Шах
Софревска: ШК Алкалоид еднакво го негува едукативниот и натпреварувачкиот аспект меѓу најмладите

Во текот на минатиот месец беше промовиран новиот шаховски дом на ШК Алкалоид во Скопје, кој освен што ќе служи како центар за усовршување на млади шахисти, по подолго време ќе овозможи збогатување на шаховскиот живот во главниот град, бидејќи ги отвора вратите и за рекреативно играње од страна на симпатизерите.
Тоа беше повод за разговор со Лидија Софревска – Андонова, секретар на ШК Алкалоид, која и самата има титула како Женски ФИДЕ Мајстор, а со децении наназад учествува во управата на клубот кој е еден од најреспектабилните спортски колективи во нашата земја.
ДЕРБИ: Идејата за отворање на нов шаховски дом во Скопје беше извесно време спомнувана како можност, а од неодамна и реализирана. Имаше ли попатни пречки во реализацијата на замислата?
– Шаховскиот дом на ШК Алкалоид во Скопје е наменет пред се за шаховски часови за децата од јуниори и кадети до младинци. Во 2020 година, пред појавата на пандемијата од Ковид-19, бевме мошне блиску до реализација на идејата, но моравме да се откажеме. Штом повторно се создадоа услови, интензивно се ангажиравме и во релативно кус рок, точно за почеток на школската година, го отворивме ова модерно катче наменето за шаховска едукација и турнири за младите. Станува збор за две училници во центарот на Скопје лоцирани на улицата „Железничка“ (денешна улица „Јордан Мијалков“) бр. 40А во Скопје. Наставата ја водат лиценцирани тренери на Светската шаховска организација, кои се истовремено и најсилните македонски шаховски велемајстори.
ДЕРБИ: Просторот овозможува ШК Алкалоид да почне повторно со шаховска настава за јуниорите со физичко присуство. Какви се плановите, колку деца ќе можат да бидат прифатени во групите за почетници и кој ќе работи со нив?
– Шахот е еден од ретките спортови што може да се учи и преку интернет, но настава во живо, особено за најмладите почетници е неспоредливо попродуктивна. Децата се распоредени во групи, согласно возраста и нивото на шаховско знаење: од апсолутни почетници, напредни помлади и постари јуниори (последниве две групи се учесници на државните првенства во шах за јуниори). Секоја група може да брои максимум 20 ученици. Во моментов е организирано да имаат часови два пати неделно (понеделник со четврток, и вторник со петок со почеток во 18:00 за почетниците). Уписите за почетници се уште се отворени, за што има соодветни информации на нашата веб страна chessclubalkaloid.org. После одреден период, кога почетниците ќе стекнат минимум шаховско знаење за да одиграат шаховска партија, ќе бидат организирани и интерни, но и отворени турнири во саботите. Секако, имаме во предвид дека за дел од овие деца шахот ќе биде само игра и забава, додека дел од нив што ќе покажат преференција да продолжат да учат шах, ќе влезат во натпреварувачка конкуренција. Ние еднакво го негуваме и едукативниот аспект на шахот, затоа што според проценката на стручните експерти и педагозите, шахот придонесува за развој на когнитивните способности кај најмладите, ја подигнува концентрацијата при учењето, го подобрува аналитичкото размислување, решавањето проблеми и носењето одлуки, а во голема мера овозможува дружење и креирање на тимски дух.
ДЕРБИ: Што се случува со напредните јуниори, дали и тие ќе имаат настава во овие простории откако за време на пандемијата следеа часови преку Интернет?
– Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е основан 1976 година и важи за еден од најдобрите европски клубови, а според постигнатите резултати е меѓу неколку најуспешни спортски клубови во историјата на македонскиот спорт. Има огромна колекција на титули од кои најпрестижна е освоеното злато на Европскиот Клупски Куп во Нови Сад во 2016та година. Затоа, и на развојот на идни шахисти посветуваме особено внимание. Конкретно за напредните јуниори што ќе продолжат кон повисоко ниво на работа и знаење, во натпреварувачка насока, клубот има соодветна програма за едукација и поддршка. Во просториите на клубот во Скопје се одржуваат часови два пати неделно и со оваа група, а за сите најнапредни кои не живеат во Скопје, организирани се часови преку интернет, во две групи: постари и помлади јуниори. Освен тоа, два до три пати во година Алкалоид организира неколкудневни шаховски кампови за најнапредните јунори. Децата кои ќе покажат талент, желба за работа и интерес да се посветат на шахот, добиваат финансиска и тренерска поддршка од клубот за да учествуваат на државните првенства за јуниори (се одржуваат посебно за деца до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 годишна возраст) и доколку се пласираат и за Европските и Светски Првенства. Покрај тоа, во текот на годината се одржуваат и бројни шаховски турнири од отворен тип, во државата и во странство, каде што клубот ги поддржува јуниорите за да учествуваат. Играњето шах е дел од учењето, турнирската пракса е исклучително значајна.
ДЕРБИ: При отворањето на шаховскиот дом беше најавено дека во него ќе можат да доаѓаат и надворешни лица кои негуваат љубов кон древната игра. Како ќе биде регулиран тој сегмент?
– Ние сакаме клубот да биде и место каде што останатите шахисти и љубители на шахот ќе имаат можност да се сретнат, да одиграат по некоја партија. Засега, за надворешни посетители шаховскиот клуб е отворен во среда од 18:00 до 22:00 часот, и во сабота од 11:00 до 16:00 часот. Ваков простор со генерации им недостасува на шахистите од Скопје, а ние, како водечки клуб, сакаме со тоа да дадеме придонес кон шаховскиот живот во градот.
-
АТПпред 19 часа
Вимблдон ја повлече забраната за тенисерите од Русија и Белорусија
-
Италијапред 16 часа
Палјука му предлага на Интер да го продаде Онана и да ангажира конкретна замена
-
Францијапред 24 часа
Евра со две реченици објасни зошто ПСЖ никогаш нема да ја освои титулата во ЛШ
-
Англијапред 18 часа
Гвардиола за настапот на Халанд против Ливерпул: Животот носи ризици…
-
Англијапред 17 часа
Паратичи се повлече од функцијата во Тотенхем
-
Германијапред 20 часа
Тухел за начинот на кој добил отказ од Челси: Тоа беше шок!
-
АТПпред 4 часа
Синер му се реваншираше на Алкарас и го врати Ѓоковиќ на врвот
-
Италијапред 18 часа
Инѕаги отпиша тројца играчи за утрешното дерби, но е среќен поради формата на Лукаку