Поврзете се со нас

Млади спортисти

Силвија Митевска: Има позитивни резултати во родовата еднаквост, но ни треба посилно темпо!

Објавено

на

https://www.facebook.com/silvija.mitevska.3
https://www.facebook.com/silvija.mitevska.3

Силвија Митевска е таа која изминативе години се обидува да ја подигне родовата еднаквост во спортот во Македонија. Со својата организација тргна од една појдовна точка , а колку успеа да направи на овој план во изминатиот период ќе дознаеме од разговорот со Митевска која со спортската организација Спорт Соушал Солушнс е предводник во борбата за поголема родова еднаквост во спортот.

Долго време Вие и вашата организација работите на темата на родова еднаквост во спортот. Дали има видливи резултати?

-Има позитивни исчекори и резултати, но не со темпото кое би сакала да го видам. Спортот, креиран од мажи за мажи, долго време важеше за поле резервирано за мажите. Оттаму, не е лесно да се направат овие промени, прво затоа што не е лесно да се препушти моќта на некој друг, а второ, затоа што жените толку многу се оддалечени од спортскиот сектор што имаме предизвик да ги вратиме назад. Штом завршат спортска кариера, најчесто работат надвор од доменот на спортот, што е огромна штета затоа што така и државата го губи нивниот потенцијал и спортот не се развива на инклузивност и различност. Ова е комплексен проблем и бара комплексно решение, но пред сѐ бара одлучност и издржливост од сегашните лидери на националните спортски федерации да направат храбри чекори, најпрво во структурите на организациите кои ги водат, во спортските политики, како и во разбирањето и прифаќањето на родовата еднаквост како нешто што може само да биде додадена вредност на спортот.

Какво е искуството кај нас, дали мажите ја разбираат и поддржуваат потребата да се унапреди родовата еднаквост?

-На родовата еднаквост треба да се гледа како на интегрален дел од принципот на добро владеење, а не како изолирана тема. Еднаквоста е и човеково право, како и пристапот до спорт и игра. Потребата за еднаквост се однесува на креирање еднакви можности и пристап до спортот и неговите ресурси, што моментално недостасува во македонскиот спортски сектор. Девојките и жените во спортот се соочуваат со структурни и културно-социолошки бариери, започнувајќи од баналности како немање пристап до спортски сали за тренинг или немање соодветни термини за тренинг, бидејќи при доделување на атрактивните термини предност имаат машките спортски клубови. Дополнително, тие се соочуваат со недостаток на опрема, вклучувајќи спортски униформи, недоволно финансирање, помали плати и дневници. Родовиот јаз е особено изразен во државното финансирање и во раководењето на спортските организации.Моментално, во рамки на европски проект, спроведуваме истражување фокусирано токму на оваа тема и наскоро ќе објавиме точни и прецизни информации.

Кои се моменталните активности на кои работите сега за да се надминат овие предизвици?

Истовремено, работиме на подигнување на свеста кај девојките за нивните права и способноста да препознаат родово-дискриминаторски ситуации. За жал, многу вакви практики со децении се нормализирани и прифатени како стандарди. Со успешни поранешни и сегашни спортистки и жени тренери низ Македонија, организираме работилници за зајакнување на девојките и подобрување на нивните лидерски вештини. Такви беа и изминатите работилници во Куманово, Гостивар, Битола и Тетово, поддржани од Француската амбасада во Скопје.Дополнително, спроведуваме истражувања во овој домен бидејќи досега имаме само една изготвена родова анализа. За да креираме нови, инклузивни политики, потребни ни се навремени податоци.

Потребна ни е едукација на различни чинители, вклучувајќи:

  • Спортските новинари, за коректно портретирање на спортистките и поголема застапеност на женскиот спорт во медиумскиот простор.
  • Креаторите на политики, за да ги следат позитивните примери од европските земји каде државното финансирање е условено од степенот на интегрирана родова еднаквост во нивните политики.
  • Менаџментот на националните федерации, за да ги направат структурните и статутарните измени за да бидат родово-одговорни организации.
  • Менаџментот на асоцијациите за тренери, за да вклучат сензитивизирање на тренерите во своите програми.

Дополнително, работиме на подигнување на свеста кај пошироката јавност за родовите стереотипи и колкава штета има општеството ако девојките и жените не го искористат својот потенцијал за развој на спортот.

Дали имаш посебна порака за девојките и жените од спортот кои го читаат ова интервју?

Се надевам дека овој текст ќе го прочитаат и многу мажи од спортот, зашто без нивната поддршка, борбата за подобар спорт ќе биде многу потешка и подолга. Речиси 97% од федерациите се предводени од мажи, што значи дека моќта за промена е во нивни раце. Секако, федерациите делуваат во автономија, но таа автономија е условена, и доколку не се почитуваат основните принципи на добро владеење, правото на автономија е загрозено. Јас сум секогаш поборник за проактивно, наместо реактивно делување. Се надевам дека како општество ќе созрееме, ќе научиме од грешките и ќе најдеме сили да креираме прогресивни спортски политики.

Што се однесува до сите спортистки и спортски работнички кои нѐ следат, посакувам само да разберат дека имаат право да бидат подеднакво третирани и вреднувани како нивните машки колеги. И, секако да користиме феминитиви како ,, спортистка“ и да го  направиме јазикот и спортот рамноправен и инклузивен за сите.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни