Синот на Димушевски: Вуле е свесен, но се уште е во критична состојба!

aleksandar dimusevski skopje 2017

Александар Димушевски – Вуле беше организатор на денешната кружна трка во Скопје како фронтмен на „АКК Примо АВЈ“, но заврши во болница при излетувањето на Урош Бркиќ на стартно-целната рамнина додека траеше трката од Дивизијата 4.

„Дерби“ вечерва разговараше со Влатко Димушевски, син на поранешниот македонски шампион, кој не информираше дека неговиот татко е хоспитализиран и дека се направени многубројни снимки за испитување на скршениците.

– Досега докторите направија повеќе интервенции, но се уште се стеснуваат да кажат дека е сосема надвор од животна опасност. Најмногу проблеми создава повредата на градите и белодробните крила, поради која сите стравувавме. Вуле е свесен, но додека не добиеме официјална потврда за неговото здравје не можеме да се опуштиме,- ни рече Влатко Димушевски.

Претходно, докторите констатираа повеќе скршеници, од кои една на ногата, и некои на ребрата, поради што тој во имобилизирана состојба беше префрлен од итната медицинска помош во болница, каде што покрај снимката од магнетна резонанца му била направена и пункција заради внатрешното крварење.

Трката во Скопје беше прва по пауза од шест години, период во кој Автомобилистичката федерација на Македонија не организираше натпревари за државен шампионат на кружни патеки.

Возачите на трки во Македонија веќе подолго време од државата бараат да го реши прашањето за изградба на патека која ќе има елементарни безбедносни услови за одржување на трки, но досега тие иницијативи немаа реализација.

Facebook Коментари