Поврзете се со нас

Шах

„Шоу“ на македонските шахисти на меѓународниот турнир во Аранѓеловац

Објавено

на

Интернационалниот мајстор Никола Николовски е победник на силниот меѓународен шаховски турнир што се играше во Аранѓеловац, Србија, при што го освои првото место со 7,5 поени од можни 9.

Успехот на Николовски е дополнет со второто место на 17-годишниот Емил Ристески, кој имаше само половина поен помалку, но и тоа беше доволно за да стигне до својата прва норма за титулата Интернационален мајстор, откако лани стана ФИДЕ мајстор.

На турнирот играа десет играчи од кои покрај нашите претставници, двајца беа од Турција, двајца од Русија, тројца од Србија и еден од Индија.

– Задоволен сум од настапот, заедно со Емил покажавме квалитетна игра и затоа сметам дека резултатот е заслужен. На овој турнир имаше многу млади играчи кои се бореа да освојат норма за Интернационален мајстор и повеќето од нив играа подобро отколку што нивниот моментален рејтинг тоа го покажува. Затоа сметам дека воопшто не беше лесно, но само Емил успеа да освои таков „бал“. И двајцата освоивме нови рејтинг бодови, со што си го исполнивме зацртаното. Се надевам на поуспешни следни турнир, за жал јас на овој собир не можев да играм за велемајсторска норма,- изјави за „Дерби“ победникот ИМ Никола Николовски.

– Одигравме добар турнир и задоволен сум од мојата игра. Целта пред турнирот беше да се освои „бал“ за ИМ и пресреќен сум што тоа ми успеа. Исто така, и јас и Никола освоивме рејтинг поени, што укажува дека сме играле добро. Турнирот беше напорен и тежок, освен што играв против силни шахисти со титули на интернационален мајстор и велемајстор, играа и млади играчи кои се посилни од својот актуелен рејтинг. Веќе втора година како работам со тренерот ВМ Трајко Недев и планот ми е до крајот на 2023 година да освојам и титула велемајстор,- изјави ФМ Емил Ристески, кој се уште е ученик во средното училиште „Јахја Кемал“.

Просечниот рејтинг на играчите на турнирот беше 2.241, а за илустрација Отвореното првенство на Македонија што се играше во Струга беше со просечен рејтинг од 1.709.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни