Поврзете се со нас

Шах

ШК Мулти Есенс се позиционираше меѓу фаворитите по пет одиграни кола

Објавено

на

Стефан Мелник (ШК Мулти Есенс)
Стефан Мелник (ШК Мулти Есенс)

Во Струга се одигруваат мечевите од Втората шаховска лига на Македонија, при што вчера се одиграа партиите од петтото коло, а со тоа турнирот влезе во втората половина.

Токму во ова коло се случи дерби-мечот во кој се сретнаа две од екипите што се издвоија на врвот на табелата: ШК Нов напредок од Штип и ШК Мулти Есенс од Скопје. Тимот на младинците од шаховската школа на ШК Алкалоид имаше водство во мечот благодарение на победата на шеснаесетгодишниот Стефан Мелник (1.874) на шестата табла, откако другите партии завршија со реми и остана да се игра само на третата табла, каде што ФМ Дејан Динев (2.216) ги имаше белите фигури против Теодор Јовановски (2.112). Ветеранот Динев, кој во претходните четири кола четирипати одигра реми, во завршницата на оваа партија стигна до цел поен и со тоа го израмни резултатот во мечот.

– Се покажа дека имаме добар основен состав и дека странските играчи како засилувања одлично се вклопија. Во глобала сум задоволен од прикажаната игра бидејќи настојуваме да играме борбено, без калкулации, со јасна цел. Ќе биде клучно да се задржи свежината до крајот. Во претпоследното коло нѐ очекува меч со директен конкурент, екипата на ШК Кочани, па очекувам токму таа свежина да одлучи – изјави ВМ Трајко Недев, кој е капитен на тимот на ШК Мулти Есенс.

Ова беше прв нерешен исход за штипскиот тим, кој е прв на табелата со 9 бода (од можни 10), додека, пак, младинците на ШК Мулти Есенс имаат 8 бода, бидејќи претходно, во третото коло, имаа уште еден нерешен резултат со МШК Центар.

Кон двете водечки екипи се приклучи и ШК Кочани, кој со 5 : 1 ја совлада ШК Шкендија од Тетово, па сега, исто така, има 8 бода.

Во другите мечеви ШК 7 ноември од Гевгелија со 3,5 : 2,5 го совлада ШК Ласкер од Охрид, а МШК Центар беше подобар од ЖШК Прилеп со 4,5 : 1,5. Во последниот меч ШК Карпош убедливо славаше над ШК Шах шех од Битола со 5 : 1.

Денеска на програмата се шестото и седмото коло, во кои ШК Мулти Есенс прво ќе игра со ШК Шах шех од Битола, а попладне со ШК Шкендија од Тетово.

Во согласност со пропозициите, во највисокиот ранг на натпреварување ќе одат само двете најдобри екипи од Втората лига, а правото на настап во Првата лига ќе им важи за идната 2025 година.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни