Спектакуларните скокови во Мостар им донесоа титули на Ифланд и Хант

Photographer Credit:
Romina Amato/Red Bull Content PoolPhotographer Credit: Romina Amato/Red Bull Content Pool

Австралијанката со прва победа во скоковите од Стари Мост стигна до четвртата титула во Red Bull Cliff Diving, додека перфектниот Константин Поповичи од Романија направи сензационален камбек со победа во машка конкуренција.

Австралијанката Ријана Ифланд ја одбрани титулата во женска конкуренција со уште една доминантна победа, за прв пат во кариерата извојувана во Мостар, Босна и Херцеговина, притоа изведувајќи беспрекорен последен скок во водите на реката Неретва, со што стигна до победа која и ја гарантира титулата. Кај мажите, Гери Хант по осми пат сигна до шампионската титула „Трофеј на Кралот Кахекили“, но во драматичното попладне со скокови од Стари Мост, брилијантниот Британец беше само второпласиран, откако Романецот Константин Поповичи ја дигна на нозе публиката која броеше 20 илјади лица, а и судиите му доделија пет „десетки“ за скокот.

На целото натпреварување кај мажите беа доделени вкупно осум „десетки“, а 30-годишниот олимписки натпреварувач од Букурешт присвои пет од нив. Ова е негова прва сезона како перманентен натпреварувач во серијата, но Поповичи се катапултираше себе во борбата за „Трофејот на Кралот Кахекили“ со блескав старт на сезоната во кој успеа да се избори за една победа и едно второ место во првите два натпревари. Сепак, неговите надежи беа ставени „на чекање“, бидејќи отсуствуваше три месеци поради повреда, се до натпреварот во Мостар кој му овозможи пласман меѓу оние кои ќе имаат загарантирано место во 2020 година.

Во сенка на победникот беше старо-новиот шампион, Гери Хант, кој имаше бавен почеток и едвај беше на 10 место пред последните две рунди. Сепак, 35-годишнот светски првак успешно ја одбрани титулата создавајќи недостижна предност во пресрет на натпреварувањето во Билбао, на северот од Шпанија, каде што тој се уште нема победа на оваа локација. Мексиканецот Џонатан Паредес го комплетираше подиумот во Мостар, со што може да се рече дека на него се најдоа најуспешните од оваа сезона, пред спуштањето на завесата за оваа година на последното шоу следниот месец.

Треба да се издвои дека во женското натпреварување имаше ново лице на подиумот, Еленор Таунсенд Смарт од САД. Таа за прв пат настапува како перманентен учесник и стигна до десеттиот настап во кариерата, во кој стигна до втората позиција зад Ријана Ифланд, а пред Канаѓанката Лизен Ричард која имаше успешно враќање во спортот со пласман на третото место.

Сезоната доаѓа до самиот крај, а шампионкатга во женска конкуренција Ифланд ќе патува за Шпанија со дополнителна самодоверба и напор да ја заокружи перфектната сезона, откако во Мостар за последниот скок доби четири „десетки“ од судиите. Со него таа стигна не само до четвртата титула, туку и „ги разбрка демоните“ од Мостар и ја забележа првата победа на оваа локација, во предизвикувачките води на реката Неретва.

Иако шампионите се веќе познати, трката за местата кои носат пласман во идната сезона е се уште отворена. Скокачите кои настапуваат со „вајлд карта“ се уште имаат шанса да освојат еден од врвните пласмани и во серијата на скокови од 21 метар, но и кај мажите од 27 метри. Последниот натпревар на кои тие ќе се простат од маршот во 2019 година, ќе се одржи по три неделна пауза во Билбао.

ИЗЈАВИ ОД ПОБЕДНИЦИТЕ

Ријана Ифланд, Австралија
Кога ги видов оценките од последната серија, тоа е секогаш убаво чувство. Гледав наоколу низ публиката која ми даде толку голема енергија додека бев на платформата. Тоа многу ми помогна. Оваа победа дефинитивно ја припишувам на мотивацијата, пробав да дојдам тука со поинаков ментален пристап за разлика од претходните години. Лани ми беше тешко, имав и повреда, па немав најдобар рекорд, но овој пат дојдов да скокнам како што тоа го правев низ целата сезона. Прекрасно звучи да си светски шампион, но има уште еден натпревар и сега сум фокусирана само на него. Ќе се наградам самата кога ќе завршиме со Билбао!

Константин Поповичи, Романија
Одлично е да се вратиш назад, по речиси тримесечно закрепнување, многу болка и уште повеќе напорна работа. Сепак, сето тоа се исплатеше денеска и се чувствувам прекрасно на едно вакво натпреварување како што е ова во Мостар. Мојот план беше да изведам четири силни скокови, и успеав во тоа. Се надевав дека ќе има и „десетки“, иако не очекував перфекција. Но, успеав да направам еден таков скок и тоа е добро. Одам чекор по чекор, како што е тоа рд и во самите натпреварувања. Сега одам дома, ќе тренирам таму една седмица, потоа една седмица во Австрија, а потоа за Билбао. Планирам и таму да имам претставителен настап, па ќе видиме како ќе поминам.

Резултати (мажи): 1. Константин Поповичи (Романија) 448,90 поени, 2. Гери Хант (Велика Британија) 426,90 поени, 3. Џонатан Паредес (Мексико) 416,45 поени, 4. Алесандро Де Росе (Италија) 413,15 поени, 5. Каталин Преда (Романија) 402,45 поени, 6. Енди Џонс (САД) 400,60 поени, 7. Олексиј Пригоров (Украина) 391,35 поени, 8. Славик Колесников (Украина) 378,80 поени, 9. Михал Навратил (Чешка) 378,75 поени, 10. Серхио Газмен (Мексико) 371,65 поени

Резултати (жени): 1. Ријана Ифланд (Австралија) 358,05 поени, 2. Еленор Таунсенд Смарт (САД) 288,90 поени, 3. Лизен Ричард (Канада) 284,70 поени, 4. Џесика Маколи (Велика Британија) 280,90 поени, 5. Антонија Вишиванова (Украина) 279,15 поени, 6. Марија Паула Кинтеро (Колумбија) 278,40 поени, 7. Џеновиева Бредли (САД) 277,30 поени, 8. Јана Несцијарева (Белорусија) 265,85 поени.

Табела (мажи): 1. Гери Хант 960 бода, 2. Џонатан Паредес 590 бода, 3. Енди Џонс 450 бода, 4. Михал Навратил 410 бода, 5. Константин Поповичи 360 бода

Табела (жени): 1. Ријана Ифленд 1.000 бода, 2. Џесика Маколи 540 бода, 3. Јана Несцијарева 510 бода, 4. Лизен Ричард 500 бода, 5. Еленор Таунзенд Смарт 450 бода.

Забелешка: Поради ниски температури, иако натпреварот во Ирска се одржа, не беше бодуван за светското првенство.

Facebook Коментари