Шпанецот е непобедлив во Америка: Маркез не им даде никаква шанса на ривалите во Остин

markez-ostin1

Марк Маркез доби казна од три стартни позиции поради непрописно попречување на Маверик Вињалес за време на вчерашните квалификации, но тоа очигледно како само да го мотивираше да го покаже своето најдобро издание на својата омилена трка.

Актуелниот светски шампион стартуваше од четвртото место, но само по половина круг изби на првото и до самиот крај со перфектно возење без ниедна грешка не дозволи никаква неизвесност на патеката во Остин. За Марк, ова шеста последователна победа на трката за Големата награда на Америка, а уште поинтересно е тоа што Маркез има серија од 10 победи во низа на трките кои во изминативе години се возеа на американско тло.

Покрај неговото маестрално возење, вреди да се напомене дека Маверик Вињалес ја доби битката со Андреа Јаноне кои завршија втор и трет, додека Валентино Роси напредуваше две места и заврши како четврти. Петтото место му припадна на Андреа Довициозо, шести заврши Жоан Зарко кој повторно потклекна на крајот, додека фантастично седмо место со скршеница на раката освои Дани Педроса. Меѓу првите десет уште се најдоа Рабат, Милер и Еспаргаро.

 

 

Facebook Коментари