Сите информации за спортот во Република Македонија на едно место

Informaticki sportski sistem

Агенцијата за млади и спорт го промовираше новиот лик на веб-сајтот – Информатички спортски систем (iss.mk), кој има за цел на пошироката јавност да и ги презентира сите информации поврзани со македонскиот спорт, спортските федерации и клубови, стручните лица, спортските објекти, спортските стипендии, награди и признанија кои ги доделува АМС, традиционалните спортски манифестации и сите активности кои ги презема оваа државна институција во делот на спортот.

Iss.mk е модерен електронски прозорец до сите информации за спортот во Република Македонија. Согласно концептот, секоја национална спортска федерација ќе има пристап до базата и ќе може да го надополнува сајтот со нови и свежи податоци околу настаните и календарот на активности во тој спорт. Во базата на податоци се и листите на сите досегашни спортисти кои се носители на соодветни стипендии од страна на Агенцијата за млади и спорт, носителите на највисокото Национално спортско признание, популарната “спортска пензија”, како и носителите на државната награда од областа на спортот “8-ми септември”.

Податоците на веб-сајтот постојано ќе се ажурираат и дополнуваат, а спортистите, рекреативците и граѓаните ќе имаат можност да се информираат и за спортските објекти и спортските настани на целата територија на државата. На оваа веб-страна се дадени и генералиите, односно контакт-информациите за спортските федерации и спортските клубови, кои согласно законот се регистрирани и се членки на матичните спортски федерации.

Facebook Коментари