам да играм за националниот тим на лица со инвалидитет. Правдата ќе мора да ја барам на суд бидејќи одговорно тврдам дека не постои дело од моја страна со кое сум заслужил да бидам исклучен, и тоа ќе го докажам во посебна постапка – но, не знам кога таа ќе биде процесирана. Принуден сум да ангажирам адвокат и да докажувам дека сум невин, наместо тие во некаква дисциплинска постапка да докажат дека сум виновен! Без да бидам повикан од некој орган на сослушување, донесена е одлука да ме исклучат врз база на „нарушување на угледот на Здружението“.

Како дел од репрезентацијата на Македонија во шах за лица со оштетен вид со години ги бранам боите на државата на најсилната прва табла, а за моите успеси како шахист може да посведочат и врвните Македонски шахисти.

Ви се обраќам Вам, како претставници на РСМ и спортот во земјава поради тоа што мислам дека со овој потег се загрозени државните интереси и судската разрешница ќе биде спора и ќе заврши по натпреварот. Вашиот интерес за случајов може да ми помогне мене, но и на повеќе луѓе како мене кои се жртви на самоволието на раководството на одредени Здруженија кои се финансирани од државата.

Поради мојата попреченост, како и поради поклопувањето на паузата во судството со периодот кога стартуваат подготовките на репрезентацијата за новото првенство, јас во оваа битка не можам сам. Потребно е да се заинтересираат сите надлежни институции. Сметам дека е национален интерес на секое натпреварување да одиме да победиме, а не репрезентацијата да биде отворена за туристи.

Отсекогаш со цело срце сум настапувал за Македонија и многу ме боли неправдата и монтираниот процес со кој сум правно онеспособен да играм повторно, и тоа само една година откако ја добив наградата на АМС. Ве повикувам да ги активирате сите механизми за да може правдата да излезе на виделина и да направите чекор со кој ќе овозможите репрезентацијата на РС Македонија во најсилен состав да настапува на следните европски и светски натпреварувања.“ – се вели во обраќањето доставено до медиумите.

Шаховската репрезентација од први до петти септември ќе има собир во Неготино, каде што ќе работи со велемајсторот Трајко Недев, но за жал Тркаљанов не може да присуствува ниту на нив поради исклучувањето на Здружението од Кочани.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни